Тачи - Меѓународниот правосуден систем се обидува да ја ревидира историјата

Косовскиот претседател Хашим Тачи.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој пред неколку денови беше обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, го обвини меѓународниот правосуден систем за обид да ја преработи историјата. Тој во првиот коментар во јавноста откако е обвинет рече дека за два дена, односно в недела ќе се обрати на јавноста во врска со информацијата дека во Специјалниот суд за Косово е покренато обвинение за воени злосторства против него и против лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на Собранието, Кадри Весели. Тачи денеска се врати во Косово откако го скрати патување во Вашингтон.

„Никој не може да ја преработи историјата на Косово“, напиша тој и на англиски и на албански јазик во објавата на Инстаграм.

Хашкото обвинителство го гони косовскиот претседател Тачи за воени злосторства

Косовскиот претседател завчера тргна на пат за Вашингтон, каде што заедно со премиерот Авдулах Хоти на 27 јуни, требаше да се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ и српската премиерката Ана Брнабиќ во Белата куќа. Меѓутоа по објавувањето на веста за обвинението Тачи го прекина патувањето. По ова и Хоти го откажа учеството на средбата, која ја организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел.

Вучиќ денеска изјави дека Белград ќе покаже воздржаност.

Српскиот претседател Вучиќ денеска во Брисел

Во вторникот беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово, со седиште во Хаг, покренало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.

Тачи беше командант на Ослободителната војска на Косово (УЧК) која се бореше против безбедносните сили на Србија во војната 1998-99 година.