Кандидат за судија на Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права на интервјуто пред Комисијата за избор ги читал повеќето од одговорите од тефтер, сведочат претставници на мрежата невладини оргнизации, Блупринт група за реформи во правосудството, кои добија можност да ја следат единствената фаза во процесот за избор, а тоа се интервјуата со кандидатите.
Ваквиот потег за нив остава сомнеж дека кандидатот имал спремни одговори, бидејќи тој бил дел и во претходната, поништена постапка од Владата.
Претседателот на Комисијата, кој воедно е и претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски ваквите забелешки во извештајот ги нарекува субјективни впечатоци.
„Јас таков впечаток не добив, а јас го водев интервјуто. Не забележав такво нешто искрено да ви кажам. Не знам ни тоа дали може да биде нешто спорно ако човек си има потсетник на пример или тези некои што сака да ги каже сега или да да може да антиципира прашања“, изјави Костадиновски за РСЕ.
За време на интервјуто на кандидатот, според Блупринт групата, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, се воздржала од поставување на прашања заради избегнување на конфликт на интерес, иако била меѓу членовите на комисијата кои на сите интервјуа заземаат активна улога.
Државната комисија за спречување на корупцијата во текот на постапката се произнесе за повеќе случаи за потенцијален судир на интереси на релација членови на Комисијата во однос на кандидати за судија со препораки за изземање на члнови на Комисијата.
Такви случаи за потенцијален судир на интереси имаше за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во однос на кандидатот Сашо Георгиевски, кој му бил ментор на докторските студии, потоа директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирена Трајковска Стрезоски дека е во потенцијален судир на интереси со двајца кандидати - Илир Исеини, нејзин заменик директор и Али Алиу член на Управниот одбор на Академијата. За истите двајца кандидати, ДКСК постапуваше и за потенцијален судир на интереси и кај членот на Комисијата, Бесник Авдија, кој е претседател на Управниот одбор на Академијата.
Но, од Блупринт групата посочуваат дека иако Комисијата се заложила за почитување од одлуките од Антикорупциска, не се знае во која фаза тие биле применети.
Како клучен проблем наведуваат дека одлуките на ДКСК се донесени по завршувањето на интервјуата, внатрешните дискусии и формирањето на впечаток за кандидатите кои се суштинскиот дел од постапката.
„Иако Комисијата за избор јавно информираше дека ќе ги почитува насоките на ДКСК, не постојат јавно достапни податоци дали и на кој начин членовите реално се иззеле од одлучувањето, ниту пак дали ова изземање било применето доследно за сите фази (евалуација, дебата и гласање), или само за финалниот чин на гласање. Во отсуство на објавена ранг листа, јасно образложение за рангирањето и увид во бодовите на сите кандидати, не е можно да се провери дали препораките за изземање навистина биле применети“, пишува во нивниот извештај.
Костадиновски за РСЕ вели дека антокорупционерите ги запреле постапките и им дале препораки како да постапкат.
„Имавме препораки сите тројца - и јас и претседателот на основниот граѓански суд и директорката на Академијата за да не се остави сомнеж како потенцијален судир за интереси“, вели тој.
Меѓутоа, за него не е проблематичен аспектот дека одлуките на Антикорупциска се почитувани во последната фаза, а не во целата постапка за спроведување на огласот.
„Ние таа препорака ја испочитувавме во последната фаза, во фазата на избор. А сега да ви кажам зашто не е релевантно во фазата на административна селекција, затоа што едногласни беа одлуките. И тоа го имаме на записник. Значи едногласни беа. Дури и да е постоел потенцијален или тогаш да биле во во во сила препораките, самата едногласност на одлуките го отфрла сомнежот“, вели Костадиновски.
Како течеа интервјуата?
Во постапката беа интервјуирани 11 кандидати. Како што пишува во извештајот, иако за секој било предвидено времетраење од 30 минути, реалната динамика варирала од 16 до 52 минути, што е оценето како значително отстапување од просекот.
Сите членови на Комисијата не поставувале прашања на секое интервју, а прашањата не беа воедначени по број и содржина. Набљудувачите од Блупринт групата не забележале дека се користат стандарди за оценување или формулари за белешки, што би овозможиле пообјективна споредба меѓу кандидатите.
„Сето ова упатуваше на недостиг на методологија за спроведување на интервјуто, оценување на кандидатите, или акт во кој е уредена постапката, односно начинот на работа на комисијата“, пишува во извештајот.
Сепак, претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски вели дека не е точно дека немале методологија, со образложение дека пред да пристапат кон интервјуата, членовите се договаравме како ќе поставуваат прашања.
„Не е кантар ова, горе - долу нема големи осцилации. Најкраткото беше 5 -16 минути, меѓутоа доволно е, ние сме наполнети со информации пред да пристапиме кон интервјуата. Значи ги знаеме биографиите на луѓето. Кога се спроведува интервјуа не ни знам дали постои некоја специјализирана методологија за интервјуирање, него некогаш и од самите одговори ве тригираат да поставувате прашање“, изјави Костадиновски.
Тројцата кандидати на разгледување во Советот на Европа
На 26 ноември, Комисијата ги избра тројцата кандидати како предлог на Северна Македонија од кои ќе се избира идниот судија во Европскиот суд за човекови права.
Станува збор за адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска и професорот Сашо Георгиевски. Како што рече Костадиновски, нивните кандидатури веќе се испратени на разгледување.
„Вчера го потпишавме документот сите членови, упативме писмено до Министерството за надворешни работи во кое го кажавме нашиот избор. Дадовме извештај за фактичката состојба, значи од формирањето на комисијата до последниот чекор со образложенија. Ги приложивме биографиите на избраните кандидати и замоливме Министерството за надворешни работи на соодветен начин да ги проследи до експертскиот панел за да се добие нивно мислење дали ги исполнуваат критериумите или не“, вели Костадиновски.
Во зависност од одговорот, Комисијата треба да ја информира Владата дали нејзиниот избор го добил или не зеленото светло од експертскиот панел.
Потоа, процедурата налага спроведување постапка на интервјуирање од Комитетот при Советот на Европа, па предлогот оди на пленарен состанок на Совет на Европа. Следниот е во јануари. Дали ќе се запазат роковите, засега е неизвесно.
Втор обид за избор на судија во Стразбур
Ова е втора комисија и втора постапка за избор на судија во судот во Стразбур. Владата ја поништи првата постапка и донесе одлука за формирање нова комисија и распишување нов јавен конкурс.
Одлуките за поништување на првата постапка, распуштањето на комисијата и нејзиното повторно формирање не беа јавно достапни, ниту пак за нив имаше детално образложение зошто тогашните кандидати не ги исполнуваат условите.
Формалната одлука до овој момент не беше јавно објавена и образложена, ниту доставена до кандидатите кои учествуваа во постапката - обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Ристоска напиша дека не е изненадена од одлуката за поништување и дека било само прашање на време кога тоа ќе се случи. Објави и дека добила укажувања да ја повлече кандидатурата.
Апостолски се пријави и на новиот конкурс и дел од тројцата кандидати меѓу кои ќе се врши сегашниот избор.
Европскиот суд за човекови права и слободи е надлежен да постапува по индивидуални или меѓудржавни жалби, на сите оние тужители кои се незадоволни од судските процеси во матичните земји и ги исцрпеле сите правни средства, па како крајна инстанца се жалат пред ЕСЧП.
Од фебруари 2017 година, Јован Илиевски беше избран да биде судија од Северна Македонија во судот во Стразбур. Неговиот девет годишен мандат истекува на 1 фебруари 2026 година.
Неговиот избор за тогаш се поврзуваше со неговиот баџанак, екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Тој дојде на оваа позиција од шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, именуван во времето на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако во тесно мнозинство во трката пред Илиевски водеше Наташа Габер - Дамјановска, сепак, Парламентарното собрание со тајно гласање го избра обвинителот Јован Илиевски за судија од Северна Македонија во Европскиот суд.