Членството на Северна Македонија во Европската унија останува со „најголема или одредена“ важност за околу 70 насто од граѓаните и речиси исто толку го поддржуваат процесот за влез во европското семејство.
Економските очекувања и понатаму се главен фактор што ја определува поддршката за членство во ЕУ, а подобрувањето на животниот стандард во државата е најчестиот фактор за поддршка.
Поддршката за ЕУ е видливо зголемена кај најмладата популација, иако 60% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите.
Речиси секој трет граѓанин (30%) верува дека државата ќе стане членка на Европската унија во наредните 3 - 5 години, 28% од испитаниците сметаат дека земјата ќе се приклучи на ЕУ во наредните 10 години, додека 17% го гледаат остварувањето на овој цел во наредните 20 години. Релативно висок дел од населението (19%) останува песимистички настроен во однос на перспективите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
И евроскептичните ставови бележат благ пораст – 14% од испитаниците се противат на членството на Северна Македонија во ЕУ, што е за 3 насто повеќе во однос на 2024 година. За речиси една третина од испитаниците, членството во ЕУ има мало или никакво значење.
Најстариот сегмент од населението со над 55 години останува најевроскептичен, покажува анализата на јавното мислење за пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија, спроведено од 22 октомври до 5 ноември минатата година на примерок од 1.003 испитаници.
Различни ставови за патот до ЕУ
Сепак, најголемата поделеност меѓу граѓаните има во однос на оценката за подготвеноста на земјата за членство во ЕУ - поголемиот дел од 44 насто сметаат дека Северна Македонија не е подготвена, наспроти 40% кое го смета спротивното, покажува истражувањето.
Граѓаните остануваат поделени во однос на следните чекори во процесот на пристапување во ЕУ. Најголемиот дел (27%) претпочита повторно преговарање на преговарачката рамка односно т.н. Француски предлог, додека 24% ја поддржуваат промената на Уставот.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека поддршката за промена на преговарачката рамка е повеќе од двојно зголемена од 2023 година. Уставните измени се перципираат како неопходни, но не и итни, при што половина (52%) од испитаниците ги рангираат како втор приоритет.
„Отпорот кон уставните измени е голем. Гаранциите дали тој процес ќе биде објективен е предмет на различни перпцепции. Меѓутоа, со статус квото губат сите. Потребно е да создадеме нов момент на соработка со источниот сосед и да подадеме рака за дијалог, но и да се даде гаранции дека пристапниот процес нема да застрани од патот“, смета Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Истражувањето покажува дека јавното мислење е длабоко поларизирано по етничка линија: 57% од етничките Албанци ги поддржуваат уставните измени, наспроти само 11% од етничките Македонци.
И перцепциите за правичноста на ЕУ се поделени: 45% сметаат дека ЕУ не е правична или доследна, додека 40% ја перципираат како делумно правична.
Приближно една третина од етничките Албанци во земјата ги наведуваат недостатокот на домашни реформи како главна причина зошто земјата не е членка на ЕУ, што е 10 процентни поени повеќе од етничките Македонци.
Спротивно на тоа, речиси половина од етничките Македонци ги ставаат пречките од соседните држави-членки на ЕУ како главна причина, што е 13 процентни поени повеќе од нивните албански сограѓани.
Свесноста на граѓаните за Планот за раст на ЕУ и Реформската агенда останува ниска - дури 43% од граѓаните рекле дека никогаш не слушнале за нив.
Каде Северна Македонија се позиционира геополитички?
Во однос на надворешнополитичкото усогласување, граѓаните на Северна Македонија претпочитаат стратешка флексибилност: 47% се залагаат за делумно усогласување со Западот, со истовремено задржување на националните приоритети. 30% преферираат целосна независност, а 23% ја поддржуваат целосната усогласеност со позициите на ЕУ/Западот.
Перцепциите за идентитетот остануваат поделени, но се поместуваат кон Западот. 47% ја гледаат Северна Македонија како дел од западниот свет, додека 38% преферираат понезависен геополитички идентитет.
„Зголемената западна ориентација најверојатно е поврзана со глобалната нестабилност и потребата од силни сојузи“, вели Кире Миловски, истражувач од Институтот за демократија.
ЕУ и Соединетите Американски Држави ја задржуваат својата позиција како најдоверливи сојузници, највлијателни партнери и најзначајни економски актери. Русија, и покрај глобалната турбуленција, продолжува да има ниска перцепција на влијание и партнерство во Северна Македонија.
Податоците од повеќегодишното следење покажуваат дека перцепциите за влијанието на САД се зголемиле за приближно 6% од 2024 година, продолжувајќи го трендот на гледање како клучен надворешен фактор на влијание.
Европската унија и понатаму конзистентно се перципира како еден од највлијателните и најдоверливите партнери, задржувајќи ја својата позиција во категоријата „најдобар сојузник“ низ годините.
Русија и понатаму се перципира како актер со ниско влијание и мал сојузнички потенцијал, тренд што според истражувањата на „Социетас цивилис“ останува стабилен речиси една деценија.
Рокас: Вратата на ЕУ е отворена за Северна Македонија
Истражувањата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ беа презентирани во законодавниот дом пред пратениците и ЕУ амбасадори кои се осврнаа и на резултатите од истражувањата и на планот за проширување на Унијата.
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас посочи на елемент од истражувањата кој се однесува на тоа дека 60 насто од граѓаните сметаат дека државата направила напредок во процесот на пристапување, велејќи дека се коси со извештајот на ЕК во кој беше нотирано дека државата нема голем исчекор.
Во однос на другите наоди, Рокас посочи дека даваат поттик за понатамошна работа.
„Вратата на ЕУ е отворена ширум има и целосна поддршка за Северна Македонија да влезе во ЕУ. Сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини - владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество да бидат прагматични, да ги забрзаат реформите и ви гарантирам дека ако ова се случува без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има пречки, ќе се надминат тие проблеми. Тоа не е само шанса што треба да се искористи, таков е историскиот период“, посочи Рокас.
Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер рече дека ЕУ инвестира во Планот за раст и договорот за реформските агенди кои ги осмислуваат владите, оценувајќи дека има постојан напор за зајакнување на економската интеграција.
„Сите ние ја научивме лекцијата и разбравме дека разочарувањата и дека некои постапки во однос на донесување на одлуки не се толку брзи и добри како што се очекуваше. Но, севкупната насока не е променета. Нашето единство како европјани се гледа и во студијата и доста охрабруваат подтоците“. изјави Дрекслер.
Во однос на моментот дека 60% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите, потпреседателот на Собранието, Антонијо Милошоски рече дека тоа е акутно прашање на кое особено треба да се обрне внимание.
„И овде имаме различни перцепции и веројатно тоа е базирано на одредени искуства кои доаѓаат и преку медиумите од земјите кои претходно го имаа процесот на зачленување а се дел од поширокиот регион каде припаѓа и Македонија“, рече Милошоски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче посочи дека го загрижуваат неколку антиевропски манири на власта - влошување на односите со Грција и Бугарија.
„Колку и декларативно се залагаат за ЕУ, ниту на среден рок, ниту долгорочно немаат намера да ги направат потребните работи. Неспроведување на реформите ниту законите ниту патоказите не се сработени. Кажавме како опозиција дека сакаме да работиме заедно. Законот за енергетика во последен момент последниот амандман да биде донесен спротивно на препораките на ЕУ или законот за судски совет каде не се целосно имплементирани преопораките на оценската мисија. Сериозно загрижуваат изјавите од властите кои го подгреваат антиевропскоиот наратив“, рече Филипче.
Како добар податок од истражувањето го посочи како добар податок зголемувањето на поддршката на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.
„Но, мислам дека премиерот Мицкоски не е во тие луѓе“, кажа Филипче.