Достапни линкови

Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан


Илустрација
Илустрација

Северна Македонија очекува да добие една од вкупно шест милијарди планирани за регионот. Но, дали Западен Балкан ќе ги види овие пари во реалноста ќе зависи од тоа колку државите ќе ги завршат домашните задачи за реформи, но и ќе соработуваат со соседите за создавање заеднички регионален пазар.

Шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан, создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.

Ова се дел од целите на амбициозниот, но комплексен План за раст што на 8 ноември го презентираше Европската комисија (ЕК). Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а Северна Македонија очекува од шесте, да ѝ бидат на располагање една милијарда евра.

Од вкупната сума за регионот, предвидено е две милијарди да бидат дадени како неповратни средства, а останатите четири како поволни заеми.

Меѓутоа, овие пари Брисел не ги нуди „на тацна“ туку тие се условени со реформи што земјите треба да ги спроведат. Кажано со други зборови – ако има реформи, ќе има и пари.

Инфографика - Фонд за реформи и раст на Западен Балкан, Европска комисија
Инфографика - Фонд за реформи и раст на Западен Балкан, Европска комисија

Покрај конкретни социо-економски реформи, се споменуваат и фундаменталните како владеење на правото, демократијата и почитувањето на основните човекови права и слободи. Тука се и макрофинансиската стабилност, здравото управување со јавните финансии, транспарентноста и надзорот на буџетите…

За Србија и Косово се наведува и посебен предуслов – конструктивно да учествуваат во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи со цел да ги спроведат обврските од досега постигнатите договори и анекси.

Половина од парите во рамки на Планот е предвидено да се исплаќаат директно во националните буџети на државите за да се забрза растот на социо-економските реформи, додека другите ќе бидат за инфраструктури инвестиции и ќе се распоредуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а ќе се однесуваат на проекти насочени кон транспортот, енергијата, дигитализацијата образованието, развојот на вештини, климатски промени.

Презентацијата на Планот за раст беше во фокусот и на прес-конференцијата за пакетот на проширување на ЕУ што претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ја одржа заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на 8 ноември во Брисел. Меѓутоа, Планот падна во сенка на извештаите за напредокот на земјите, од кои во случајот за Северна Македонија имаше сериозна загриженост заради немање непредок во судството и распространетоста на корупцијата, како и за политичката поларизација.

Првите пари би се исплатиле до средината на 2024 година

Планот за раст засега е на ниво на предлог на Комисијата. Ќе треба да биде усвоен од Европскиот совет и Европскиот парламент. Паралелно, предвидено е од шесторката од Западен Балкан (Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина) да се побара да подготви реформски агенди врз основа на препораките што ги дава Брисел, вклучително од извештаите за напредокот за земјите и програмите за економски реформи. Овие агенди, ќе треба да се направат во консултација и да бидат одобрени од ЕК.

„Доколку се постигнат двете работи (усвојувањето во Европскиот парламент и Советот и изготвувањето на реформските агенди) на почетокот на следната година, Комисијата ќе може да го оцени напредокот во реформите и да ги иницира првите исплати до средината на 2024 година“, пишува во документите од ЕК.

Се планира исплати да има два пати годишно.

Претседателката Фон дер Лајен, Планот го оцени како „извонреден потенцијал за раст“, а евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир смета дека ова е „многу храбар предлог што ќе ги смени правилата на игра“, но како сето тоа ќе функционира, ќе треба да се види.

Олеснет, а не целосен пристап до европскиот пазар

Стефан Ристовски, истражувач во Институтот за европска политика (ЕПИ) вели дека клучно е да имаме напредок во реформите, а додека се очекува ЕК да појасни како условеноста со реформи што ја има овој План ќе биде операционализирана во пракса, јасно е дека како држава ќе треба да работиме и на регионална економска интеграција со земјите од опкружувањето.

„Планот за раст предлага пакет од седум приоритетни области за интеграција во единствениот пазар. Важно е да забележиме дека станува збор за поблиска интеграција, односно ’олеснет пристап‘ до европските пазари, а не целосен и слободен пристап до пазарот (без никакви ограничувања). Во секој случај, неговата операционализација може да донесе директна корист за граѓаните и бизнисите од регионот. Оттука, напредок во поглавјата кои се директно поврзани со областите од Планот за раст за Западен Балкан се клучни како за нас така и за останатите земји од регионот“, вели Ристовски за Радио Слободна Европа.

Во иднина, нагласува тој важно е во државата да има поширока консултација и консензус внатре за тоа кои се клучните приоритети за искористување на средствата што се нудат преку Планот.

Интеграција во единствениот пазар на ЕУ по систем на заслуги

Седумте приоритетни области кои ги споменува Ристовски, а во кои Комисијата проценила дека ЕУ може да му понуди приближување на Западен Балкан до единствениот европски пазар се: слободно движење на стоки; слободно движење на услуги и работници; пристап до единствената зона за плаќање во евра; интегрирање на патниот сообраќај; интегрирање на енергетските пазари; единствен дигитален пазар; и интегрирање во индустриските синџири на снабдување.

Во документите што ги објави ЕК, се констатира дека на Западен Балкан веќе се одвива обемна работа за создавање заеднички регионален пазар и тоа, се нагласува, ќе биде неопходен предуслов и за „поблиска интеграција со единствениот пазар на ЕУ“.

„Партнерите кои не се целосно посветени на заедничкиот регионален пазар или го попречуваат спроведувањето на акцискиот план за заеднички регионален пазар, не може да очекуваат дека ќе имаат корист од Планот за раст во однос на можностите што се нудат за интеграција во единствениот пазар (пазарот на ЕУ). Важно е дека ниту еден партнер од Западен Балкан нема да може да ги блокира другите петмина во пристапот до единствениот пазар на ЕУ“, нагласуваат од ЕК.

Функционирањето на заеднички регионален пазар за Брисел е важно затоа што се проценува дека тој може за 10 отсто да го зголеми БДП-то на регионот, но и затоа што тој ќе се заснова на правилата и стандардите на ЕУ.

Планот е одговор на барањата од државите од Западен Балкан

Ваква поставениот План за раст, според претседателката на ЕК, може да ја удвои економијата на Западен Балкан во следните 10 години и ќе ги доближи економиите на земјите до таа во ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оцени дека ова е и катализатор за забрзување на реалната евроинтеграција.

„Како што го забрзуваме спроведувањето на фундаменталните реформи, ќе го отвориме и нашиот единствен пазар за Западен Балкан. Ова ќе го намали економскиот јаз меѓу ЕУ и нашите партнери и ќе ги подготви за конкуренцијата на единствениот пазар на ЕУ со цел тие да може да ги користат придобивките од нивното учество во Унијата уште од првиот момент“, рече Вархеји на 8 ноември.

Евроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир, пак, упати охрабрување до земјава внимателно да го погледне предлог за раст бидејќи, како што рече, „ова е многу моќна понуда, но од вас зависи преку реформи да ја претворите во реалност“.

„Двигателот на растот е токму единствениот пазар на ЕУ. Овој радикално нов предлог делумно одговара на барањата од партнерите во регионот. Се работи за брз раст на економијата, зголемување на стандардот на живеење, инвестиции и можности за вработување“, рече Гир на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија Бојан Маричиќ на 9 ноември.

„Повеќе пари – обврска за побрзи реформи“

Вицепремиерот Маричиќ, пак, оцени дека Планот за раст ќе ја засили економијата и ќе ги намали разликите со ЕУ.

„Тоа значи дека нашите производи и услуги ќе почне да се пласираат на единствениот европски пазар под исти услови како и државите членки на ЕУ и пред нашето официјално членство во ЕУ“, рече Маричиќ.

Тој посочи дека планот е, не само финансиска туку и политичка инвестија на Унијата во Северна Македонија и значи подадена рака за забрзана интеграција со цел членство до 2030 година. Повеќе пари и поголема помош, нагласува Маричиќ. значи и обврска за побрзи и поефикасни реформи.

ВМРО-ДПМНЕ: Помошта е корисна само ако се користи правилно

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека парите се добредојдени ако се користат како што треба. Критикуваат дека додека ЕК размислува за План за раст на регионот, СДСМ и ДУИ се задолжуваат, па до крајот на годинава јавниот долг ќе го донесат до 8,5 милијарди евра.

„За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија, одговорна партија, ги следи сите економски движења и согласно условите делува во насока на интересите на народот. Помошта од ЕУ во целост и од државите членки е корисна само ако правилно се користи, а европските амбасадори ја дадоа пораката за повлекување и за злоупотреби од СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Промовирањето на Планот за раст беше и една од главните причини за турнејата што ја имаше претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во земјите од регионот на крајот на октомври и почетокот на ноември.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG