Достапни линкови

Законот за „директори-професионалци“ наменет само за пет отсто од институциите

Илустрација
Илустрација

Зврши јавната дебата за реформскиот закон за високите раководни функции во која експертите и јавноста ги посочија недостатоците во, како што го нарекува власта, „историското решение за департизација на администрацијата“. Од вкупно 1.347 институции, со овој закон ќе се бираат директори само во 49.

Најмалку седум години работно искуство во областа со која ќе директорува, како и најмалку пет години искуство со раководење и управување на проекти во областа, ова се клучните услови според кои се предвидува да се избираат новите директори во државните институции со реформскиот закон за раководни служби. Ако се пријават повеќе кандидати, за нив ќе има тестови и интервјуа за работа.

Но, овие правила се предвидени да важат само за 49 директори и нивни заменици во државни институции, за 19 државни секретари и членови во 13 управни одбори, иако во Регистарот на Министерството за администрација се заведени вкупно 1.374 институции во јавниот сектор.

Со овој предлог закон, најавуван од власта како системско решение „кое еднаш за секогаш ќе стави крај на партиските вработувања и непотизмот“, ќе ги опфати само високите функции на државната управа, односно оние институции кои се директно под капа на централната, а се двојно помалку од оние под општинската власт.

Градоначалник те назначува, градоначалник те разрешува

Според регистарот на јавниот сектор, Владата е основач на 443 институции, додека под општинска власт се евиднетирани 830. Останатите се под судската и собраниска власт. Тоа значи дека ќе остане во сила правилото „градоначалник назначува и градоначалник разрешува “ директори во јавните установи и јавни претпријатија.

Експертите го опишуваат предлог законот за висока раководна служба како добар прв чекор на кој му требаат неколку исправки за да биде „поцврст и постабилен“. Овој предлог на кој му истече рокот за коментари на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР) е четврта верзија од 2017 година, кога беше најавена административната реформа.

Професорот на Правниот факултет Борче Давитковски смета дека за почеток е добар обидот да се одвои партиската политика на министерот и неговиот заменик од стручното раководење со управите, генерални секретари и слични установи, за да не ни се случува повеќе, како што вели, некој со завршен Факултет за фискултура да биде директор на Управа за која нема ни искуство ни познавање.

Но, тој забележува дека треба да се прошири опфатот на законот, односно повеќе луѓе да подлежат на новите правила.

„Ќе беше добро паралелно со овој закон да се донесат и Законот за јавни претпријатија и Законот за установи. Очигледно се оди само на класичната државна власт, но многу битен е и законот за јавни претпријатија каде што Владата ги избира управните одбори и директорите. Потребна е реформа на целиот јавен сектор за да се прецизираат условите за раководни функции насекаде“, изјави Давитковски.

Децентрализацијата пречка за битка против партизацијата

Од Министерството за администрација велат дека причината поради која е опфатот во законот е само на државната управа и фондовите е принципот на децентрализација и локална самоуправа.

„Критериумите и постапките за избор на раководители на органи и институции под надлежност на општините се и ќе продолжат да бидат уредени со релевантните секторски закони (како што се законите за локална самоуправа, образование, култура и други области), како и со подзаконски акти донесени од надлежните органи, при што општините имаат значајна улога и одговорност во тие процеси“, се вели во одговорот од Министерството за РСЕ.

Дополнително со овој предлог закон не се опфатени надзорните управи каде што Владата назначува членови, затоа што во избраните институции од државната управа нема надзорни.

СИГМА: Владиниот секретар треба да се опфати со законот

На јавната дебата за предлог законот претставниците на организацијата за „Поддршка за подобрување на управувањето“ СИГМА посочија дека со овие критериуми треба да се опфати и генералниот секретар на Владата. Дополнително Законот нема да важи за високите раководители во МВР, полицијата, агенциите за национална безбедност и Државното правобранителство.

„ Државниот секретар на такво министерство не треба да се третира одвоено од државните секретари на другите министерства“, изјави Питер Вајгл од СИГМА.

Дискреционото право на Владата да избере директор останува

Извршната директорка на Центарот за управува со промени Неда Малевска Сачмаровска вели дека вака поставените повисоки критериуми во делот на избори именување на раководни луѓе треба да биде пример за останатите секторите и во дејностите од областа на социјалната заштита, образованието, на здравството, културата, во јавните претпријатија. Но Малевска забележува дека во предлог законот треба да се утврди критериуми за да се обезбеди независност на комисијата која ќе одлучува кој кандидат е најдобриот можен за директор на одредена функција.

„Главното прашање е како ќе се обезбеди независноста на таа комисија од политичките влијанија и тоа прашање ќе остане, а праксата ќе ни покаже дали ќе успееме навистина да го изземеме влијанието барем во фазата кога се избираат трите најкомпетентни кандидати,“ вели таа.

Сачмаровска додава дека понатаму како што е предвидено во законот, по тестирање и интервјуто на кандидатите, Владата ќе го има дискреционото право да одбере кој од трите највисоко рангирание е најдобриот.

Алиу: Наместо балансер закон за правична застапеност
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:45 0:00

Давитковски додава дека тука лежи и една друга замка кога станува збор за дискреционото право, затоа што рангирањето ќе зависи од интервјуто.

„ Сепак, постои друга опасност – дискрецијата да не се изврши избор, што води до повторување на конкурсот. Досегашната практика беше дека ако не помине „нивниот човек“, конкурсот се повторува додека тој не ги исполни условите. Подобро е да мора да се избере еден од тројцата кандидати отколку да се поништи целиот конкурс, бидејќи тоа е поголемо дискреционо право“, додава тој.

Сачмаровска укажува дека клучниот дефицит во македонскиот систем не се законските услови, туку отсуството на транспарентна и меритократска постапка за селекција. Според неа, без писмено тестирање и строга верификација на искуството во областа на канидатот кој сака да биде директор преку докази, изборот се сведува на субјективни интервјуа кои го отвораат патот за политички влијанија.

Сачмаровска потенцира дека враќањето на довербата кај граѓаните е можно само преку процес во кој најдобрите кандидати ќе се филтрираат низ објективни фази, со што во финалниот избор ќе влезат исклучиво компетентни професионалци.

Според Вајгл во предлог законот спорен ќе биде и мандатот на избраните директори и државни секретари, затоа што добрата пракса покажала дека е потребно нивните мандати да бидат најмалку една година подолги од владиниот мандат.

„Ова не е случај со тековниот нацрт, а особено во случајот на државните секретари. Позициите се директно поврзани со функционирањето и во таа смисла со условите на владата. Ова не обезбедува соодветно професионално и стабилно функционирање на врвниот менаџмент во овие големи организации. Затоа, дефинитивно предлагаме ова да се преиспита“, изјави Вајгл.

Сертификат за англиски јазик веќе не е услов

Една од повпечатливите промени во предлог законот е тоа што се укинува обврската за меѓународни сертификати за англиски јазик кои досега беа формален услов за многи извршни функции.

Наместо тоа, кандидатите ќе треба „активно да се служат“ со еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ (англиски, германски или француски).

Според досегашната пракса, директорите во училиштата и болниците мора да имаат меѓународен сертификат за познавање на јазик, како дел од критериумите за назначување. Од друга страна пак, со предлог законот за висока раководна служба, на пример директорот на Агенцијата за задолжителни нафени резерви или пак за Агенцијата за иселеништво, треба „активно да се служи со еден од трите најчесто користени јазици во Европската унија (англиски, германски или француски).

Според Министерството за администрација причината за ваквата разлика во условите за директорите е во природата на надлежностите и обемот на работата на конкретната институција.

„Кај независните регулаторни и надзорни тела, како што е Комисијата за заштита на конкуренцијата, активното користење на еден од јазиците на Европската унија е поврзано со потребата од меѓународна соработка, учество во европски мрежи и следење на ЕУ-регулативата. Од друга страна, кај директорите на основните училишта, барањата за познавање на англиски јазик се утврдени согласно важечката образовна регулатива и се поврзани со образовните политики, меѓународните програми и развојот на образовниот систем“, се вели во нивниот одговор за РСЕ.

Професионализацијата на администрацијата во земјава зависи од политичката волја, или од тоа колку е власта подготвена да се откаже од контролата врз кадровските решенија во име на квалитетот. Сè додека правилата за избор важат за едни, а за други остануваат во сила „дискреционите права“, административната реформа може да биде само половично решение, велат експертите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG