Достапни линкови

Зголеменото кинеско влијание треба да го вклучи црвениот аларм


Илустрација
Илустрација

Кинеските инвестиции и ковид-дипломатијата на Кина на Балканот резултираше со зголемено позитивно мислење кај македонските граѓани кон земјата. Според истражувањето на Меѓународниот републикански институт, расте позитивното мислење на граѓаните во земјата и за Турција, но тоа не е изненадувачки поради традиционалното стратешко партнерство меѓу двете земји.      

Кинеските инвестиции во инфраструктурата, телекомуникациите, медиумите и академските содржини како и кинеската ковид-дипломатија по избувнувањето на пандемијата го засилија влијанието на Кина во балканските држави, вклучително и во Македонија.

Влијанието особено се засилува врз информативниот простор и тоа го покажуваат повеќе истражувања и анкети. Меѓу последно објавените е анкетата на Меѓународниот републикански институт – ИРИ чии резултати ,исто така, покажуваат раст на бројот на граѓани во Македонија кои имаат позитивно мислење за Кина. Висока поддршка тие даваат и за Турција, но тоа не е изненадување, бидејќи така било и во изминатите години. Останува високата поддршка за членството во ЕУ, иако постои намалување во однос на минатата година.

Кина инвестициски и политички се подлабоко влегува во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:19 0:00

87 отсто од македонските граѓани одговориле дека силно се согласуваат или донекаде се согласуваат дека силните односи со Турција се во најдобар интерес на земјата, а 65 проценти истото го мислат за Кина, што претставува зголемување во однос на минатата година, покажува анкетата на ИРИ. Поддршката за Русија во однос на ова прашање е 57 проценти.

„Овие податоци кои доаѓаат за позитивното мислење на македонските граѓани за Народна Република Кина и Турција и нивното позитивно сфаќање и влијание во регионот и геополитиката, сметам дека треба да го запали црвеното светло кај македонските власти и креаторите на јавното мислење, затоа што Македонија како земја членка на Северно-атлантската алијанса (НАТО), особено треба да се грижи за јавната дипломатија и перцепција во делот на решавањето на кризите и каде регионот на Западен Балкан и македонската држава ја гледа својата иднина и за какви вредности во суштина се залагаме“, вели професор Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет во Скопје, кој предава меѓународна политика и безбедност.

За една година пораснал бројот на луѓе кои мислат дека Македонија треба да има добри односи со Кина. Во ноември минатата година, 25 проценти од граѓаните вклучени во анкетата на ИРИ одговориле дека силно се согласуваат дека најдобар интерес на Македонија е да има добри односи со Кина, за разлика од октомври оваа година бројката се зголемила на 32 проценти.

Инфографика - Со кого Македонија треба да биде во силни односи - Истражување на ИРИ
Инфографика - Со кого Македонија треба да биде во силни односи - Истражување на ИРИ

Професор Ѓуровски вели дека ваквите резултати се последица на ковид-дипломатијата на Кина на Балканот, давањето на бесплатни вакцини, како и поради влијанието на Кина преку Србија како земја со неутрален воен и политички статус, отворена за кинеското и руското влијание.

„Оттука сметам дека и проектот на Отворен Балкан треба сериозно да се сфати со резервираност, бидејќи во истиот сите мораме да имаме рамноправен однос и се додека официјален Белград не се изјасни за своите позиции кон руската воена агресија врз Украина и соработката со Народна Република Кина, овој проект од безбедносен аспект го прави дискутабилен“, вели Ѓуровски.

Граѓаните и натаму имаат силна поддршка за членството во Европската унија (ЕУ), и покрај падот од 11 процентни од ноември 2021. Оваа година 73 отсто од македонските граѓани рекле дека го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ, а 24 отсто дека не се за влез во Унијата. Процентот е и натаму висок, иако постои намалување во однос на минатата година кога 84 проценти од испитаните граѓани се еизјасниле дека даваат поддршка за членството во ЕУ.

21 процент рекле дека ЕУ најмногу помага на националните интереси на земјава, а 50 проценти дека силно се согласуваат оти во најдобар интерес на Македонија е да има добри односи со ЕУ. 38 отсто ваков став имале за САД, а 27 отсто за Русија.

Во однос на Турција, анкетата на ИРИ покажува уште поголема поддршка, со 47 проценти од испитаните граѓани кои оваа година одговориле дека силно се согласуваат за одржување на добри односи меѓу двете земји, за разлика од 42 отсто во октомври 2021 година.

Македонските граѓани сметаат дека Турција е земја која најмногу помага на националните интереси на земјава, по што следуваат ЕУ, Германија, САД, Русија и Кина.

„Не е за изненадување влијанието и позитивното мислење на граѓаните за Турција, кое е резултат на традиционалното стратешко партнерство и поддршка кое го имаат македонските граѓани и турското етничко население, кое е исполнително и верно кон системот и нивните политички субјекти партиципираат во креирањето на политиките на македонската држава“, вели Ѓуровски.

Дека кинеското влијание во Македонија се засилува во последниве години, покажува и неодамнешното истражување на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА).

Според истражувањето, Кина има силно влијание во земјава која е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа и се наоѓа веднаш после Бугарија и Србија.

Веб скриншот од инртернет страницата на организацијата ЦЕПА, која го анализираше влијанието на Кина во Источна Европа.
Веб скриншот од инртернет страницата на организацијата ЦЕПА, која го анализираше влијанието на Кина во Источна Европа.

Кинеското влијание во Македонија се засилува главно преку „меката моќ“ на Кина, во момент кога таа го остварува својот најдобар резултат на светскиот Глобален индекс на мека моќ како четврто рангирана на листата зад САД, Велика Британија и Германија.

Македонските граѓани имаат позитивна перцепција за образованието и науката на Кина и сметаат дека земјата е на врвот според научните достигнувања, како и во однос на дисциплината, посветеноста и професионалноста на кинескиот народ. За вредностите, граѓаните сметаат дека кинеското општество е многу конзервативно, покажува уште едно истражување спроведено од страна Фондацијата Конрад Аденауер и организацијата ЕСТИМА.

Во однос на меѓународните односи, резултатите покажале дека кај граѓаните постои свест дека кинеската дипломатија е голема и силна, но и дека тие имаат генерално неутрална перцепција и не сметаат дека кинеската дипломатија во голема мера има позитивни намери и достигнувања, а оваа перцепција се поврзува со кинеската позиција за руската инвазија врз Украина.

Професор Ѓуровски потенцира дека треба да се запали алармот, како што вели, поради важноста на медиумската слика и креирањето на јавното мислење во однос на тоа каде се движи македонската држава.

„Имајќи во предвид и во однос на кабелските оператори, особено најголемиот национален кабелски оператор, Македонскиот Телеком, каде има можност да се гледаат дел од српските канали, како „Хепи“, каде што се промовираат руските вредности и единствени вистини за војната во Украина и наводните економски придобивки од Кина во Србија и тоа непосредно влијае врз креирањето на јавното мислење“, вели Ѓуровски.

Анкетата на ИРИ е спроведена со собирање на податоците во периодот од 23 септември до 13 октомври 2022 година, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетирани биле 1,207 испитаници на возраст над 18 години.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG