Достапни линкови

Отворање на границите за спас на земјоделците и сточарите


илустрација
илустрација

Дел од земјоделците кои произведуваат раноградинарски култури веќе ги почувствуваа последиците од корона кризата. На пример, одгледувачите на зелка. Со попуштање на мерките тие се надеваат дека нивните производи ќе стигнат на европскиот пазар

Помалку или повеќе корона кризата го погоди и земјоделскиот сектор во државата. Затворените граници, неможноста да се извезуваат македонските земјоделски култури на европските пазари околу два месеца, оставија свој печат на луѓето коишто заработуваат од земјоделството.

„Најтешкото помина“, ја почнува својата приказна Блажо Витанов од Струмица. Тој е сопственик на фирма која се занимава со откуп, пакување и извоз на земјоделски производи. Витанов вели дека кризата со корона вирусот предизвикала штети на неговиот бизнис и потполно го сменила претходно изработениот годишен план за работење.

„Од кога се појави короната веднаш се забележа дека сите количини кои ги имавме договорени со нашите купувачи во Европската Унија драстично се намали. Нивните изговори беа дека има рестрикции на движење и дека зелката која тој период беше најактуелна, не е приоритет, односно се троши минимално. Ако имавме планирано 10-15 камиони неделно, нарачките во тој период се сведоа на два до три камиони на неделна база“, вели Витанов.

Тоа пак додава тој, предизвикало последици и на домашниот пазар каде што зелката од 35 и 40 денари килограм, брзо паднала на 10 денари.

„Сето тоа предизвика големи количини вишок на зелка, на која нема што да и правите, не може да стои. Тие количини пропаднаа, но добро ни дојде помошта од Владата која субвенционираше по 3 денари за откуп на зелката и на некој начин компензираше за загубеното. Добивка нема, но да нема ни загуби“, вели Витанов.

Но, секој сектор од земјоделството претрпе штети од оваа криза, вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделски производители. Последици почувствуваа земјоделците на градинарски култури, сточарите кои одгледуваа јагниња, но и постарите земјоделци кои се веќе пензионирани, а не можеа да работат и да помагаат поради полицискиот час и забраната за движење на лица над 67 години, вели Шаклев.

„Поголем дел од постарите луѓе се занимаваат со земјоделството. Некои се занимаваат со сточарство, други со овоштарство. Со ограниченото движење и неможноста да работат им се направи на некој начин штета. Потоа градинарството осети последици. Се запре, границите беа затворени. Во екот на бербата на зелката не функионираше ништо и затоа штетите таму најмногу ги почувствуваа земјоделците кои саделе зелка“, вели Шаклев.

Но, токму во тој период како дел од мерките за помош во земјоделскиот сектор Владата обезбеди нова интеревентна мерка во висина од 3 денари за продадена зелка. Мерката е донесена во координација со производителите на зелка, а заради стабилизирање на пазарот со зелка.

Шаклев вели дека секоја помош од надлежните е добредојдена, но според него, пореална мерка би била плаќање по површина.

„Затоа што тие кои не можеа да ја продадат зелката и таа остана на нивите, нема да земаат ниту од продажба ниту од државата. Пари земаа само тие кои ја продадоа.А што станува со тие кои ја изораа на нива? Затоа мое мислење дека требаше да се субвенционира по хектар“, вели Шаклев.

Витанов вели дека сега е веќе полесно. Со попуштањето на мерките пазарите се отвораат, па веќе стигнуваат и нарачки од соседството. Витанов очекува дека ќе може да одговорат на сите побарувања, иако како што додава во моментот се забележува недостиг на домати.

„Очекувам сега да е порелаксирано и дека по некоја нормална цена ќе може да ги продадеме производите. Во моментот бараат Србија, Хрватска, Чешка, црвен домат, а ние немаме доволно, но се надевам дека во периодот пред нас ќе може да се стабилизира и тој пазар“, вели Витанов.

Од Министерството за земјоделство велат дека по надминувањето на здравствената криза предизвикана од коронавирусот, земјоделството како сектор и производството на храна, ќе бидат исклучително важни за севкупната економија и за граѓаните и токму затоа креирале мерки кои ќе му помогнат на земјоделскиот сектор.

Покрај интервентната мерка за откуп на зелката, дел од мерките е и зголемената вкупна финансиска поддршка за женско јагне на 2.500 денари по грло, за да се покријат загубите на одгледувачите на овци поради намалениот извоз на јагниња.

„Преку отворањето на платформата „Понуда и побарувачка“ им овозможивме на земјоделците да можат да ги понудат своите производи, а се во насока на обезбедување на пласаман. Земјоделците кои се самостојни вршители на дејност, а се регистрирани според Законот за трговски друштва, ќе имаат можност да користат и дел од економскиот пакет на мерки, како финансиската поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај“, изјави неодамна министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Од ресорното министерство информираат дека земјоделскиот сектор е опфатен и во третиот сет економски мерки на Владата. Со него во земјоделството ќе влезат 76,1 милиони евра. Од нив најголемиот дел или 50 милиони ќе бидат наменети за модернизација на земјоделството преку кредит на Светската банка. Со три милиони евра ќе се финансираат микро земјоделски компании, со 5 милиони евра од Развојна банка ќе се поддржат микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи, а 50 000 земјоделци ќе имаат можност да добијат платежна картичка за субвенционирање на 50% од зелената нафта и др.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски вели дека Платежната Агенција преку исплата на средствата кои се на располагање преку Националната и ИПАРД програмата директно помагаат во агро секторот.

„Од почетокот на годинава до денеска на сметките на земјоделците но и на дел од претпријатијата кои правно – законски се стекнале со право на финансиска поддршка за земјоделството исплатени се вкупно 5.516.000.000 денари. Наскоро ќе бидат поделени и зелените картички со кои земјоделците ќе може да точат еуродизел за земјоделска механизација. Поддршката оваа година е повисока и изнесува 50% од прифатливите трошоци кои се утврдени согласно методологијата. Годинава за оваа мерка поддршката се зголемува и таа изнесува 280.000.000 денари. Ова е директна помош за 60.000 земјоделци. Од почетокот на годинава, преку ИПАРД 2 програмата исплатени се 75 милиони 600 илјади денари“, изјави Бабовски за РСЕ.

Од СДСМ велат дека Владата се грижи за земјоделците и покрај интервентната мерка за откуп на зелка, потсетуваат дека дополнително биле обезбедени средства во висина од 110 милиони денари од Програмата за финансирање на активностите во тутунското производство за 2020 година, кои ќе се искористат за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак обвинија дека во ек на коронакриза кога земјоделството е погодено целосно поради ниските откупни цени и проблематичниот пласман, СДСМ крати од парите наменети за земјоделците.

„Најпогоден е буџетот на МЗШВ. Заев крати цели 2,3 милиона евра, од кои повеќето се дел од програмата за водостопанството. Тоа се пари што требаше да бидат инвестирани во санација и прочистување на системите за наводнување, но и изградба на нови системи“, изјави вчера Цветан Трипуновски, дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според него, со кратењето средства од буџетот, СДСМ и оваа година ги осудува земјоделците да бидат без доволно вода за наводнување, што пак би значело и помалку род и род со помал квалитет.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG