Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, кој е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра.
Истовремено на обвинетиот му се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во судот.
По жалбата на Јахоски, Апелациониот суд Скопје, како што информира, постапувал на нејавна седница одржана на 6 април годинава.
„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540 евра, во денарска противвредност од 60.672.235 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија. Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост: обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението од Апелација.
Оттаму информираат дека при одлучувањето, Судот го имал предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
„Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан“, се вели во соопштението од Апелација.
Обвинителството на 22 април годинава го услови предлогот на Јахоски, за замена на мерката притвор за Јахиски со банкарска гаранција од 1,16 милиони евра и мерки за претпазливост, додека Кривичниот Совет нс одделението за гонење на организиран криминал и корупција при Основниот Кривичен суд Скопје го одби како неоснован.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.
Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.
Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.