Како ќе влијаат превирањата во нафтено богатата Венецуела врз трговијата со далечни партнери?

Работник собира примерок од сурова нафта на нафтен бунар управуван од државната нафтена компанија на Венецуела

Американските воени напади во Венецуела и изјавите што следеа од претседателот, Доналд Трамп ја отворија можноста за масовно зголемување на производството на венецуелска нафта под контрола на САД. Не е јасно кога, како, па дури ни дали тоа може да се оствари.

Но Венецуела ги поседува најголемите докажани резерви на нафта во светот, а Трамп сугерираше дека американските компании би можеле да ги изнесат на пазарот.

Екстра-тешката сурова нафта на Венецуела е многу барана бидејќи е идеална за специјализирани рафинерии како оние на американскиот Заливски брег, кои располагаат со единици што овозможуваат преработка на оваа густа нафта во високопрофитни производи како бензин и дизел.

Со оглед на тоа што ситуацијата сè уште е неизвесна, ова претставува едно од неколкуте потенцијални влијанија врз глобалната економија, како и врз клучните партнери на Венецуела: Русија, Иран, Кина и Куба.

Русија

Силната понуда доведе до тоа цените на нафтата да го забележат најголемиот годишен пад во 2025 година од времето на пандемијата на КОВИД-19, кога глобалната економска активност доживеа колапс во 2020 година.

Видете и ова: Што може да значи апсењето на Мадуро за Русија?

За Москва, овие падови веќе имаат негативно влијание, а настаните во Венецуела по приведувањето на соборениот венецуелски лидер, Николас Мадуро би можеле дополнително да ја влошат состојбата.

„Ако нашите американски ‘партнери’ добијат контрола врз нафтените полиња во Венецуела, тие ќе контролираат повеќе од половина од светските резерви на нафта. Веројатно планираат нашите цени на нафтата да не се искачат над 50 долари за барел“, напиша олигархот Олег Дерипаска на 3 јануари.

Дерипаска е еден од ретките олигарси кои ја критикуваа целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година. Но неговите коментари го одразуваат интересот на Кремљ за одржување високи цени на нафтата.

„Перспективата Соединетите Држави да стекнат влијание врз производството на венецуелска нафта… е јасно непожелна во Москва“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) политичката аналитичарка, Александра Ситенко со седиште во Берлин.

Не е јасно дали САД ќе добијат контрола врз венецуелската нафта. Привремената претседателка Делси Родригез, која положи заклетва пред парламентот на Венецуела на 5 јануари, даде нејасни изјави за соработка со Вашингтон во однос на развојот, но и силата на нејзината власт и нејзините намери остануваат неразјаснети.

„Би биле потребни значителни инвестиции за Венецуела да го запре падот на производството забележан во последните децении“, изјави портпарол на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) за РСЕ.

Видете и ова: Трамп ги предупреди владетелите на Венецуела да „соработуваат“ или ќе платат „многу висока цена“

Ситенко додаде дека, со оглед на овие предизвици, предизвикани од долгорочно лошо управување и меѓународни санкции, зголемувањето на производството би било бавен процес.

„Стратешки гледано, Кремљ веројатно е повеќе загрижен за пазарната моќ отколку само за обемот. Проширувањето на американското влијание врз венецуелската нафта би ја зајакнало способноста на Вашингтон да ги обликува глобалните енергетски текови и цените, потенцијално поткопувајќи ги механизмите за координација како ОПЕК+, на кои и Русија се потпира за стабилизирање на приходите“, додаде таа.

Поради статусот на Венецуела како меѓународен изолат, западните компании ја напуштија земјата, со забележлив исклучок на американскиот нафтен гигант „Шеврон“.

„Таму каде што секторот не е уништен, присутни се руски, ирански и кинески компании. Секако, САД сакаат да ги истиснат“, изјави политичкиот аналитичар, Иван Преображенски за рускиот сервис на РСЕ.

Од друга страна, можно е и поле за соработка. Вашингтон сигнализираше дека е заинтересиран за економски придобивки од соработка со Москва. Во Националната стратегија за безбедност се говори за желбата да се „воспостави стратешка стабилност со Русија“.

Русија, исто така, се почувствува загрозена од најавата на претседателот Трамп во декември за блокада на санкционирани танкери кои одат кон или од Венецуела, што ги зголеми ризикот и неизвесноста за танкерите од т.н. руска „флота во сенка“, која Москва ја користи за заобиколување на санкциите.

Иран

Блокадата е една од многуте работи што го изложуваат Иран на исти ризици како Русија, што беше нагласено минатиот месец кога американските сили запленија танкер кој бил дел од иранската „сенка флота“, додека пловел крај брегот на Венецуела.

Земјата со години ѝ помага на Венецуела да ги заобиколува меѓународните санкции.

Клучен производ, кој Венецуела го набавува и од Русија се супстанциите што се користат за разредување на густата, тешка сурова нафта на Венецуела.

Видете и ова: Мадуро е во затвор во Њујорк, непријателите на САД загрижени за воениот упад

Венецуела, исто така, е купувач на иранско оружје, а најновите американски санкции поврзани со оваа трговија беа објавени на 30 декември. Во нив се наведуваат набавки на дронови и „конвенционално оружје“, како и хемикалии за балистички ракети.

Иднината на овие профитабилни трговски врски, во најмала рака, изгледа неизвесна, имајќи го предвид масовното американско поморско присуство во Карибите.

Во меѓувреме, и покрај тековните политички превирања во самиот Иран, некои ирански медиуми шпекулираа дека судбината на венецуелскиот долг од 2 милијарди долари кон Техеран е под знак прашање.

Кина

Кина е уште еден клучен партнер на Венецуела и соопшти дека „остро ја осудува отворената употреба на сила од страна на САД против суверена држава“.

Последното појавување на Мадуро, неколку часа пред неговото приведување од американските сили, било на средба со Ќиу Сјаоки, кинескиот пратеник за латиноамерикански прашања. Мадуро минатата година се сретна и со кинескиот лидер Си Џинпинг во Москва.

Покрај дипломатските контакти, Кина, според МАЕ, е и главниот купувач на венецуелска нафта.

Видете и ова: Кинеска фабрика за гуми во Србија под блокада од САД поради загриженоста за принудна работа

Даниел Стерноф од Центарот за глобална енергетска политика при Колумбискиот универзитет сугерираше дека американската контрола врз венецуелската индустрија би можела да ги загрози тие испораки.

Кина обезбедува приближно 4 до 5 проценти од својот увоз на нафта од Венецуела. Губењето на дел или на целата количина би било удар, но не и катастрофа.

И додека продолжуваат напорите за повторно преговарање на трговските односи меѓу Кина и САД, венецуелската нафта е само дел од многу пошироката слика.

Во секој случај, претседателот Трамп се обиде да ги минимизира шпекулациите дека овие испораки би биле ограничени. „Тие ќе добијат нафта“, изјави тој за „Фокс енд Френдс“ на 3 јануари.

Друг важен аспект од економските односи е проценетиот долг на Венецуела кон Кина од 10 милијарди долари. Дел од тој долг се отплаќа преку извоз на нафта.

Куба

Можеби ниту една земја не е толку ранлива на прелеаните ефекти од американските дејства во Венецуела како Куба.

Земјата, која се соочува со сериозен недостиг на готовина, во голема мера зависи од Венецуела за енергетски испораки, кои ги добива по силно субвенционирани, исклучително ниски цени.

Видете и ова: Рубио: Владата во Куба е „огромен проблем“

„Венецуела денес ѝ испорачува на Куба околу 35.000 барели нафта дневно, што претставува 50 проценти од нафтениот дефицит на островот“, изјави за РСЕ, Хорхе Пињон од Универзитетот во Тексас во Остин.

„Куба нема финансиски ресурси да го покрие тој можен недостиг“, рече тој, додавајќи дека за да се избегне економски колапс „американската влада би можела да побара од Венецуела да продолжи да ја снабдува Куба со нафта“.

Спроведувањето на американските санкции веќе доведе до намалување на енергетските испораки, а Куба се соочува со сè почести прекини на електричната енергија што ги погодува и домаќинствата и индустријата.
Трамп изјави дека Куба „оди кон целосен пораз“.

Инфографика - Во кои држави се најголемите резерви на нафта во светот