Владата подготвува рез на 40 отсто од државните институции

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Минчев: Спремни сме за избори утре, но годинава не се очекуваат предвремени

Владина група работи на пошироката реорганизација на државните институции со која е предвидено да се направи спојување или укинување на одредени институции, изјави министерот за администрација Горан Минчев. Тој во интервју за Слободна Еврпа посочи дека како Влада имаат задача да намалат 40 проценти институции. Целта е да се скратат функционерските позиции и управните одбори, а вработените да се преземат.

Министре, велите дека ќе ставите крај на партизацијата со законот за директори, членови на управни одбори, професионалци. А во меѓувреме, советот на Град Скопје донесе одлука со која што именува 117 членови на управни и надзорни одбори. Каква порака ви дава ова за системот во кој што функционираме? Што ви кажува оваа слика?

Целта на овој закон, односно донесувањето на овој закон за висока раководна служба, е да спречи таква можност каде што ,сепак, согласно законските решенија во овој момент со одредени минимални критериуми постои можност да се именуваат такви членови на управните одбори.

Овој закон за високите раководители е на агендата на Министерството за јавна администрација за оваа 2026 година и е еден од клучните закони кои што опфаќа околу стотина институции.

Имено, се работи за функционерските позиции, тука пред се мислам на директорите и замениците директори, членовите на управните одбори и директорите, со кои што за прв пат се регулира постапката, начинот и именувањето на овие функционери.

Токму во тој контекст додека вие како претставник на владата заговарате, односно креирате закон со кој што ќе се избираат директори и челнови на управни одбори професионалци, локалната самоуправа именува во нетранспарентна постапка членови на управни и надзорни одбори, а претпоставувам наскоро ќе има и директори.

Не би сакал да прејудицирам одговор кој што доаѓа како прашање за некој друг. Ние разговараме за овој закон кој што се однесува на стотина други институции, меѓутоа, претпоставувам дека овие именувања на членови на управни одбори се согласно законските решенија и затоа велиме дека треба реформи во рамки на постоечките законски решенија.

Овој закон како што кажав опфаќа околу стотина институции и регулира и она што е битно да се напомене, три важни пунктови.

Прво, комплетно го регулира начинот, постапката и критериумите за именување на овие високи раководни функции, како што кажав тоа се директорите, членовите на управните одбори и државните секретари.

Понатаму под број два, е битно што треба да се напомене дека ги крати бројот на членови на управните одбори. Да потсетам дека до сега ние имаме јавни претпријатија, фондови и други органи на државната управа кои што бројат пет, седум па и девет членови на управни одбори, а ние во овој закон ги ограничуваме на три, што секако прави огромни заштеди во буџетот на Република Македонија.

Видете и ова: Закон да се департизира или да се „зацементира“ политичкото влијание во администрацијата?

И под број три, онаа алатка за која што постојано е тема во општеството, а тоа е ВД позицијата, ја ограничуваме на максимум шест месеци и веднаш потоа да следи распишување на јавен оглас конкурс за одредена функционерска позиција. Што значи тоа се основните постулати на овој закон за висока раководна служба.

Зошто опфатот на овие постулати за кои што зборувате за професионалност во овој закон е толку мал? Станува збор сами рековте за стотина институции. Под раководство на владата ,според последните податоци од регистарот на Министерството за администрација, има 400 институции. Под капа на општините има уште 800 други. А овој закон опфаќа само стотина институции. Зошто опфатот во старт на темелот е толку мал?

Па не би се согласил со вас дека темелот е мал затоа што како што констатиравме под владина капа се повеќе од 100 институции. Меѓутоа, тоа е цел на следното законско решение, тоа е законот за организација и работа на органите на државната управа во која што согласно нашата агенда треба некаде да се донесе до крајот на оваа година, меѓутоа секако постои работна група која што веќе работи на тоа решение која што е во рамки на Владата составена од повеќе претставници каде што конечно ќе се регулираат и сите други институции кои што се под капа на државата.

Тука пред се мислам на спојување или пак интегрирање на одредени позиции, пардон институции кои што сметаме дека не треба да постојат или пак се со слични или идентични содржини, односно активности како некои други органи.

Што значи имаме преклопување на надлежностите на некои институции со други институции. Тоа е сериозен закон, многу тежок, кој што се носи со двотретинско мнозинство и се надевам дека во идната година ние ќе успееме да го донесеме и практично тоа е клучот на завршетокот на организациската форма на реформите во јавната администрација. Што значи ние имаме обврска како држава да намалиме 40% буџетски корисници од овие институции и се надевам дека во тоа ќе успееме.

Што значи тоа 40% од овие институции?

Хипотетички да кажам ако постојат 100 ние треба да направиме еден рез од 40% надоле, да останат 60 институции. Односно не е тоа централизирање на институциите, туку тоа е кратење на буџетските корисници.

Односно имаме институции, еве со пример тоа да го доловам кои што имаат еден директор, пет члена управен одбор и двајца вработени. И никој не знае за каква намена се формирани. А се преклопуваат со функционирањето или пак надлежностите на друга институција.

И ние тука директно ќе удриме кон функционерските позиции, вработените би сакале да ги превземеме, но со намалувањето на членовите или пак укинувањето на членовите на управни одбори и на директорските, заменик директорските позиции директно атакуваме на она што го велиме партизација на администрацијата бидејќи претежно сите тие функционери доаѓаат од некои партиски редови.

Кога зборуваме за раководните функции, кога ќе дојдат на ред во реформите за јавната администрација раководните функции во јавните установи, во образованието, во здравството, во театрите? Таму се уште министрите и градоначалниците имаат дискреционо право да одлучат кој ќе биде назначен како директор.

Јас би го поделил ваше прашање на два дела. Она што се однесува за вработените во јавниот сектор, тука пред се мислам на оние институции кои што се под локалната самоуправа од типот на јавните претпријатија, градинките и така натаму се уредени во претходните закони кои што ги носевме и тоа е веќе почнат процес.

Конкретно во законот за административни службеници, законот за вработени во јавниот сектор каде што наметнуваме сериозни критериуми за јавните огласи кои што овие институции ги распишуваат.

Видете и ова: Раководни функции по заслуги – предлог законско решение за вработување во јавната администрација

Тоа значи посилна администрација, појаки критериуми, посложен процес и секако подобра поквалитетна односно администрација со знаење. Во вториот дел на вашето прашање за овие институции за кои што споменавте кои што се во надлежност на различни министерства или под надлежност на различни министерства секако постојат закони кои што ги опфаќаат овие закони од административни службеници и вработени во јавниот сектор, но исто така се регулирани во рамки на посебни закони која што секоја област ги опфаќа.

Ги спомнавте критериумите за станување директор во, на пример, основно училиште или градинка. Според последните измени на законот потребно е за еден директор во основно училиште да биде назначен да има сертификат за познавање на англиски јазик од ниво Б2. Додека со новиот предлог закон за висока служба во државната управа за назначување на директор на државна агенција за пример на нафтени резерви потребно е само како што се вели во законот активно познавање на јазикот. По која логика се поставени вака различно критериумите?

Па јас мислам дека тие во наредниот период ќе се дорегулираат затоа што имавме неколку дискусии на Влада барајќи го тој сертификат кој што државата го нема за познавање на англиски јазик. И се доведувавме во состојба да овој сертификат, одредени кандидати за директорски позиции го набавуваат од странство.

Што сметавме дека не е во ред, па во минатото имаше и исто така некои функции во кои што се констатираше дека тој е лажен сертификат.

Ние тие аномалии сакаме да ги отстраниме, односно да ги прилагодиме на нашата реалност, на нашето општество и сметаме дека оваа измена е добра со познавање на англиски јазик.

Ги спомнавте вршителите на должност на почетокот на интервјуто. Поранешните антикорупционери бараат целосно укинување на терминот вршител должност директор воопшто на функцијата, а во овој предлог закон кој што сега е на јавна дебата е ограничен мандатот на оваа функција. Зошто не се укине целосно ?

Па ние сметаме дека при доаѓањето на власт на било која политичка гарнитура потребен е период да се назначат в.д. директори на одредени институции и функции. Тие кои што не се со мандат односно немаат учествувано на јавен оглас, имаат свој менаџерски договор со цел да почне спроведувањето на политиките на одредената власт. Видете секоја политичка гарнитура излегува на избори, добива доверба за одредени политики, сметаме дека ова е начинот за кој што можеме веднаш да пристапиме кон спроведувањето на политиките на новата власт. Но секако она што го регулираме во овој закон е можноста тоа да биде само шест месеци.

Невладиниот сектор предупредува дека политичкото влијание останува во овој закон, конкретно посочувајќи дека мандатите на професионалците се врзани со владиниот мандат, а владата е таа која што ќе бира комисија ќе може и да разрешува. Како го коментирате ова тврдење на невладиниот сектор и домашниот и меѓународниот?

Што се однесува до овие забелешки сметам дека се неприфатливи во овој момент од која причина, прво значи ако одиме во процес на намалување на институции или пак управни одбори или членови на управни одбори, односно кратење како што е во овој закон ги намалуваме на три члена. Не можам да ја разберам потребата за формирање на ново габаритно тело кое што претставува дополнителен трошок и тежина на буџетот на Република Македонија за да се избираат овие државни функционери, односно директори, државни секретари или членови на управни одбори.

Во законот постои можност каде што вели дека ако оцени комисијата која што треба да доаѓа една централна за државните секретари од редовите на генералниот секретаријат каде што сметам дека има сериозни професионални административни службеници кои што долг период се во рамки на тој генерален секретаријат или пак друга комисија во зависност од институција каде што е конкурсот не гледам потреба за едно вакво ново тело и секако тоа ќе го разговараме со граѓанските здруженија, но и со претставници на СИГМА. Што значи процесот е контрадикторен.

Видете и ова: Законот за „директори-професионалци“ наменет само за пет отсто од институциите

Второ постои можност ако комисијата за каде што конкурира одредено лице за извршна функционерска функција ако оцени дека има потреба да се вклучуваат и претставници од невладините организации, граѓанскиот сектор може да ги повика и тие да учествуваат во изборот во смисол на стручност од одредена област или пак професионализам во зависност од функцијата за која што е распишан јавниот оглас.

По предлог законот се уште постои дискреционото право на владата односно на министерот при избор на еден од најдобрите три кандидати. Зошто не е исклучено во целост дискреционото право и не sе назначи најдобриот рангиран кандидат?

Тоа е согласно европските препораки и европските вредности затоа што ние сакаме да дадеме можност на повеќе луѓе. Видете тој процес на вработување е регулиран во фази, во фази ако зборуваме за вработувањата, за назначувањата треба да се во рамки на процесот на именување се прават и соодветни интервјуа со кандидатите така да многу е битно бидејќи еве да земеме за пример позицијата државен секретар, тоа е професионална функција но функција која што мора да ги спроведува политиките на владата. Тоа го говоревме претходно, што значи владата добила доверба и државните секретари како едни од моторите на државната администрација односно одговорни за сите вработени во секоја институција треба да ја спроведува политиката на владата.

Ако освоил 100 од 100 поени зошто да биде назначен тој што освоил 80 на пример?

Секако во тие тројца кандидати ќе бидат најдобро рангираните кандидати.

Па токму од тие тројца, ако на пример има со 100, 90 и 80 поени.

Можеби тројцата ќе имаат 100.

Зошто во предлог законот се изоставени генералниот секретар на владата и државниот секретар на Министерството за внатрешни работи?

За тоа ќе се произнесе владата за таквите забелешки, ако ме прашате за мој личен став јас мислам дека не треба генералниот секретар и заменет генералниот секретар да бидат во рамки на овој закон затоа што тие се извршни функции кои што ги именува владата и кои што практично ги следат односно ги спроведуваат политиките на владата. Тие се дел од владата.

Што значи дека генералниот секретар и заменикот врз база на своите работни обврски ги држат колегиумите односно првиот филтер се тие низ кои што поминуваат сите законски решенија од сите министерства. Оттука произлегува мојот став дека тие не треба да бидат вклучени во рамки односно да ги опфаќа ова законско решение.

Но, сепак законот е на јавна расправа, ние ќе ги разгледаме сите сугестии забелешки ќе донесеме конечна одлука пред конечни одлуки пред да го пратиме во владата.

Дали со законот за административни службеници и законот за јавен сектор може да се каже дека се маргинализираат синдикатите затоа што платата се уредува со закон а колективниот договор опфаќа само додатоци на плата?

Не може да се каже дека се маргинализираат синдикатите затоа што и синдикатите беа вклучени во јавната расправа за овие законски решенија.

И ние тука можеме да разговараме дека освен во рамки на оваа јавна расправа и јас како министер и премиерот имавме голем број на состаноци ама буквално со сите претставници на синдикатите да не речам репрезентативни синдикати.

Настана забуна во рамки на регулацијата на платите во овие закони затоа што во јавноста пробија едно мислење во кои што дел од вработените во јавната администрација сметаат дека нивните плати ќе се намалат. Принципиелно се работи за околу 1200, 1300 вработени во рамки на јавниот сектор, пред се од регулаторните тела во споредба со 128 илјади други кои што се во рамки на администрацијата и на јавниот сектор, тука пред се мислам на локалните самоуправи за кои што имаме голема дискрепанца односно разлика во платите.

Или да го посочам тоа со пример, да кажеме архивар во рамки на министерствата или било кој службеник од било кој сектор зема Икс приходи за разлика од овие регулаторни тела кои што за истата позиција и истата обврска и работна задача која што ја работат земаат 30 до 40% поголеми плати. И тоа не е океј. Но, за да ги расчистиме сите дилеми ние примената на ова законско решение односно на овој дел од законот кој што требаше да почне од 1.1.2026 година ја одложивме од 1.1.2027 со цел да направиме дополнителни консултации и да најдеме заеднички прифатливо решение за сите.

Ако ги тргнеме на страна регулаторните тела, синдикатите од останатите институции административци на пример во културата имаат колективен договор каде што тие се задоволни со него. Синдикатот е тој кој што преговара со министерството во однос на колективниот договор и уредувањето на платата. Сега со овој закон синдикатот на културата на пример нема да има повеќе право да преговара промени во плата туку само во додатоци. Платата ќе биде регулирана со закон, во превод ќе биде фиксирана.

Не, напротив не се сложувам со вас. Значи не би коментирал колективни договори кои што ги направил некој синдикат во минатото со одредено министерство. И тие се нерамноправни договори од страна на синдикатот и одредена институција во споредба со другите претставници на синдикатите кои што секоја институција ги има. Ако направиме споредба да кажеме вработените во културата земаат многу поголеми плати согласно постоечкиот колективен договор од да кажеме вработените во Министерството за образование за правда во јавна администрација во дигитална трансформација и така натаму. И тоа не е во ред.

Ние затоа сакаме да направиме системско решение во коешто ќе ги изедначиме сите административни службеници и не е точно дека не може да се направат колективни договори и сега. Тоа е последниот пример за кој кој што е актуелен односно преговорите кои што се водат со гранковиот синдикат и со синдикатот на слободната конфедерацијата на слободни синдикати кои што се за администрацијата во рамки на можноста за потпишување колективен договор со етапно покачување на платите од 8% на годишно ниво за коешто годеше кажуваше премиерот.

Како претставник на движењето Знам во владата колку сте задоволни од перформансите на вашите колеги од коалициониот партнер Вреди?

Можам да констатирам дека соработката е коректна, ги надминуваме евентуалните несогласувања и мислам дека како цела владина коалиција одиме по вистинскиот реформски пат со европски вредности, европски критериуми.

Каков е вашиот став за барањето за предвремени избори?

Движењето Знам за наша Македонија е политичка партија која што постои две години неодамна го славевме вториот роденден. Ние имаме дискутирано во партијата повеќе пати за ова прашање ние сме спремни за избори и утре. Дали е тоа паметно и дали е тоа правилно сепак тоа ќе се води во рамки на коалиционите партнери која што ја сочинуваат владата јас пратејќи ги изјавите на премиерот имам информации дека оваа година нема да има предвремени парламентарни избори но за нас како политичка партија е сеедно. Ние можеме да настапиме на предвремени парламентарни избори утре спремни сме.