Дебатата за реформата во администрација меѓу власта и невладниот сектор се вжешти. Предлог законот за високата раководна служба во државната управа, го продлабочи јазот во визијата на извршната власт и оценките од граѓанскиот сектор.
Додека министерот за администрација Горан Минчев го брани предложеното законско решение, како „инклузивно и рационално кое ќе ја намали партизацијата во администацијата“, граѓанските организации предупредуваат дека законот всушност го „зацементира“ политичкото влијание врз јавниот сектор.
Со предложениот закон за висока раководна служба се предвидува избор на професионалци за директори, државни секретари и членови на управни одбори во државната управа. Станува збор за 49 директори и нивни заменици во државни институции, за 19 државни секретари и членови во 13 управни одбори. Но ова е мал дел од институциите затоа што во Регистарот на Министерството за администрација се заведени вкупно 1.374 институции во јавниот сектор.
Со овој предлог закон, најавуван од власта како системско решение „кое еднаш за секогаш ќе стави крај на партиските вработувања и непотизмот“, ќе ги опфати само високите функции на државната управа, односно оние институции кои се директно под капа на централната, а се двојно помалку од оние под општинската власт.
Видете и ова: Законот за „директори-професионалци“ наменет само за пет отсто од институциитеГраѓанскиот сектор вели дека иницијативата за донесување на долгоочекуваното законско решение е позитивен чекор, но, според нив, сепак разочарува бидејќи не носи суштинска реформа што воспоставува кариерна високо-раководна служба, односно не обезбедува ограничување на партизираноста, политизацијата и непрофесионалноста на овие позиции.
Нема јасни критериуми кој ќе ги избира директорите
„Со ова решение не се разграничува професионалното од политичкото управување, отсуствуваат јасни критериуми за тоа кој го спроведува изборот, а Владата и министрите и понатаму останува да уживаат дискреционите овластувања за именување и разрешување, што ја остава администрацијата повторно ранлива на потенцијален клиентелизам и политички реваншизам“, се вели во анализата на Институтот за за демократија „Социетас цивилис“.
Во неа се објаснува дека спорен механизам е комисијата која ќе има за задача да ги интервјуира кандидатите за директори и државни секретари професионалци. Во претходните предлог решенија за овој закон било предвидено формирање Комисија за висока раководна служба, како самостоен државен орган или како постојано работно тело на Владата, со јасно утврден состав, квалификации и мандат директно во Законот.
Но, во новото решение кое сега е на јавна дебата, одговорноста за селекцијата на кандидатите ќе биде поделена. Едната која ќе одговара за директорите кои Владата ги нанзачува ќе се формира според деловникот на Владата, додека втората ќе биде ад-хок тело што ќе го формираат министерстата по потреба.
За невладиниот сектор спорни се составот и критериумите на Комисиите кои ќе одлучуваат за кандидатите професионалци.
„Ваквото решение не обезбедува доволни гаранции за независност, стручност, транспарентност и заштита од политички влијанија, ниту пак воведува значајна новина“, се вели во анализата.
Минчев :Неприфатливи се овие забелешки засега
Со овие забелешки не се согласува министерот за администрација Горан Минчев кој во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека за него таквите забелешки се неприфатливи.
„Што се однесува до овие забелешки, сметам дека се неприфатливи во овој момент, од која причина? Прво, значи ако одиме во процес на намалување на институции или пак управни одбори или членови на управни одбори, односно кратење како што е во овој закон, ги намалуваме на три члена, не можам да ја разберам потребата за формирање на ново габаритно тело коешто претставува дополнителен трошок и тежина на буџетот на Македонија, за да се избираат овие државни функционери, односно директори, државни секретари или членови на управни одбори. Што значи процесот е контрадикторен“, вели министерот.
Видете и ова: Раководни функции по заслуги – предлог законско решение за вработување во јавната администрацијаТој додава дека не гледа потреба од формирање на новото тело, затоа што верува во професионализмот на постојните структури во Генералниот секретаријат.
Министерот најави дека на следната дебата на 18 јануари во Собранието ќе се разговара за забелешките со граѓанските здруженија и претставниците на меѓународната организација за „Поддршка за подобрување на управувањето“ (СИГМА).
НВО: Мандатот на државните секретари е политички зависен од мандатот на Владата
Дополнително, врзувањето на мандатот на државните секретари со времетраењето на мандатот на Владата ги побива сите заложби за професионализација на администрацијата, загрозувајќи ја нејзината автономија и правејќи ја и понатаму зависна и ранлива на политичките промени, велат од гараѓанскиот сектор.
„Наместо да бидат носители на независна, непристрасна и професионална администрација, како и институционална меморија, државните секретари и понатаму ќе бидат зависни од функционери чии мандати се условени од политичките промени. Ваквото решение не придонесува кон стабилноста, автономијата и професионалноста на институциите при секоја промена на власта“, се вели во анализата на Институтот.
Слична забелешка на јавната дебата имаа и претставниците на СИГМА.
„Добрата пракса предвидува овие мандати да бидат најмалку една година подолги од владиниот период. Ова не е случај со тековниот нацрт, а особено во случајот на државните секретари. Затоа, дефинитивно предлагаме ова да се преиспита“, изјави претставникот на СИГМА Питер Вајгл.
Иако законот не предвидува задолжително учество на граѓанскиот сектор во комисиите, министерот изјави дека постои можност тие да бидат повикани ако се оцени дека е потребна нивната стручност.
Дискреционото право е легитимно смета Минчев
Додека за граѓанскиот сектор спорно е дискреционото право на Владата и министрите да одлучат кој од најдобрите три кандидати за директор, државен секретар или член на управен одбор ќе ја добие работат, за министерот тоа е дел од европската пракса. Според Минчев, од владина перспектива, логично е високите раководители да бидат во линија со политиките на власта која добила доверба на избори, со цел да се обезбеди функционалност на институциите.
„Тоа е професионална функција, но функција којашто мора да ги спроведува политиките на владата“, изјави Минчев во интервјуто кое в целост ќе биде објавено на 8 февруари.
Професорот Борче Давитковски предупредува на една друга замка кога станува збор за дискреционото право, затоа што рангирањето ќе зависи од интервјуто.
„ Сепак, постои друга опасност – дискрецијата да не се изврши избор, што води до повторување на конкурсот. Досегашната практика беше дека ако не помине „нивниот човек“, конкурсот се повторува додека тој не ги исполни условите. Подобро е да мора да се избере еден од тројцата кандидати отколку да се поништи целиот конкурс, бидејќи тоа е поголемо дискреционо право“, додава тој.
Видете и ова: Планско или предизборно „вооружување“ со нововработени во институциитеСпоред Инстутитот за демократија без јасен и унифициран систем кој е отпорен на политички влијанија, реформата ризикува да остане само на хартија, додека јавната администрација продолжува да биде сервис на партиските, наместо на граѓанските интереси.
Донесувањето на ваков закон е предмет на јавна дискусија години речиси десет години наназад. Ова е трет нацрт-закон за високи раководители објавен на Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР). Но е прв за кој ќе се дебатира во Собранието.