Филипче: Рано е за отворање на границите

Министерот за здравство Венко Филипче

Се уште е рано да се отворат границите, не треба со тоа да се брза, затоа што ако се отворат огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој додаде дека отворањето на границите треба да биде координирано со соседните земји и дека токму тоа била причината за посетата на Грција, каде се дискутирало за начинот на поминување на границите, за што се чека на нивниот одговор.

„Работите кои таму ги дискутиравме во однос на начинот на кој што ќе се поминува границата беа во однос на потребните тестови и во однос на евентуалниот начин на било кој заболен од земјите, кои ќе се сложат на тој договор да добијат бесплатна здравствена заштита доколку при престој во некои од овие земји заболат од коронавирусот. Испративме официјално писмо до грчкото Министерство за здравство со кое ги формализиравме сите овие поенти кои ги разговаравме за време на состанокот и го чекаме нивниот одговор“, рече Филипче.

Тој додаде дека Србија донела одлука да се отворат границите, но смета дека за нашите услови, тоа е уште рано. Сепак, како што рече, како Влада одговараат на сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас, така што додаде дека нема ништо компромитирачко.

„Нема потреба од брзање, ние имаме систем во кој што одговараме на апсолутно сите барања за патувања на поединци кои треба да патуваат во странство или странци кои доаѓаат кај нас или наши луѓе кои се враќаат во нашата земја преку Централниот штаб во Владата така да ништо не е компромитирано во однос на тоа, но мислам дека многу внимателно треба да се пристапи на прашањето“, рече Филипче.

На прашањето како ќе се пристапи за ова прашање со соседните земји, Филипче одговори дека министерот за надворешни работи вчера имал состанот со повеќе земји од соседството, но ќе останат да го чекаат одговорот од Грција, и тој документ би го понудиле на соседните земји.