Транспортот прв на удар, последици и за другите компании по воената операција врз Иран

Илустрација

Северна Македонија како увозно зависна економија е изложена на ризик од инфлаторни притисоци, бидејќи цената на нафтата е вградена во речиси сите добра и услуги. Законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена и тоа е исполнето, соопшти претседателката Гордана Сиљановска - Давкова. ЕУ побара од земјите - членки да ги споделат проценките за безбедноста на снабдувањето со нафта. Првиот ризик за пазарите е неизвесноста околу тоа што ќе се случи следно во Иран.

Транспортниот сектор ќе биде прв на удар од раст на цената на нафтата, а тоа ќе влијае и на вкупната економија во Северна Македонија, велат економски експерти за Радио Слободна Европа (РСЕ) откако Соединетите Американски Држави (САД) почнаа „голема борбена операција“, во координација со израелските сили, на 28 февруари, ставајќи го Блискиот Исток на раб на ескалација.

И Европската унија (ЕУ) денеска побара од земјите - членки да ги споделат проценките за безбедноста на снабдувањето со нафта до крајот на денот. ЕУ разгледува и опција да свика ад-хок состанок на својата координативна група за нафта подоцна оваа недела, јавува новинската агенција Ројтерс.

Видете и ова: Лариџани „нема да преговара“ со САД, Трамп вети дека ќе го казни Иран

Целиот свет, вклучително и Северна Македонија која е увозно зависна економија, е изложен на ризик од инфлаторни притисоци, бидејќи цената на нафтата е вградена во речиси сите добра и услуги, објаснува професорка по меѓународна економија на Меѓународниот Балкански универзитет, Ивана Беќирагиќ.

„За македонската економија, прв на удар ќе биде транспортниот сектор, но негативни последици може да очекуваат сите домашни компании и секако граѓаните кои и така имаат кревка куповна моќ како последица на долгогодишните турбуленции во светската економија. Во вакви услови се очекува дополнителна внимателност и од Европската централна банка и од Народната банка во однос на евентуално намалување на каматните стапки, мора да има порестриктивен пристап, иако тоа може да има непосакуван ефект врз растот“, изјави Беќирагиќ за РСЕ.

Видете и ова: По деценија застој повторно се активира нафтоводот Солун-Скопје

Константин Димитров, пензиониран професор на Машинскиот факултет во Скопје, вели дека ако уште се влошува ситуацијата во Иран, тоа ќе има големи последици по економијата.

„Ќе биде жесток удар по стандардот ако поскапи транспортот. Секој продукт што е на која било тезга ќе поскапи со истата висина колку што ќе поскапи горивото. Горивото учествува во цената на секој производ што ние го купуваме. Барем не се гине, ќе речеме и тоа ќе ни биде единствена утеха во целава ситуација“, вели Димитров за РСЕ.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и безбедна, внатре и во регионот

Причината за зголемувањето на цените на нафтата по нападите е намаленото производство кое ќе следува од најголемите нафтени производители во тој регион и делумното или можното целосно затворање на Ормудскиот теснец низ кој минуваат 20 проценти од светската трговија со нафта и течниот природен гас, објаснува Димитров.

Тој додава дека ако за 10-20 отсто се намали испораката на енергија на светскиот пазар, а има потреба, јасно дека цената ќе го следи тоа. Димитров посочува дека преку ноќ не може да се зголеми производството, потребно е време, што значи дека ситуацијата ќе потрае, а може да се влоши ако станат мети на напади големите приватни производители на течни горива.

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова рече дека што се однесува до енергенсите, „имаме цврсто уверување, не само институционално туку и документирано со податоци, дека нема зошто да се грижиме во моментов“.

„Во тој поглед, исто така, надлежните информираа дека нема проблем, интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција. Законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена и тоа е исполнето“, изјави Сиљановска - Давкова по седницата на Советот за безбедност на 1 март .

Од сите енергенси, Северна Македонија најмногу троши нафта

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната потребна енергија во Северна Македонија изнесува 2 541 849 тони нафтени еквиваленти (toe), при што 65,5 проценти од таа енергија е обезбедена од увоз.

„Тон нафтен еквивалент“ (toe) е мерка што се користи за да се спореди различна енергија (струја, јаглен, гас, нафта) преку заедничка единица – односно количина енергија што се добива од еден тон сурова нафта. Тоа овозможува сите извори да се изразат во ист формат и полесно да се споредуваат.

Од вкупните потреби, 44,7 проценти се нафтени продукти, што значи дека државата годишно троши околу 1,13 милиони toe енергија од нафта и нафтени деривати – убедливо најголем удел во енергетската структура.

Видете и ова: Владата прогласи седумдневна кризна состојба поради проблемите со набавка на мазут

Финалната потрошувачка на енергија изнесува 1 859 697 toe, а речиси половина од неа 47,6 проценти отпаѓа на сообраќајот, што покажува дека транспортот е најголемиот и најдиректен потрошувач на нафта.

Домаќинствата учествуваат со 26,1 проценти, индустријата со 16,9 проценти, а останатите сектори со 8,4 проценти, што значи дека секое зголемување на цената на нафтата или проблем во снабдувањето најпрво го погодува транспортот, а потоа индиректно се прелева врз цените на производите, услугите и животниот стандард на граѓаните.

Цената на нафтата скока, акциите паѓаат, доларот расте

Цените на нафтата скокнаа, доларот расте, а акциите паднаа во понеделникот, на 2 март, бидејќи воениот конфликт на Блискиот Исток изгледаше дека ќе трае со недели, заканувајќи се да го наруши глобалното економско закрепнување и можеби повторно да ја разгори инфлацијата, јави агенцијата Ројтерс.

Брент (глобален репер што се тргува на берзата во Лондон) скокна за околу 10 отсто на 79,90 долари за барел, иако во еден момент накратко надмина 82 долари, додека американската сурова нафта се искачи за 8,2 отсто на 72,64 долари за барел.

Суровата нафта Брент се произведува во регионот на Северното Море на Атлантскиот Океан и се меша од неколку локации.

Златото порасна за 2,6 отсто на 5.413 долари за унца.

Видете и ова: ОПЕК ги зголеми прогнозите за побарувачката на нафта

Снабдувањето со нафта би можело да биде засегнато од конфликтот откако Иран наводно ги предупредил танкерите во Ормутскиот теснец дека на бродовите нема да им биде дозволено да поминат низ него, јави ерманската новинска агенција ДПА. Претставници на Центарот за поморски трговски операции на Велика Британија изјавија дека два брода биле погодени во близина на клучната трговска артерија.

Засега, инвеститорите проценуваат дека конфликтот ќе остане релативно ограничен, оставајќи голем простор за нестабилност на пазарот ако ескалира. Првиот ризик за пазарите е неизвесноста околу тоа што ќе се случи следно во Иран, со оглед на сложеноста на владејачкиот систем на Исламската Република. Тоа потоа ги комплицира перспективите за цените на нафтата, кои и сега се заложници на она што го прават земјите производители на нафта и како тоа влијае на минувањето на танкерите низ Блискиот Исток, со големи импликации за инфлацијата низ целиот свет, па дури и за безбедноста на обврзниците, анализира Ројтерс.

Ормутскиот теснец го користат танкери што пренесуваат околу една петтина од светските залихи на нафта и гас по море.