ЕК ја потсетува и МПЦ на обврските кон јавното здравје

Илустрација - Седиштето на Европската комисија во Брисел, Белгија

Европската Комисија, преку реакција до Македонската информативна агенција, се осврна на последните случувања со Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и потсетува дека сите чинители во општеството имаат обврска да го заштитат здравјето на населението, јави МИА во Брисел.

Оваа реакција доаѓа откако МПЦ одби да ги затвори храмовите за време на велигденските празници предизвикувајќи длабока загриженост од можните последици врз здравствениот систем, објави МИА.

Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, потсетува дека сите земји, во ЕУ и во светот, воведуваат вонредни мерки поради глобалната пандемија на КОВИД-19 и дека врвен приоритет овој период е заштитата на јавното здравје на населението.

„Последните неколку недели, земјите членки на ЕУ и земјите ширум светот донесоа вонредни мерки за да се справат во здравствената криза предизвикана од епидемијата на КОВИД-19. Ова се времиња без преседан и националните власти треба да ги имаат потребните алатки на располагање за да делуваат брзо и ефикасно за заштита на јавното здравје на нивното население, изјави Писонеро за МИА.

Портпаролката потсетува на пораката упатена од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 31 март годинава.

„Секоја вонредна мерка мора да ги почитува темелните принципи и да биде ограничена на она што е неопходно и строго пропорционално“, вили портпаролката на ЕК.

„Вонредните мерки кои се воведуваат во рамките на оваа здравствена криза треба да бидат временски ограничени и под надзор на демократските контролни механизми во општеството“, изјави тогаш шефицата на ЕК.