Идејата за „ЕУ со две брзини“ сè поотворено се дискутира во Брисел во контекст на мировниот план за Украина. Според ова сценарио, покрај Украина, членки на Европската Унија би станале неколку земји од Западен Балкан, меѓу нив и Северна Македонија, но без право на глас во првата фаза. Иако засега нема формална одлука, ниту конкретен предлог на маса, ваквиот модел можно е да бара измени на темелните договори на Унијата и едногласна согласност од сите земји-членки, што според аналитичари, ќе биде тешко изводливо. За Северна Македонија, покрај реформите, можно е да остане и условот за уставните измени како дел од пристапниот процес, иако премиерот смета дека тоа може да се избегне во случај на „градуално пристапување“.
Дебатата што за ова прашање досега се водеше претежно во тинк-тенк кругови и академски анализи, сега се отвора и на политичко ниво во Брисел. Иако засега сè уште нема формален предлог, македонската Влада порачува дека внимателно ги следи можните насоки на ЕУ и дека е подготвена да се адаптира на евентуални промени.
„Во суштина, ова би значело членство и институционално присуство во ЕУ од 2027 година, но со ограничен капацитет за донесување одлуки, постепена и условна интеграција и силен мониторинг до целосно усогласување со европскиот систем. Како Влада, ние сме целосно свесни за динамичните промени што се случуваат и потребата разумно да ги предвидиме овие промени и да се прилагодиме на нив“, наведе Владата на Северна Македонија за РСЕ.
Видете и ова: Дали на земјите од Западен Балкан им се насмевнува „получленство“ во ЕУ?Во ЕУ со децении важи принципот дека секоја нова членка добива исти права како и останатите: место на масата, право на глас и право на вето. Предлогот што се разгледува би значел постепена интеграција: најнапред ограничување или откажување од правото на вето, потоа приклучување кон единствениот европски пазар со засилен мониторинг, а дури по целосно исполнување на критериумите — полноправно членство.
Во процесот на проширување во моментов се десет земји: шест од Западен Балкан, како и Украина, Молдавија и Грузија. Турција формално останува кандидат, но нејзините преговори се замрзнати со години.
Во меѓувреме, најмалку двајца лидери од регионот јавно покажаа подготвеност за ваков модел. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија би се откажала од правото на вето заради членство, а албанскиот премиер Еди Рама во повеќе наврати порача дека е подготвен на сличен чекор доколку тоа значи побрза интеграција во ЕУ.
Според Марко Tрошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, постојат неколку опции за нови модел во пристапувањето – за една можно е да бидат неопходни измени на темелните договори врз кои функционира Европската Унија, за правно да се овозможи постојните 27 рамноправни земји-членки да примат нови држави со ограничени права во одлучувањето.
Тој објаснува дека според основачките документи на ЕУ, сите членки се рамноправни и ако се оди на опцијата некому се скрати правото на вето, тоа би било правно противречно со темелните договори и нивно менување кое, како што вели, може да биде невозможна мисија.
„Сепак доколку опцијата е полноправно членство како крајна цел, а во меѓувремено се затвораат поглавја, се случува етапно интегрирање во одредени ЕУ институции и имаме некаков вид на асоцијативно членство, тогаш нема да има потреба од промена на основачките документи, што оваа идеја ја прави далеку поизводлива“, вели Трошановски.
Видете и ова: И членството во ЕУ не би го запрело иселувањето на младитеПроширувањето станува безбедносно прашање
На прашањето дали е можно евентуално олеснување на критериумите за земјите од Балканот, од прес-службата на Европската комисија велат дека проширувањето на ЕУ денес не се разгледува само низ призмата на економските придобивки, туку и во поширок безбедносен контекст.
„Во актуелната геополитичка ситуација, мораме да обезбедиме нашиот пристап да одговара на целта“, се вели во одговорот на Европската комисија чиј портпарол потврди дека идниот пристап на Украина во ЕУ е дел од мировните преговори, но дека во Брисел не сакаат да го прејудицираат исходот.
Според македонската Влада, новото сценарио предвидува забрзана интеграција во контекст на мировниот план за Украина, при што Украина, заедно со неколку земји од Западен Балкан, меѓу нив и Северна Македонија, би станале членки на Европската Унија на почетокот на 2027 година, без право на глас.
За ова сценарио да се реализира, мора да се исполнат два клучни услови: целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што Владата тврди дека веќе е постигнато, и доследно спроведување на реформите во областа на владеењето на правото.
Во таков случај Северна Македонија би учествувала во работата на Советот, комисиите и другите институции, би имала и формално место на масата, но без можност да одлучува“, се вели во одговорот од Владата.
„Ваквиот модел би вклучувал засилени внатрешни контролни механизми („сејфгардс“), односно постепена и условена интеграција, во која секој следен чекор би зависел од затворањето на преговарачките поглавја и целосното усогласување со европските стандарди“, велат од Владата.
Видете и ова: Советот на ЕУ до Северна Македонија: Спроведете ги уставните измени и реформитеОстанува ли условот за уставните измени?
На прашањето дали уставните измени ќе бидат предуслов за напредокот на земјава, премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за Канал 5 ТВ на 19 февруари, зборувајќи за можноста за забрзана интеграција во ЕУ, одговори дека „за нас претпоставувам и тоа ќе биде, бидејќи е прифатено од страна на претходната влада.“
Барањето за уставни измени произлегува од т.н. француски предлог кој раководството на претходната Влада го прифати во јули 2022 година, со што се обврза во уставот да ги внесе Бугарите како дел од народите што живеат во државата. Овој услов беше поставен од Бугарија за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Но два дена подоцна Мицкоски даде уште една изјава. На 21 февруари тој рече дека доколку земјата стане дел од ЕУ во рамки на процесот на постепена интеграција, за која се повеќе се говорело во Брисел, тогаш Бугарија нема да може да стави вето, бидејќи државата и формално ќе биде дел од Унијата, „но под услови кои ги предвидува тоа градуално пристапување.“
„Бугарија не може да стави вето, бидејќи тогаш и формално ќе бидеме членка на ЕУ, ќе бидеме на масата“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на евентуално бугарско вето доколку се реализира оваа нова иницијатива.
Видете и ова: Нов протокол со Бугарија – можен излез, со мали шансиСтаро-нови идеи
За напуштање на принципот на вето, односно целосниот консензус при носење стратешки одлуки, политичкиот аналитичар Сефер Селими потсетува дека за такви промени е потребна согласност од сите земји-членки, што, според него, тешко може да се постигне. Идеите за понакви модели според него остануваат на теоретско ниво, а за нив посочува дека се дебатира веќе неколку години, како дел од пошироката дискусија за реформа на Европската Унија.
„Овие дискусии повеќе им одат во прилог на земјите што бараат изговор и сакаат да се оправдаат пред своите граѓани зошто процесот на членство не напредува со очекуваната динамика. Ова е удобна алатка што ја користи и актуелната влада за одолговлекување на обврските од преговарачката рамка, вклучително и уставните измени за внесување на Бугарите и другите помали заедници во Преамбулата. На тој начин се создава наратив што им овозможува на одредени влади полесно да се оправдаат пред јавноста“, вели Селими.
Слабости во сегашниот модел
Сепак, аналитичарите посочуваат и на слабостите на актуелниот модел во ЕУ. Сегашната методологија на проширување, според Трошановски, често е инструментализирана од одделни земји-членки за водење билатерални спорови и наметнување национални интереси. Иако во Брисел, по подолго време, постои реална политичка волја за забрзување на проширувањето, процесот и натаму лесно може да стане заложник на еднострани вета, вели тој.
Оттука, смета Трошановски, секоја промена што како јасна крајна цел го задржува полноправното членство, ги почитува строгите Копенхашки критериуми и го ограничува просторот за блокади во текот на пристапувањето, би била подобро решение од сегашната состојба.
„Секогашниот контекст поради билатералните блокади е проблематичен како за Македонија така и за Украина, Србија итн. Сепак доколку на хоризонтот остане полноправното членство како краен процес, во рамки на тој аранжман вреди да се размисли. Таа Европска Унија, условно кажано на две брзини, како и да изгледа, треба секогаш да води кон Унија на полноправно членство. Тоа мора да значи и право на вето, но мора да е и право на вето во Унија во која не одлучува едногласноста. Унијата мора и самата да се реформира, како што се предлага веќе неколку години – да го тргне принципот на консензуалност во носењето одлуки и ние полноправно да влеземе таму, внатрешно реформирани и како полноправни членки со право на вето, но не да ја блокираме цела Унија со наш став по некои прашања“, вели Трошановски.
Видете и ова: Европратениците ќе дебатираат за Предлог-извештајот на Вајц за земјаваПред две децении, Северна Македонија важеше за една од најуспешните приказни во европската интеграција. Денес, пак, е една од земјите што најдиректно ја чувствува тежината на ветото на земјите-членки.
Статус на кандидат има од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.
Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави — овој пат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.