Борел: Немаме намера да ги одвоиме Северна Македонија и Албанија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел денеска изјави дека со министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле дека не постои намера за одвојување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ процесот. Во воведниот говор тој се осврна на Северна Македонија откако се појавија бројни шпекулации дека Скопје и Тирана би можеле да бидат одвоени доколку не се отстрани ветото на Бугарија.

„Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот, сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување кон и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија“, изјави Борел по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

Засилен ангажман на ЕК, но и кусо време за решавање на проблемот со Бугарија

Тој ги повикува бугарската и македонската страна итно да изнајдат заеднички прифатливо решение.

„Имавме разговор за ова денес, ја слушнавме Бугарија и ги охрабруваме двете страни итно да изнајдат заеднички прифатливо решение. Условите се исполнети, земјите членки се одлучија да ги отворат преговорите за Северна Македонија и се надеваме дека Меѓувладината конференција ќе се свика што е можно побрзо по усвојувањето на преговарачката рамка, министрите за надворешни работи на земјите членки се заложија да туркаат силно за свикување на првата Меѓувладина конференција и да ја усвојат рамката“, изјави Борел попладнево на прес – конференцијата по Советот за надворешни работи на ЕУ.

Во Брисел состанок за Западен Балкан- причина се сериозните потешкотии на регионот

Борел нагласи исто така дека Европската Унија е загрижена поради изјавите за одвојување на Скопје и Тирана и дека ставот во Советот не е променет по ова прашање.