Аврамовски помина една година од трагедијата во Кочани. Во меѓувреме започна судскиот процес со 35 обвинети лица и 3 фирми. Очекувате ли правда во овој случај?
Јавноста во овој случај очекува брзина во одлучувањето. Ние очекуваме темелност и правда, меѓутоа проблем е доколку системот сега за сега не успева да демонстрира дека има капацитет за едното и за другото. Постапката онака како што беше конципирана уште во самиот старт укажавме дека ќе биде проблематична и ќе влијае на правичноста и на целокупниот исход на крај. Но, исто така веќе забележуваме дека се јавуваат и оние прогнозирани проблеми со динамиката на одржување на рочиштата, нешто што и самиот суд беше свесен, меѓутоа очигледно дека не успева да се справи најдобро што може со овој случај, така што еден ваков обемен случај во најмала рака очекуваме да има проблеми со долгото траење.
Ја спомнавте конципираноста, како стручна јавност кај вас имаше резерва и околу тоа што сите обвинети се гонат за исто дело. Како според вас би бил поефикасен судскиот процес?
Постапката требаше да биде раздвоена. Делата што се за предизвикување на општа опасност беа еден дел од целиот случај, меѓутоа останатиот дел од обвинетите таму се во суштина, доколку го гледате описот на дејствијата што тие точно направиле и како придонеле кон некое кривично дело, станува збор за класични коруптивни поведенија. И постапките за нив требаше да се водат за кривичните дела коишто се поврзани со коруптивното однесување. Меѓутоа, тука главниот проблем го направија измените Кривичниот законик кој беше донесен без да има каква било проекција на тоа на колку случаи и на што сè ќе влијае во иднина. Ова е еден од случаите кој се испостави дека е практично колатерална штета од измените на Кривичниот законик и за многу голем број од обвинетите би биле застарени кривичните дела доколку се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластување.
Видете и ова: Судење за Кочани – тест за судството и за вербата во правдаИзминативе денови се избра нов државен обвинител, судијата Ненад Савески. Кои се најголемите предизвици според вас што го очекуваат новиот обвинител?
Предизвиците со коишто ќе се соочи се отприлика истите предизвици со коишто се соочуваа и обвинителите од претходно. Тоа е ниската доверба во системот, немањето на соодветни ресурси, кадровската неекипираност на обвинителството што со обвинители, што со истражители, што со друг административен и помошен кадар. Оние закони од пакетот на реформската агенда кои треба да бидат усвоени, на кои и обвинителството треба да се прилагоди. Активните случаи кои траат, случаите на Специјалното јавно обвинителство, други високопрофилирани случаи, проблеми со координација, со менаџмент и слично, така што му претстои тешка работа на новиот обвинител најблаго кажано и сосема е очекувано дека ќе се соочи веројатно со нови проблеми кои допрва ќе настанат во работата.
Колку целата постапка на избор на нов државен обвинител беше компромитирана и со изјавите на претставници на извршната власт вклучувајќи го и премиерот Христијан Мицкоски, кој, на пример ја исклучи од трката обвинителката Ленче Ристовска?
Мислам дека тука беа направени повеќе пропусти. Првото беше тоа што Советот на јавните обвинители можеше и требаше да ги покани кандидатите за јавен обвинител на седницата на којашто одлучуваше за мислењето за нив. Можеше да им даде простор тие да се презентираат, јавноста да се запознае, меѓутоа и самиот Совет да се запознае многу подобро со нивните кандидатури, програми за работа и слично.
Тоа беше првата пропуштена прилика на која се надоврза после тоа она широкото мислење практично за сите освен еден од пријавените кандидати од страна на Советот. Тука Советот на некој начин како да избегна да преземе одговорност и да биде некаков филтер во оваа постапка, што и од друга страна и даде отворена карта на Владата да може да го направи тоа. Е сега тука доаѓаме до клучниот проблем што го спомнавте.
Прво, отворените јавни дискредитации на еден од кандидатите за јавен обвинител од страна на премиерот, меѓутоа и тоа што од четворица кандидати за кои Советот даде позитивно мислење, Владата реши да предложи само еден до Собранието. Владата не е стручен орган кој може да ги цени капацитетите на кандидатите, токму затоа беше клучна улогата на Советот и тука исто така сметам дека беше многу погрешно тоа што Владата си зема за право да делува како дополнителен филтер на она што требаше да биде Советот на јавните обвинители.
Видете и ова: Северна Македонија доби нов државен обвинител – кој е Ненад Савески?Доколку Владата предложеше повеќе од кандидатите до Собранието, можеби Собранието ќе се решеше да организира јавна расправа на којашто ќе ги повика кандидатите да се презентираат и да ги презентираат своите програми и на некој начин да го надоместат тоа што Советот пропушти да го направи, така што мислам дека целата постапка можеше и требаше да биде многу попрофесионално и подоследно спроведена, особено ако се има предвид дека веќе се соочуваме со сериозна недоверба на јавноста во Јавното обвинителство и еден ваков процес не мислам дека придонесе за да се унапреди оваа состојба.
Како и да е, Савески како нов обвинител ќе треба да се прилагоди и на новиот Закон за јавно обвинителство за кој дебатата е во тек. Каде вие како стручна јавност ги гледате најголемите проблеми во предлог-законот?
Морам да кажам дека предлогот, новиот Закон за јавно обвинителство е всушност доработка на оној концепт кој беше усвоен во 2020-та година. Слично како и со Законот за Судски совет, станува збор само за допрецизирање и усовршување на оние одредби и моделот кој веќе го имавме усвоено. Секако се согласувам дека ваквиот закон и измените на законската рамка се нешто што е неопходно за да се трасира патот за подобра нивна примена. Меѓутоа, за голем дел од работите не е неопходен самиот закон како таков.
Проблемот не е во законот, затоа што многу често се доведуваме во ситуација политичкиот и функционален неуспех на некоја институција да пробаме да го решиме нормативно. Во таа смисла, добро е тоа, на пример, што пишува еве во новиот закон дека јавниот обвинител на Република Македонија треба да поседува менаџерски и организациски способности. Но, тоа е нешто што се подразбира од една страна. Од друга страна, сум речиси сигурен дека за 5-6 години ќе имаме нов процес за измена и дополнување на законот во којшто ќе треба да прецизираме што значи тоа менаџерски способности.
Така што менувањето на законите без да имаме соодветна анализа на тоа кои се проблемите во праксата и зошто се среќаваме со пропусти во доследна имплементација, не доведуваат во тоа да имаме само формална измена на рамката, теоретски да го унапредуваме моделот, а во пракса да останат истите проблеми. На пример, во новиот закон имаме промена на формулацијата за тоа колкав треба да биде буџетот на Јавното обвинителство – од процент од буџетот, сега е тоа сведено на процент на приходите од даноците.
Практично горе-долу се истата сума на пари како и досега?
Не е истата сума. Значи претходно беше базирано на целокупниот буџет, а сега само на приходите од даноци, што е помал износ. Меѓутоа ние не знаеме зошто досега не беше обезбеден ваквиот износ којшто законски му следува на Јавното обвинителство. И сега да направиме промена на тоа колку средства му следуваат и колку се оптимални без да имаме истражување и финансиска проекција – не знаеме колку чини еден случај, не ги знаеме трошоците кои треба да се направат за да имаме инфраструктурни инвестиции, капитални инвестиции, унапредување на објекти, технологија и слично во јавните обвинителства. Пак ќе кажам, доаѓаме во ситуација нормативно да ги решаваме практичните проблеми, што не секогаш вродува со плод. Така што, иако законот е добар и претставува унапредување на моделот којшто веќе го имаме усвоено, не мислам дека клучниот проблем беше законот, туку треба да се најде коренот на проблемите зошто не се применуваат ваквите одредби во праксата.
Видете и ова: Се „стопи“ буџетот на Обвинителството од Венецијанската комисија до СобраниеОвој закон е дел од реформската агенда, исто како што е и новиот Закон за Судски совет којшто беше донесен крајот на 2025-та. Колку тој е реформски и дали и кај него ги гледате истите проблеми?
Токму тоа – не може да се каже дека станува збор за реформски закон бидејќи не воведуваме нешто ново, не правиме нешто драстично, туку само го унапредуваме оној дел од текстот каде претходно се покажало дека има некои проблеми. Факт е дека ова мораше да биде направено, но останува како пропуштена прилика да се воведат и унапредат некои концепти коишто не беа адресирани овој пат, како на пример можноста јавниот обвинител да биде избран со поголемо или квалификувано мнозинство во Собранието. Така што не би можело да се каже дека, иако се неопходни ваквите законски измени, не се реформски закони и не можеме да очекуваме дека ќе има драстичен ефект во праксата.
Еден од законите што треба да се донесат е и новиот Кривичен законик. Државата веќе влезе во „грејс“ период од рокот кога требаше да го донесе. Дали вие како невладин сектор сте вклучени во работната група за новиот Кривичен законик?
Не…
Вие бевте, но се повлековте кога се донесоа спорните измени на актуелниот закон.
Токму така. И потоа имаше многу други процеси, што за измени и дополнувања на законот, што за целосно нов Кривичен законик, и морам да признаам дека немам информации што се случува со Кривичниот законик, ниту пак која е финалната верзија на текстот којашто треба да биде пратена или веќе е пратена на мислење до Венецијанската комисија и до Европската комисија.
Како ги оценувате последните измени на актуелниот Кривичен законик со кој дел од казните се зголемија, но не се вратија на старото ниво?
Мислам дека беше исклучително погрешно што се направи тоа. Требаше да се вратат оние одредби кои ги имавме до 2023 година, се до донесување на целосно новиот Кривичен законик. Покрај тоа што се интервенираше во делот на казните – се зголемија минималните казни, меѓутоа не се вратија максималните казни на нивото на коешто беа пред 2023 година, што не е само симболично прашање за тоа колку државата се залага и се бори против корупцијата, туку и има практични ефекти врз роковите за застареност коишто ги предвидува истиот закон. И воедно се интервенираше во самите дефиниции на кривичните дела, што исто така сметам дека беше погрешно, затоа што една од клучните работи е тоа што користа којашто се стекнува со сторување на овие кривични дела се сведе исклучиво на имотна корист, во период кога Европската Унија подготвува предлог-директива со којашто се охрабруваат земјите да ги инкриминираат и сите други видови на стекнување на некаква корист со сторување на корупција, какви што ние ги имавме во нашиот закон до 2023-та година.
Видете и ова: Стотици милиони евра оштетен буџет, минимално конфискуван имотНа пример, што значи во пракса?
На пример во пракса тоа може да биде која било корист којашто не е исклучително имотна, како добивање на одредени привилегии, непотизам, фаворизирање, сексуални услуги, изнуда на сексуални услуги и ред други форми коишто се нетипична форма на корупција којашто не се сведува на давање на пари или некој друг вид на имотна корист.
Зборуваме за закони, за реформска агенда. Која е вашата генерална оценка за тоа како течат реформите во правосудството? Законите дел ги имаме веќе на хартија, но што е она што генерално ни недостасува?
Токму тоа е клучното прашање. Многу често посегнуваме кон реформи и кон менување на законите затоа што е најлесно одговорноста на проблемите да се препише на законот кој е апстрактен поим и нема чувства. Ни недостасува таква анализа да видиме кои се главните пречки и проблеми за спроведување на вистински и темелни реформи, а не само формални и декларативни заложби за унапредување на системот.
Го имаме случајот со Академијата за судии и јавни обвинители, каде се прекина практично целосно процесот за избор на нови слушатели и немаме некое соодветно образложение зошто тоа се случи и кој е планот што понатаму, бидејќи за секоја нова генерација која излегува од таму се потребни некои 3-4 години, што значи дека ние веќе до 2030-та година тешко дека ќе имаме прилив на нови судии и нови јавни обвинители, а веќе имаме сериозна загуба на кадар и од судовите и од обвинителствата.
Колку судии и обвинители во моментот фалат според вашите анализи?
Колку фалат – тоа исто така е тешко да се каже, затоа што проценката, оној проектиран број колку е потребно да имаме судии и јавни обвинители, не е ревидиран веројатно од осамостојувањето на нашата држава.
Кога станува збор за судиите, од нашите анализи имаме видено дека во изминативе 5 години имаме намалување на бројот на активни судии за 25 проценти. Кога станува збор за Јавното обвинителство, според самите проекции на Јавното обвинителство, тие моментално оперираат со две третини од вкупниот капацитет, односно имаат две третини од потребниот број на јавни обвинители.
Но, морам да истакнам тука дека во 2013-та година кога се направи промената на моделот на кривична постапка во акузаторен модел, се сменија во голема мера улогата и надлежностите на јавните обвинители. Ваквиот модел кој го имаме сега изискува многу поголем ангажман од јавните обвинители, што би значело дека еден јавен обвинител може да работи помалку предмети по овој закон отколку што тоа беше претходно. И тука немаме ревизија на бројот којшто е потребен, немаме нова анализа, немаме проекција и поради тоа веројатно е дека бројот на јавни обвинители е и уште помал од она што ние сметаме дека е.