Достапни линкови

Негување на младинскиот дух со младински центри


Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар

Низ Македонија се отвораат се повеќе младински центри со различни идеи, но со иста цел – негување на младинските идеи и овозможување на младинското учество.

Центри за развој на идеи, за развој на креативноста, за учествување во младински политики, за младите... Младите добиваат свои простори низ Македонија. Само неделава беа отворени три младински простори, односно младинскиот ресурсен центар „I can“ во Гостивар, младинскиот центар Матично во општина Центар, како и Europe House во Крива Паланка, младински простор отворен од Европска Унија.

Според Законот за младинско учество и младински политики, неделава општина Центар го отвори младинскиот центар Матично. Идејата за создавањето на вакво младински катче, како што велат од општината, произлегла на форумите кои ги организирала општината и која го прифатила концептот за младински центар, кој бил предложен од група млади од Првиот скопски извиднички одред.

Младински центар Матично во општина Центар
Младински центар Матично во општина Центар

„Просторот нуди одлични услови за реализирање младински програми од секаков вид. Имаме на располагање три големи простории и дворно место, кои ќе бидат достапни за сите младински организации од Центар. Планирани се различни едукативни, културни и забавни активност. Кога ќе заврши состојбата со корона вирусот, ќе организираме настапи на млади музичари, ликовни колонии, изложби на млади уметници, како и филмски проекции“, вели координаторката на младинската програма на Првиот скопски извиднички одред Снежана Јанковиќ.

Младински центар Матично во општина Центар
Младински центар Матично во општина Центар

Со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики во јануари 2020 година, за прв пат во Македонија беа дефинирани младинските центри како еден од видовите сервиси за млади. Со донесувањето на овој закон беше воведена и обврска за сите општини да овозможат функционирање на најмалку еден младински центар во рок од 5 години од донесувањето на законот.

„Во овој момент, подготвителни активности за отворање на младински центри се започнати и во Кавадарци, Битола, Велес и Куманово, со тоа што од наведените, младинскиот центар во Кавадарци е најблиску до отварање. Со оглед на бавното темпо со кое се движат работите со младинските центри, ние апелираме сите општини да започнат со подготвителни активности веднаш, да се мапира соодветен простор во секоја општина и да се оствари соработка со локалните младински организации за да започнат процесите на подготовка и опремување на просторот“, вели Кристијан Панев, член на Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија.

Кристијан Панов, член на Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија
Кристијан Панов, член на Управниот одбор на Национален младински совет на Македонија

Според Панев, за да бидат успешни овие центри треба да бидат управувани од младите и младински организации, односно тие да бидат креатори на програмите и активностите. Додека локалната власт треба да овозможи институционална поддршка и охрабрување, со тоа што не треба да се бирократизира функционирањето на центарот.

„Младинските центри треба да бидат автономни зони на младите и младинските организации, каде самите млади ќе ги подготвуваат програмите и активностите за работа на младинскиот центар. Од младинските центри се очекува да овозможат простор за соработка, креативна работа, дружење и унапредување на потенцијалот на младите во една локална заедница. Очекувањата од младинските центри се да прераснат во слободна зона на младите, кои ќе го чувствуваат како свое катче, каде во секое време слободно ќе можат да се изразуваат, да генерираат нови идеи, проекти и активности заедно со своите врсници“, вели Панов.

Во гостиварскиот центар пак, ќе се подготвуваат младите за пазарот на трудот, ќе се поттикнува претприемачки дух и иновативни бизнис решенија.

„Младинскиот ресурсен центар ќе им помага а на младите, да ја развиваат креативноста и бизнис идеите и така да ги преточат во вистински бизниси и во старт ап компании и активно да учествуваат заедно со сите чинители на пазарот на трудот“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на отворањето.

Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар
Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар
Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар
Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари ја истакна важноста од еден ваков центар за локалниот развој и изрази уверување дека овој современ ресурсен центар ќе одговори на потребите на младите во целиот полошки регион. Тој искажа задоволство бидејќи, како што рече, за две години ова е трет ваков центар во општина Гостивар.

Иницијативата за отворање на Младинскиот ресурсен центар е дел од проектот за создавање можности за работа за ранливите категории, вклучувајќи ги и младите. Активностите се финансирани од Швајцарската агенција за соработка и развој, а реализирани од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со локалните партнери и Министерството за труд и социјална политика.

Од друга страна, Европската Унија отвори Europe House во Крива Паланка, по теркот на постечкиот простор Europe House во Скопје. Целта е препознавање на потенцијалот на младите, нивните стремежи и амбиција да се надградуваат професионално и поттикнување на младите луѓе да земат активно учество во обликувањето на европската иднина на земјата. Овој нов урбан простор, концептуално е дизајниран да биде место каде што младите луѓе може да се ангажираат, да се сретнат, да дебатираат, учат, организираат настани, гледаат филмови, учествуваат во културни активности, да се забавуваат, вмрежуваат, да создаваат и да ги презентираат идните идеи или проекти, но и да добијат информации за европските вредности, функционирањето на ЕУ, интеграцискиот процес и отворените европски фондови.

„Европска куќа“ во Крива Паланка
„Европска куќа“ во Крива Паланка

„Нека ова биде место на младите и идните генерации, симболика на стремежот и амбициите за напредок, учење, искуства,нови контакти, проекти,симболика на нови мостови на соработка и пријатество. Младите се движечка сила, носители на промените и клуч на успехот на секое општество“, истакна градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски за време на отворањето.

Ваков простор викендов ќе се отвори и во Струмица.

„Европска куќа“ во Крива Паланка
„Европска куќа“ во Крива Паланка

XS
SM
MD
LG