До каде се истрагите за милионските корупциски афери?

Графичка илустрација - Обвинителство и Пеце Мирчевски, Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Артан Груби

Резиме

  • Истрагата со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино „чека“ државните факултети да назначат професори за да му помогнат на обвинителството, како и дополнителна документација што треба да ја обезбеди МВР
  • Случајот со Артан Груби и проневерите во Државна лотарија не може да стигне во суд бидејќи на поранешниот вицепремиер не може да му се суди во отсуство затоа што му се заканува затворска казна од над пет години
  • За ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, наскоро би можело да има одлука за обвинение. Истрагата е завршена и во моментов одбраната врши увид во доказите што ги собрало обвинителството

Уапсени се бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски, претрес кај поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во Владата Пеце Мирчевски, има индиции каде е Артан Груби…

Ова се дел од вестите што пристигаа до македонските граѓаните во текот на 2025 за сомнителните корупциски афери од висок профил , а за кои сè уште нема епилог или обвиненија или одлуки за запирање на истрагите во обвинителствата. До каде се истрагите на крајот од годинава кога Јавното обвинителство на Северна Македонија е пред избор на нов шеф, по заминувањето на Љупчо Коцевски од функцијата државен обвинител?

Србија го извештачи мазутот, се чека помош од професори и од МВР

Бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, од слобода го чекаат епилогот од истрагата во која се осомничени, а е поврзана со набавките на мазут за потребите на Термоелектраната – ТЕЦ Неготино во периодот од 2021 до 2023 година.

Тие се само тројца од вкупно 13-те физички лица, како и едната фирма опфатени во истрагата каде обвинителството се сомнева дека државниот буџет бил оштетен за 167,5 милиони евра.

Последните информации за фазата во која се наоѓа истрагата се дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) очекува одговори и документи од други институции.

Видете и ова: Мазутот ја „замасти“ истрагата за екоцид

За случајот, примероци од мазутот беа испратени на вештачење во акредитирана лабораторија во Србија.

Резултатите оттаму пристигнале на 27 ноември, па обвинителството, се посочува во одговорот до РСЕ, побарало стручна помош од Институтот за хемија при Природно-математичкиот и Технолошкиот факултет, двата во склоп на државниот Универизитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Тие требало да номинираат професори кои ќе помогнат да се разјаснат прашањата што произлегуваат од вештачењето.

„Иако двете институции беа задолжени да извршат номинација во рок од 10 дена од доставување на барањето, до денес обвинителството нема добиено повратна информација“, велат од ОЈО ГОКК за РСЕ.

Освен од факултетите, обвинителството подолг период очекува одговори и од Министерството за внатрешни работи.

Од ОЈО ГОКК посочуваат дека имале потреба од дополнителна документација за набавките на мазутот од ТЕЦ Неготино и од Секторот за производство при Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), па во септември дале наредба МВР да им ги обезбеди.

„Јавниот обвинител очекува дека бараните податоци, документација и анализа од страна на МВР ќе бидат доставени до крајот на оваа година, по што ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, додаваат од ОЈО ГОКК.

Во меѓувреме, за осомничени бизнисмени, кои првично беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа на слобода, на сила се мерки на претпазливост.

Јахоски, како и Капушевски и Сулкоски имаат обврска повремено да се јавуваат во суд и имаат дадено гаранција и депонирано пари за намирување на оштетното побарување. Дополнително, на Капушевски и Сулкоски, им се одземени и пасошите, што не е случај со Јахоски.

Видете и ова: Полициска акција против „картел" за набавка на штетно гориво и перење пари

Кривичните дела кои се предмет на оваа истрага со 13 осомничени и една фирма, се злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и перење пари.

Останатите осомничени во истрагата се лица кои биле на високи позиции во државната ЕСМ – од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки.

Груби и Бајрами ги нема, нема ниту можност за судење

Дел од имињата опфатени со оваа истрага, се поврзуваат и со аферите со Државна лотарија, за која пишуваше РСЕ. Едно од нив е Јахоски, кој инаку е син на поранешниот градоначалник на Пласница и актуелен пратеник Исмаил Јахоски од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.

За потсетување, Јахоски стана сопственик на фирмата „Хеј ДООЕЛ“ која склучи спорен договор за закуп на деловни простории со Државна лотарија во скопско Визбегово за 2,6 милиони евра. Обвинителството и Финансиската полиција отворија истрага по истражувањето што на оваа тема го објави РСЕ.

А, за други проневери во Државна лотарија, Основното јавно обвинителство Скопје на крајот на 2024 отвори истрага во која го опфати и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од ДУИ, кој истовремено се најде и на црната листа на САД. Случајот е поврзано со приредување електронски игри на среќа односно набавка на ВЛТ терминали, а штетата на буџетот на Државна лотарија обвинителството ја процени на 8 милиони евра.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Апаратите за коцкање на Лотарија, за кои има истрага за набавката, прават трошок и невклучени

Осомничен е поранешниот генерален директор Перпатим Бајрами, кој заедно со Груби е во бегство и за нив има распишано меѓународна потерница.
Неполн месец пред да поднесе оставка од државен обвинител, Љупчо Коцевски во емисијата „360 степени“ на 24 ноември кажа дека истрагата во која е осомничен Груби е завршена и дека единствено се чека негова екстрадиција.

Но, досега нема официјално достапни информации дека поранешниот прв вицепремиер е воопшто лоциран и официјално е побарана екстрадиција од некоја земја. А, неговото отсуство е пречка да има и судење.

„Истрага е поведена за дело за кое е предвидена затворска казна над 5 години и согласно тоа не постои законска можност за судење во отсуство“, посочуваат од ОЈО Скопје за РСЕ.

Делото за кое се сомничат Груби и Бајрами, како што е наведено и во потерницата, е проневера во служба, додека уште четири лица се гонат за злоупотреба на службена положба и овластувања.

Видете и ова: Што сè може да влезе во истрагата за Државна лотарија?

Заврши истрагата за ексдиректорот на СОЗР – се чека одлука за обвинение

Уште една завршена истрага, која се однесува на злоупотреби на високи функционери, е и онаа поврзана со Службата за општи и заеднички работи при Владата, во која осомничен е ексдиректорот Пеце Мирчевски.

„Истрагата е завршена и течат законските рокови за вршење увид во доказите од страна на одбраната“, велат од скопското обвинителството за РСЕ.

Ова значи дека наскоро би можела да има одлука за поднесување обвинение до судот.

Мирчевски, како што беше соопштено и при отворање на истрагата во февруари, се сомничи за продолжени кривични дела примање поткуп, како и за проневера во служба. Покрај него, опфатено е уште едно лице за делото давање поткуп.

Обвинителството го гони Мирчевски бидејќи, меѓу другото, не пријавил судир на интереси и се изземал од пет јавни набавки кои ги добила фирмата на второосомничениот иако „остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга“.

Меѓу тие бенефити, обвинителството тврди дека Мирчевски си користел автомобил „фолксваген пасат“ од фирмата која добивала тендери, додека неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи.

Дополнително, бившиот директор на СОЗР се гони и за проневери поврзани со патувања кои биле прикажувани како службени, за што потпишувал резервации на хотели, авиобилети, налози за патувања во странство…

Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, овие предмети ќе ги водат кон судски епилог во мандат на нов државен обвинител.

Видете и ова: Обвинителот Коцевски поднесе оставка пред да го разрешат

Досегашниот, Љупчо Коцевски, поднесе оставка на 16 декември, кога во Собранието требаше да почне расправата за негово разрешување по предлог на Владата. Заминувајќи, Коцевски обвини дека одлуката на власта е политичка и рече дека е разочаран бидејќи во прашање е „очигледно непочитување на принципите врз кои почива правната држава“.

Претставници на власта, пак, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, постојано го критикуваа дека нема резултати во својата работа.

Додека пратениците да изберат нов државен обвинител, кој според законските одредби го предлага Владата по позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, на функцијата денеска, 22 декември, беше назначенвршител на должност.

На седница, членовите на Советот на јавни обвинители за в.д. државна обвинителка ја назначија Анита Тополова-Исајловска.

Обид да се избере в.д. шеф имаше претходно и на 18 декември, но тоа не се случи поради отсуство на член на Советот.

В.д. државната обвинителка не може да биде на чело на Јавното обвинителство подолго од шест месеци.