Кинеските заеми носат ризик од политичка зависност на Балканот

Дебата за предизвиците од кинеските глобални економски амбиции

Резиме

  • ЕУ не смее да ја повтори „руската грешка“ со Кина, изјави европратеничката од Словачка Мирјам Лехман на дебатата во Скопје
  • Кина за ЕУ е истовремено системски ривал, трговски партнер и неопходен соработник за глобални прашања како климатските промени, вели заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Бен Нупнау
  • Ние увезуваме технологија и готови производи, а извезуваме суровини во Кина, тоа не е одржлив модел на економска соработка на долг рок вели пратеникот Фатмир Битиќи.

Европската Унија се соочува со огромен безбедносен и економски ризик поради својата зависност од Кина, повторувајќи ги истите стратешки пропусти што беа направени со Русија пред војната во Украина. Ова предупредување од говорница во Скопје го даде европратеничка Мирјам Лехман од Словачка која беше дел од трибината „Глобалната Кина и стратешките одговори на Европа: Импликации за Северна Македонија“, во организација на ЕСТИМА.

Европратеничката Лехман, во својот говор истакна дека не треба да се потцени економската зависност од Пекинг како што, вели таа, Брисел го стори со енергетската зависност од Москва. Оваа паралела Лехман ја поврза со изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ со кој, како што тврди, се продлабочила зависноста на Унијата од Русија што довело до денешната агресија врз Украина.

„И се обидувам да ја пренесам оваа порака до Европскиот парламент, дека не смееме да ја направиме истата грешка по втор пат. Знаеме дека нашата зависност од Кина е безбедносен и економски ризик. И не можеме да ги затвораме очите пред оваа зависност“, изјави таа.

Видете и ова: Од училници до ТикТок, кинескиот притисок на мека моќ се шири на Балканот

Таа цитирајќи изјава од американскиот државен секретар Марко Рубио, посочи дека навиката светот да го предводат демократски земји ќе се смени ако водечките економии се тоталирани режими.

„И ова мора да се има на ум, дека ние веруваме дека не е важен економскиот ривалитет меѓу САД и Кина, меѓу ЕУ и Кина. Но, резултатот ако Кина стане најсилната и најголемата економија во светот ќе доведе до промена на светот онака како што сме навикнати да го разбираме“, посочи Лехман.

Инфраструктурни заеми дел од кинеското влијание врз Србија и БиХ

Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Бен Нупнау, смета дека Кина има сè поагресивна улога на светската сцена, користејќи ја својата економска доминација како основа за политичко дејствување од позиција на сила.

Тој вели дека во својата глобална стратегија Кина се претставува како „сигурен партнер“ на трети земји, но истовремено, како што вели тој, „не се срами“ да ги користи ресурсите како што се ретките метали, за да ги стави во тешка положба другите актери на пазарот.

Видете и ова: Кина не планира да го нападне Тајван во 2027 година, тврди американското разузнавање

„И тогаш очигледно го имаме политичкиот проблем со тоа што Кина јасно ја поддржува Русија и помага на тој начин војната во Украина да продолжи“, вели тој.

Според него, Кина за ЕУ е истовремено системски ривал, трговски партнер и неопходен соработник за глобални прашања како климатските промени.

„Ако дојдеме до Западен Балкан, гледаме поинаква слика бидејќи Кина е многу, многу присутна во Србија и во Босна и Херцеговина, но помалку во другите земји, вклучително и во Црна Гора и Северна Македонија, каде што гледате тренд на опаѓање на присуството на Кина, можеби поради искуствата што се направени. Главен метод на влијание се заемите за големи инфраструктурни проекти“, вели Нупнау.

Експанзијата на иницијативата „Појас и пат“ се карактеризираше со постепена трансформација на таканаречената „мека“ во „тврда моќ“. Тој предупредува дека овие заеми често се нетранспарентни и можат да создадат политичка зависност која подоцна може да се злоупотреби.

Во Северна Македонија се евидентирани два кинески инфраструктурни проектa и тоа изградбата на автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци- Штип. Како изведувач на градежните работи, односно е наведена кинеската фирма „Синохидро“.

Битиќи: Увезуваме технологии, а извезуваме суровини кон Кина, тоа не е одржлив модел

Опозицискиот пратеник Фатмир Битиќи кој е копретседавач на Меѓународната парламентарна алијанса за Кина ги предупредува македонските институции дека треба да бидат многу внимателни кога станува збор за кинеските инвестиции.

„Кинеските инвестиции често доаѓаат со државни гаранции и заеми кои можат да ја зголемат нашата задолженост. Не можеме да си дозволиме економски ангажмани кои би ја загрозиле нашата политичка и економска автономија“, додаде тој.

Тој смета дека во земјава постои очигледен јавен дискурс дека влијанието на Кина е победа за сите.

„Но, ако ја погледнеме Кина не само како инвеститор, туку и како трговски партнер, бројките велат поинаку. Нашата трговска размена со Кина е во огромен дефицит. Ние увезуваме многу повеќе, отколку што извезуваме. И тоа не е само прашање на бројки, туку и на структурата на таа размена. Ние увезуваме технологија и готови производи, а извезуваме суровини. Тоа не е одржлив модел на економска соработка на долг рок“ изјави Битиќи.

Видете и ова: Србија вежба со НАТО, а купува ракети од Кина

Кога станува збор за увоз на технологии, Лехман изрази агриженост во однос на злоупотребата на вештачката интелигенција (AI) и системите за социјални кредити во Кина.

Парадоксално, според неа, многу од технологиите за следење и препознавање лица се развиени на западни демократски универзитети, а сега се користат за сузбивање на основните човекови права и се извезуваат во други тоталитарни држави.

Клучни слабости во заштитата и одбраната на европските интереси Лехман гледа во инфраструктурата, каде и покрај легислативата за проверка на инвестиции, државите-членки на ЕУ сè уште дозволуваат кинески капитал во критични сектори како 5G мрежите и пристаништата.

Како пример го посочи случајот од нејзината родна земја Словачка, каде што се одржуваат протести против инвестиција за фабрика за батерии во Словачка, која ја гледа како обид на Кина да ги заобиколи европските тарифи преку префрлање на производството внатре во Унијата.

Нупнау посочи дека Кина го користи методот на „мека моќ“ во ширењето на своето влијание преку инвестиции во телекомуникациите преку кои се „извезуваат“ кинеските стандарди во регионот. Но, и преку истражување, образование и односи со граѓанското општество во кои се пласираат влијателни наративи обликувани од Комунистичката партија. Ова може да доведе до забавување на темпото на усогласување со ЕУ или до помалку јасен политички избор за членство во Унијата, додаде тој.

Лехман повика на итна координација на демократскиот свет за намалување на овие зависности пред да дојде до „поголема трагедија“ од онаа во Украина.

„Мораме да престанеме да бидеме наивни. Зависноста од Кина не е само прашање на трговија, туку прашање на морал и безбедност“, заклучи европратеничката.