Во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина

претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдулах Хоти

Дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ ќе продолжи денеска во Брисел со средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдулах Хоти. Домаќини на состанокот закажани за 16 часот се шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Вучиќ, Хоти, Борел и Лајчак во неделата одржаа видео состанок, по што најавија дека постигнале договор за клучните елементи на процеотс и на агендата на денешната средба.

Србија и Косово во посредство на ЕУ ќе седнат на маса за преговори

Вчера, претседателот на Србија рече дека двете главни теми на денешната средба ќе бидат прашањето за исчезнатите и раселени лица и подобрување на економската соработка. Вучиќ досега не се сретнал во живо со Хоти, кој стана косовски премиер на 3 јуни. Дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ е прекинат од ноември 2018 година, кога тогашната влада на Рамуш Харадинај воведе даноци од 100 проценти на увозот на стоки од Србија.

Мета: Иднината на Косово и Србија е во Европската Унија

Даноците беа укинати од владата на Албин Курти, формирана во февруари, но тие беа заменети со реципрочни трговски мерки кон Србија. На 6 јуни, три дена по формирањето, владата на Хоти ги укина реципрочните мерки против Србија, со што се отстрани клучната пречка за продолжување на дијалогот.