Иранските ракетни напади со долг дострел ја ставија Европа во состојба на висока готовност

На 21 март, Иран докажа дека неговите балистички ракети имаат потенцијал да стигнат до европските градови.

Европските нации се потрудија да не се заплеткаат премногу во американско-израелската војна со Иран, која сега е во четвртата недела. Тие размислуваа дали да помогнат во деблокирањето на Ормутскиот теснец, но рекоа дека ќе го сторат тоа само по прекин на огнот и по можност со мандат од Обединетите нации.

Но, на 21 март, заканата се приближи до реалноста кога Иран докажа дека неговите ракети имаат потенцијал да стигнат до европските градови.

Техеран истрела две балистички ракети кон Диего Гарсија - заедничка американско-британска база во Индискиот Океан, оддалечена околу 4.000 километри од иранската територија - и официјалните лица во Брисел и пошироко одеднаш го забележуваат тоа.

Видете и ова: САД ги прекинуваат нападите врз иранските енергетски цели по „продуктивните“ разговори со Техеран

Претходно, Иран - под владеењето на покојниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи - одржуваше ограничување на дострелот на балистичките ракети на 2.000 километри.
Хамнеи беше убиен во американско-израелски напад врз Иран на 28 февруари. И тоа ограничување, сега се чини дека е исчезнато - на голема непријатност на Европа.

Брисел е веќе зафатен со војна поблиску до дома: целосната инвазија на Русија врз Украина, која сега е во својата петта година. Блокот досега испрати повеќе од 70 милијарди евра воена помош.

„Ова е за нас нова димензија на војната [во Иран]“, вели еден висок функционер на ЕУ во разговор за РСЕ под услов да остане анонимен. „Да бидеме искрени, нашата воздушна одбрана е прилично исцрпена во моментов.“

Многу европски нации придонесоа за воздушната одбрана на Киев, но исто така сфатија дека постојат значителни празнини во воздушната одбрана на континентот, доколку некогаш се тестира. Иако поседуваат висококвалитетна технологија како што се ракетните системи „Патриот“, „САМП/Т“ и „ИРИС-Т“, неколку европски министерства за одбрана отворено признаваат дека има значителен недостиг од пресретнувачи.

Видете и ова: Трамп до Техеран: Отворање на Ормускиот теснец или „уништување“ на електраните

Европа, исто така, би се борела против таканаречените напади на сатурација што ги користи Русија во Украина, во кои системите за воздушна одбрана се преоптоварени од напад на блокирање, сајбернапади, беспилотни летала и разни видови ракети.
Европа продолжува да биде во голема мера зависна од Соединетите Држави за одбрана од долг дострел. Тука доаѓа до израз потенцијалната закана од Иран за Европа.
Коментирајќи ги нападите врз Диего Гарсија, израелскиот воен командант Ејал Замир истакна дека „овие ракети не се наменети да го нападнат Израел. Нивниот дострел достигнува до европските престолнини; Берлин, Париз и Рим.

Во разговор за РСЕ на 21 март, Мајкл Хоровиц, независен експерт за одбрана со седиште во Израел, рече дека „Иран повеќе не може да се смета за закана ограничена на Блискиот Исток. Тој гради капацитети наменети да ги зголемат трошоците и за подалечните противници“, додавајќи дека „Да бев јас Европеец, ќе бев загрижен“.

Британскиот министер, Стив Рид, на 22 март изјави дека една ракета лансирана кон Диего Гарсија „не успеала“, додека друга ракета била „пресретната“. Тој, исто така, ги отфрли израелските тврдења дека Европа би можела да биде цел, додавајќи дека „нема проценка што ги поддржува тврдењата дека Иран планира да ги нападне европските градови со балистички ракети или дека има капацитет да го стори тоа“.

Ирански беспилотни летала досега беа пресретнати над британските воени бази на Кипар, додека Турција, членка на НАТО, пресретна три балистички ракети во различни прилики на почетокот на март.

Иако НАТО не понуди никакви нови коментари за РСЕ од нападите на Диего Гарсија, воената алијанса, наместо тоа, се повика на својот коментар за тоа кога Турција успешно ги пресретна тие напади.

„Досега Балистичка ракетна одбрана (БРО) на НАТО беше ефикасна против иранските ракети во Турција, што е токму она за што беше дизајнирана“, изјави за РСЕ Оана Лунгеску, поранешна портпаролка на НАТО и сегашен соработник во Кралскиот институт за одбранбени и безбедносни студии.

Видете и ова: Анкара: НАТО распоредува „Патриот“ во јужна Турција

Функционер на НАТО, кој разговараше со РСЕ под услов да остане анонимен, исто така истакна дека БРО на НАТО е дизајнирана точно да издржи ирански ракети - не мора руски - кога првпат била изградена на почетокот на 2000-тите и стапила во функција во 2012 година.

Германија е домаќин на командниот центар во својата воздухопловна база Рамштајн, додека вистинската ракетна одбрана е сместена во полските и романските бази. Турција е домаќин на радар, а Шпанија има четири бродови способни за БРО во својата поморска база Рота.

Но, немојте да се залажувате: Балистичката ракетна одбрана на НАТО има значителен американски отпечаток што ја прави Европа зависна од американската воена заштита.

Роберт Пшчел, поранешен функционер на НАТО и сегашен експерт за безбедност во варшавскиот тинк-тенк Центар за источни студии, за РСЕ изјави дека „работната претпоставка е дека системот е оперативен и прави точно она што треба да го прави“.
„Секако, тоа е посебен систем со клучни елементи обезбедени од САД“, додаде тој.