Заев понуди помирување, мнозинството се уште неизвесно

Седница на Собрание на РМ за уставни измени

Премиерот Зоран Заев на првиот ден од пленарната расправа за уставните измени рече дека е потребно помирување за настаните кои се случија на 27 април минатата година. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги задржаа своите критики на резултатите од референдумот и на како што тврдат лошиот договор со Грција.

Пленарната седница за уставните измени почна со истата неизвесност како и претходните денови за тоа дали има двотретинско мнозинство за пристапување кон измена на Уставот. Бројот на пријавени говорници, повеќе од 60, ако во меѓувреме не се откажат од зборување, навестува дека таа би траела неколку дена. Според деловникот, дебатата за потребата од менување на Уставот може да трае најмногу десет дена.

Премиерот Зоран Заев во својство на предлагач на уставните измени понуди “помирување” за настаните во Собранието на 27 април лани. Зборувајќи за поделбите во општеството, тој рече дека крајно време е да им се кажело стоп на нив.

Кулминацијата на поделбите стигна на 27 април, ќе се испоубиевме пред очите на сите, рече Заев, додавајќи дека ова било можност да си простат и да кажат доста е. Крвавите случувања во домот на пратениците тој ги нарече дело на “изманипулирани поединци” додаде премиерот.

“Ајде десната страна овде во парламентот, колеги, да подадеме рака на левата страна. Ајде колеги, вие од левата страна, да подадеме рака на десната страна. Одличен момент е да си простиме и да се помириме. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Да седнеме и да го направиме тоа, јас сум подготвен и ве повикувам сите и мнозинството и опозицијата. Да знам, дека тоа има цена, но подготвен сум да ја платам цената. Политичка е цената “, кажа Заев.

Тој додаде Владата е подготвена да биде максимално отворена за предлози од опозицијата за амандманите и за нивно прифаќање со кои, како што рече, комплетно ќе се намалат грижите на пратениците, но во исто време да не бидат во спротивност со духот на Договорот од Преспа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев: Подготвен сум да ја платам политичката цена

Во салата присутни беа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски,но и оние кои се обвинети за инцидентите во Собранието, како на пример Јохан Тарчуловски. Веднаш по премиерот зборуваше пратеникот од опозициската партија Илија Димовски, кој зборуваше за начинот на прегаварање на Договорот и уставните измени.

Ова е клучен момент, тоа се согласувам. Ова е момент во кој секој од нас присутен во оваа сала веројатно ќе го смета за најкрупна политичка одлука во која имал можност да учествува, и тоа се согласувам. Но не смееме да се удираме од ѕид и да велиме дека нема друга алтернатива или друг пат надвор од ова. Нема друг правец, а алтернативи може да има. Правецот е НАТО и Европска унија и мислам дека сите 120 пратеници се со истото убедување, но се разликуваме како да го постигнеме тоа” рече Димовски.

Дебатата продолжи со реплики и контрареплики. Ја ценам вашата подадена рака за национално помирување, но како пратеник кој дал заклетва дека ќе го штити Уставот немам можност ни волја да гласам за уставни измени, нагласи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев. Пратеникот од ДУИ Артан Груби пак ги повика пратениците од опозицијата да ги поддржат уставните измени, споредувајќи го овој момент со моменти и личности кои биле запишани во историјата, како наши така и во светот.

Во текот на седницата спроти Собранието малкумина насобрани граѓани протестираа поради уставните измени преку траснпарент порачувајќи "не ве гласавме за да менувате Устав".