Енергетска ефикасност - чекор до помали сметки за јавните згради и становите за домување

Зградата на Министерството за здравство

Најголем енергетски потрошувач е зградата на Министерството за здравство, државен објект кој според новиот Национален инвентар на јавни објекти е приоритетен за реконструкција. Неодамна донесениот Законот за енергетска ефикасност, пропишува енергетски сертификат и за приватните згради за домување кој ќе се впишува во имотниот лист.

Министерстовото за енергетика, рударство и минерални суровини тргна во процес на пребројување на државниот имот на јавни згради.

Но, не за да го попише секој квадратен метар од државните недвижнини, туку за да ги утврди енергетските слабости на илјадниците згради на државната управа преку нов Националниот инвентар на јавни објекти.

Целта на овој регистар е за првпат да ги обедини податоците за потрошувачката на енергија, емисиите на јаглерод диоксид и цврсти честички од греење, состојбата на објектите и потребите за реновирање.

Владата веќе го усвои тригодишниот План за реконструкцијата на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво.

Во следните три години, ќе бидат опфатени 14 јавни згради со вкупна површина од 102.992 квадратни метри, во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 граѓани.

Кои објекти се во „најочајна“ состојба?

Планот ги групира зградите според нивната состојба и итноста на интервенцијата на објектите во три групи.

„Класификацијата се прави врз основа на енергетската ефикасност на зградите, односно состојбата на фасадата, прозорците и начинот на греење. Странски консултанти од ЕУ направија евалуација на вкупно 33 институции кои се дел од првиот план. Во тек се преговори со Француската развојна банка, а првичната проценка е дека се потребни 11 милиони евра за реновирање на 110.000 квадратни метри“, изјави министерката Сања Божиновска.

Во првата група се објекти во лоша состојба, кои се приоритет за реконструкција.

Во неа спаѓаат зградата на Министерството за здравство, за кој Божиновска посочи дека е најголем потрошувач, заедно со Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат), потоа зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски за РСЕ вели дека имале средби во министерство.

„Ние сме во завршна фаза за добивање на реконструкција, останува да се усогласиме со министерството или да пристапиме сами“, вели Живковски.

Втората група опфаќа објекти во добра состојба, но, со значајни потреби од санација - дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и зградата на НИП Нова Македонија во која се сместени поголем број министерства и агенции.

Во третата група ќе бидат осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.

Видете и ова: Државниот имот дојде на ред за пребројување

Секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.

Како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, овие интервенции треба „драстично да ги намалат трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите“.

Според анализите, планот ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 29 насто, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини.

Но, точниот број на објекти во регистарот сè уште не е конечен. Како што објасни министерката Божиновска, податоците ќе се добиваат од Службата за општи и заеднички работи и Агенцијата за катастар на недвижности.

Според новиот Закон за енергетска ефикасност, јавниот сектор мора да реконструира најмалку 3 насто од вкупната површина на згради и опрема годишно, со фокус на енергетска оптимизација и обновливи извори.

Обврската за реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавни згради годишно од новиот закон е дел од реформската агенда на Енергетската заедница и имплементирање на ЕУ директивите.

Енергетски сертификати и за домовите

Ова законско решение, кое беше усвоено на средината на септември се однесува и на станбените згради за приватно домување, за кои ќе се бараат задолжителни енергетски сертификати за објектите кои ќе се запишуваат во Катастарот.

„Слично како кај апаратите за домаќинство, сертификатите ќе бидат означени со класи (А, Б, Ц), овозможувајќи им на граѓаните при купување стан да видат колкава е неговата енергетска ефикасност и колку инвеститорот вложил во неа“, рече Божиновска.

Агенцијата за катастар на недвижности треба го внесува сертификатот за енергетски карактеристики во имотниот лист при упис на нови или реконструирани згради, пред издавање на употребна дозвола.

Видете и ова: Сомнежи за градежен картел, скопските станови по цени како во Аруба

Директорот Иван Живковски вели дека Агенцијата е технички подготвена за спроведување на законот, направени се софтверски промени и ќе ги чекаат следната година првите документи за впишување во имотните листови.

„Сите објекти кои ќе дојдат на упис, а нивното одобрение е после донесување на законот, општината ќе треба да ни достави документ за енергетската ефикасност и ние во посебна графа ќе вршиме приблежување. Кога ќе дојде до фаза на конечен упис, кај нас и се менува од пребележување до конечен имотен лист, општината ќе треба да го достави тој сертификат, документ за упис на зграда по изгласување на законот. Без тој документ, не може објектот да биде впишан од наша страна“, објаснува Живковски.

Законот за енегетска ефикасност нема да важи ретроактивно, туку за сите идни одобренија за изградба на згради и нивни реконструкции.