Конкурс за сместување во јавните ученички домови - Каков е ковид протоколот?

Илустрација - Ученици на прв школски ден

Министерството за образование и наука објави Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во земјава за учебната 2021/2022 година.

Слободни се вкупно 2578 места за сместување и исхрана на ученици од средното образование, во 18 домови во Скопје, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Македонски Брод, Кратово, Струмица, Струга, Свети Николе и Штип.

Од МОН информираат дека согласно здравствениот протокол за справување со КОВИД-19, во јавните ученички домови во една соба се сместуваат 50 отсто ученици од вкупниот капацитет на собата и право на сместување ќе имаат само учениците кои имаат настава со физичко присуство или комбинирана настава.

„Доколку во текот на идната учебна година се надмине пандемијата и ќе се создадат услови за сместување со полн капацитет, во домот ќе се сместат сите ученици кои стекнале право на сместување со Конкурсот“, истакнуваат од МОН.

Видете и ова: Средношколскиот сојуз му даде „1“ на МОН

Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во втора, трета и четврта година ќе почне од 24 јуни и трае до 1 јули 2021, а рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во прва година почнува од 2 јули и ќе трае до 9 јули 2021.

„Првенство при прием во ученичките домови ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови низ земјава“, велат од МОН.

Листата на примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на МОН, како и на огласната табла на домот најдоцна до 15 август, а вселувањето на примените ученици ќе почне од 31 август годинава. По објавување на листата, учениците ќе имаат право на приговор во рок од 3 дена кој се поднесува во МОН. Учениците кои ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги плаќаат трошоците за превоз од и до постојаното место на живеење.

Во конкурсот на МОН се наведени повеќе информации за условите за прием на ученици во јавните ученички домови, потребните документи, начинот на пријавување и постапката за прием.