Достапни линкови

Расте бројот на осамени старци, се бара Старечки дом во Дебар


Младите се иселуваат, за старите нема кој да се грижи. Во Дебар, но и во поширокиот регион, расте и бројот на стари изнемоштени лица, кои имаат потреба од општествена грижа и заштита.

Силната миграција на младите од Дебар и регионот продолжува. Градот сè повеќе има стари лица, кои поради заминување на младите на печалба кои потоа тешко се враќаат во родниот крај, сакале или не, остануваат осамени. Дебар старее, а старите кои продолжуваат да живеат сами бараат изградба на старечки дом. Традицијата во Дебар бара родителите секогаш да бидат заедно со децата во едно пошироко семејство, но новата состојба бара решение. Во Дебар, но и во поширокиот регион, расте и бројот на стари изнемоштени лица, кои имаат потреба од општествена грижа и заштита.

Јас сметам дека е неопходно да се отвори старечки дом и во Дебар, бидејќи во Дебар има многу стари лица, чии деца се надвор од Република Македонија. Тие стари лица живеат сами и нема кој да се грижи за нив.
Мухамед Хиса, судија во пензија и активист во локалното здружение на пензионерите Дебар и Центар Жупа

„Јас сметам дека е неопходно да се отвори старечки дом и во Дебар, бидејќи во Дебар има многу стари лица, чии деца се надвор од Република Македонија. Тие стари лица живеат сами и нема кој да се грижи за нив. Од онаа што гледаме, таквите стари лица живеат тешко, со бројни проблеми. Нема на нив кој да им помогне, немаат свои луѓе овде, сите ги имаат во странство“, вели Мухамед Хиса, судија во пензија и активист во локалното здружение на пензионерите Дебар и Центар Жупа.

Според него, табу тема е во Дебар да се говори за живот на старите лица во старечки домови. Традицијата бара заеднички живот на родителите со децата и по нивното основање на брак. Но, сега веќе не е така. Состојбата е таква што има голем број на стари лица кои имаат потреба за грижа. Решението во оваа насока е само тие да се згрижат во Старечки дом кој во Дебар засега го нема.

„Во Дебар е присутна традицијата старите да живеат заедно со семејствата на децата. Затоа, на отварањето на дом за стари лица се гледа малку традиционално. Срам е за децата ако родителите живеат сами и со тоа традицијата е против да се живее во домови. Но, реалната состојба е нешто друго. Ние сметаме дека отварањето на такви институции е потреба на времето. Тие стари лица бараат здравствена заштита, нега, а тоа некој треба да им го пружи. Јас лично имам свои деца, но говорам за други бројни стари лица. Младите си заминуваат во странство. Овде нема работа, нема индустрија, така што сакаат или не, мора да заминаат, а старите остануваат во родниот крај осамени“, вели тој.

Податоците говорат дека неколку стари лица кои живеат сами од Дебар веќе се сместени во некои старечки домови во некои соседни градови на Дебар. Нивните деца се во странство, а тие немале друг излез освен да побараат од децата тие да ги сместат во старечки домови надвор од Дебар. Кога сме кај потребата од стречки дом, за тоа е разговарано и на ниво на локални институции. Инаку, има заинтересирани дебарски бизнисмени кои живеат во Америка, да изградат старечки дом и тука да ги сместуваат старците кои бараат изградба на старечки дом.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG