Одлуката за прогласување кризна состојба за електрична енергија во Северна Македонија, образложено со блокадите на граничните премини од грчките земјоделци и неможноста да се увезе мазут, повторно го отвора прашањето дали „кризата“ ќе се користи како алиби за нетранспарентни набавки на енергенси и договори склучени без јавна конкуренција?
Владата на 23 декември прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија по барањето на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за да се активираат државните резерви на мазут поради проблемите со набавката од Грција.
„Задолжителните резерви на нафтениот дериват мазут ќе бидат отстапени без надоместок со цел да се обезбеди стабилност во електроенергетскиот систем, а АД ЕСМ ќе има обврска редовно да доставува извештаи за трошењето на мазутот до Владата и до Министерството за финансии“, велат од Владата.
Во кризна состојба, Владата според Законот за енергетика и Уредбата за критериуми и услови за прогласување кризна состојба, исто така може да воведува мерки што се поинакви од вообичаените пазарни правила, на пример, да склучува брзи јавни набавки и итни договори и да ги користи државните резерви.
Иако за мазутот од Грција веќе се спроведени јавни набавки, прогласувањето кризна состојба отвора простор таквите постапки да се анулираат доколку се појават дополнителни потреби, предупредува професорот Борче Давитковски од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје иако додава дека не мора да значи дека така ќе биде во овој случај.
„Постои можност да се искористи состојбата за интервенции, на пример за увоз на струја да се склучат тендери во четири очи“, вели Давитковски.
Индиции за злоупотреби во 2021 и 2022 година?
Институциите досега формално не констатирале злоупотреба кога Владата носела одлука за воведување кризна состојба. Но искуствата од претходните години покажуваат дека токму во периоди на воведена енергетска криза се склучувале договори со намалена транспарентност, што го зголемува ризикот од корупција и клиентелизам.
Тоа го потврдуваат извештаите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со индиции за злоупотреби, откако кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија беше прогласена од Владата на крајот на 2021 година и потоа во текот на 2022 година.
ДКСК во 2023 година документираше спорни набавки на енергеси, вклучително набавките на мазут за ЕСМ и ТЕЦ Неготинo.
Антикорупциската комисија тогаш утврди договори за набавка на мазут со непрецизни количини и цени, анекси на договори без јасна економска логика и со ризик по буџетот.
Божиновска - системот ќе биде стабилен
Министерката за енергетика Сања Божиновска барањето за воведување кризна состојба нема да има никакви последици за граѓаните, бидејќи државата располага со доволни резерви на мазут.
Според Божиновска, проблемите со увозот на мазут од Грција, предизвикани од повеќенеделните блокади на граничните премини, нема да влијаат врз стабилноста на системот, бидејќи ЕСМ ќе биде снабдена од државните резерви.
„Постои мазут во државата и нема да има никакво влијание врз снабдувањето. Ако не може да се набави од Грција, ќе се користат резервите“, изјави Божиновска.
Трајковски - ќе се купува струја по берзански цени
Но, според професор Дејан Трајковски од Универзитет "Св. Климент Охридски" Технички Факултет - Битола (ТФБ), вели дека ситуацијата ќе се искористи државата да купува струја од приватници по берзански цени, исто како при увоз.
Како пример, тој укажува на договорот со гасната централа ТЕ-ТО, која по јавниот повик објавен од ЕСМ на 16 декември ќе испорача 104.160 мегаватчасови електрична енергија по цена од 119,5 евра за мегаватчас, што значи дека во текот на јануари ЕСМ ќе ѝ исплати околу 12,5 милиони евра.
„Само за купување и давање провизии на трговците ги бива, наместо за изградба“, вели Трајковски.
Северна Македонија долги години дел од потребниот јаглен и мазут го набавува од Грција, особено за работа на термоелектраните во услови кога домашното производство не е доволно за задоволување на потрошувачката.
Но, истот така државата набавува струја, или од увоз од други држави, но и од приватни производители во земјата, од домашни, но и странски компании.
Последните протести на грчките земјоделци што доведоа до блокади на граничните премини, патишта, па дури и пристаништа и аеродроми, се дел од поширок национален бран незадоволство поради доцнењето на исплатата на земјоделските субвенции, како и растот на трошоците за производство и недостатокот на поддршка од државата.