За една декада преполовен бројот на ученици во Дебар

Ученици во основно училиште во Дебар.

Ако се направи споредба на сегашните бројки на ученици со оние од пред една декада, бројот на учениците е намален за околу 60 отсто, велат властите во Дебар. Причини за намалениот број на ученици се иселувањето и намалениот наталитет.

Во општина Дебар, последните десет години во основните училишта има рапидно опаѓање на бројот на учениците. Појавата е присутна како во двете деветолетки во градот, така и во деветолетката во централното училиштето во селото Долно Косоврасти заедно со подрачните училишта.

Раководителот на секторот за образование и општествени активности во локалната самоуправа во Дебар, Решат Ќормемети, вели дека новата школска година стартувала добро, но додава дека проблемот со намалувањето на бројот на учениците и понатаму е актуелен.

„Бројот на првачињата во новата учебна година во општина Дебар во трите деветолетки изнесува 220. Во деветолетката „Братство Единство“, е 75 во паралелките со настава на албански јазик како и 16 во паралелките со настава на македонски јазик во Дебар и 9 во подрачното училиште во село Џепиште, каде наставата исто така се изведува на македонски јазик. Во основното училиште „Саит Најдени“ во Дебар, каде наставата се изведува на албански јазик, има околу 50-ина првачиња додека пак во деветолетката во село Долно Косоврасти „Ристе Ристевски“, каде наставата се изведува на македонски јазик, бројот на првачињата е 65, од кои 13 во централното училиште, 20 во Горно Косоврасти и 32 во селото Могорче. Вкупниот број на ученици во сите три деветолетки изнесува 2200 ученици“, вели Ќормемети.

Актуелниот број на ученици во дебарските основни училишта во споредба со бројот на учениците до пред десет години е повеќе од преполовен, вели Ќормемети.

Податоците говорат дејка ако се направи споредба на сегашните бројки на ученици со оние од пред една декада, бројот на учениците е намален за околу 60 отсто“, вели тој.

РСЕ: Кои се причините за рапидното намалување на бројот на учениците како во градот така и во селата?

Причини за намалениот број на ученици се иселувањето на населението, како и намалениот наталитет“, истакнува Ќормемети.

Со оглед дека состојбата со миграцијата не само што не стивнува, туку добива на интензитет, а наталитетот опаѓа, се очекува понатамошно осипување на бројот на учениците во градот, но и руралните населени места во општината.