Околу 80 луѓе кои според Уставот се задолжени да им понудат заштита на граѓаните чии права биле прекршени од државниот апарат, останаа без плата, со преполовен кадар, во долгови и без раководители кои се клучни во носењето на одлуки по одредени предмети.
Функционирањето на механизмот за заштита на граѓанските права „Народен правобранител“ се наоѓа во безизлезна ситуација, откако првиот човек Насер Зибери замина во пензија во јули минатата година, велат вработените во допис до јавноста.
Клучниот проблем настана годинава, кога институцијата влезе во тотална блокада затоа што му истекоа овластувањата на заменикот правобранител кој во отсуство на избран шеф, ги потпишуваше документите за работа и плата.
„Поради ова се запрашуваме, дали државата има потреба од ваква институција или не“, се вели во дописот на вработените до медиумите.
Станува збор за институција на која главна задача и е заштита на човековите слободи и права, а воедно е и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите.
„Воедно, ве известуваме дека како институција за заштита на човекови слободи и права сме член во повеќе меѓународни организации во кои сме влегле со многу труд и заложба на вработените, за што редовно плаќаме членарина, но поради севкупно опишаната состојба, нашето членство ќе биде ставено под знак прашалник, по што ќе следи наше исклучување и јавно прозивање во меѓународните организации“, се вели во дописот што вработените го испратија до Собранието.
Во него бараат од пратениците да изберат Народен правобранител кој ќе ја потпише завршната сметка и ќе обезбеди постоење на институцијата Омбудсман, плати за вработените, пари за кирии и комуналии.
Дополнително од 9-те заменици на Народниот правобранител, само двајца останаа на работа, затоа што на дел од седумте им истече мандатот, додека други се пензионираа.
Бадентерово мнозинство „виновно“ што доцни изборот
Изборот на нов правобранител е во застој затоа што е потребно бандетерово мнозинство во Собранието за да може да се изгласа предлог канидатот кој го утврдија пратениците во Комисијата за избор и именување, Фатон Сељами.
Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентеровиот принцип.
Мнозинството располага со најмногу 14 гласови по Бадентер, а недостасуваат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер(гласови од пратениците кои припаѓаат на немнозинските заедници). Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинските заедници.
Видете и ова: Институцијата што ги штити граѓанските права остана незаштитенаТоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).
Од опозициската коалиција НАИ велат дека не го прифаќаат Сељами и нема да гласаат за него.
„Тој е партиски војник и потребен е друг посоодветен кандидат“, повтори неодамна портпаролот на ДУИ Арта Зендели.
Собранискиот спикер Африм Гаши, пак објаснува дека е тешко веројатно дека ќе се исполни барањето на опозицијата.
„Ако се почне нова процедура од почеток тоа ќе го заглави процесот на избор уште повеќе. Не знаеме кој ќе се пријави, дали ќе биде соодветно, така што мислам дека влегување во таков процес ќе го ризикува процесот во целина. Сега кога е блокирана институцијата ќе биде голем проблем, ако започнеме нова постапка“, рече Гаши пред новинарите.
Тој додава дека на координативните средби во Собрание, никој не се жалел ниту го оспорувал предложениот кандидат за нов Народен правобранител. На прашањето дали тоа значи дека следува политички пазар, Гаши вели дека ќе зависи од политичките преговори.
Забелешки за Сељами доаѓаат и од граѓанскиот сектор
Невладините организации здружени во „Мрежата за заштита од дискриминација“ реагираа со „вознемиреност и огорченост “ за начинот на кој се води процесот за избор на нов народен правобранител.
„Кандидатот кој се форсира во постапката, се води како член на Централното претседателство и Централното собрание на политичка партија, како и актуелен општински советник“, се вели во нивното соопштение, каде што се потсетува дека според законот е забрането партиски кадар да биде Народен правобранител.
Видете и ова: Гаши апелира што побрзо да се избере Народен правобранителПоранешниот прв човек на институцијата Народен правобранител Насер Зибери се прашува дали „неодговорното однесување на парламентарносто мнозинство“ со неизборот на нов шеф а институцијата е само рефлексија на страв од контрола или почетна дрскост на една авторитарна власт?“
„Ако оваа институција ја преполовите де факто правите атентат врз една институција која се обидува да ги штити правата на граѓаните од постапките на органите на државната власт односно од органите на управа на единиците на локалната управа кои вршат јавни овластувања. Се нема слух за заштитата на правата на граѓаните. Значи институциите можат да си постапуваат да ги повредат права на граѓаните, а како рефлексија на тоа граѓаните да немаат каде да тропнат да ги побараат нивните права“, вели тој во интервју за Топ Тема.
Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и заврши по 4 и пол години. Според законот мандатот треба да трае 8 години, но Зибери го заврши порано, поради пензија.
На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше Зибери како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.