Граѓаните им одмагаат на пожарникарите

Територијалната противпожарна единица во Дебар

Граѓаните повеќе одмагаат отколку што им помагаат на пожарникарите при гаснење на пожари, велат од противпожарна единица во Дебар. Па затоа велат дека е потребна едукација на населението за гаснење на пожари.

Територијалната противпожарна единица во Дебар, која при гасење на пожари интервенира и во руралните општини Центар Жупа и Маврово – Ростуше, оценува дека еден од клучните проблеми со кои се соочува при гаснењето на пожари е начинот на поддршка што ја даваат граѓаните. Често се случува во интервенциите граѓаните наместо да помагаат, да одмагаат. Поради овој проблем во оваа единица укажуваат на потребата од соодветна едукација на населението како тие треба да се вклучат во помагањето на противпожарната единица.

„Кога се во прашање пожарите во регионот имаме проблеми со пристапните патишта, но еден од главните проблеми е и ниската едукација на населението при помагањето во гаснењето на пожари. Често тие одмагаат во интервенциите и не ги следат нашите насоки. Поради тоа има потреба од едукација на населението. Имаме исто така и проблеми со начинот на складирање на дрвата за огрев, но и со недостиг на хидранти во градот, бидејќи хидрантската мрежа е недоволна“, истакнува командирот на противпожарната единица Џетан Мифтаровски.

Според него единицата и во вакви услови успева успешно да интервенира. Во рамките на меѓуграничната соработка на општина Дебар со пограничната албанска општина Пешкопеја во согласност со меморандумот за соработка, дебарската противпожарна единицата врши интервенции при пожари и во пограничните населби во Албанија.

„Општините Дебар и Пешкопеја од Албанија имаат меморандум за соработка. Во тие рамки е договорена можност територијалната единица на Дебар да интервенира при пожари и во пограничните населени места во Албанија. Ние тоа го правевме и до сега сме интервенирале неколку пати и тоа успешно. Во текот на 2017 година интервенираме на два пати“, нагласува Мифтаровски.

Во текот на наредните месеци од оваа година единицата ќе ја зголеми соработката и со надлежните институции со цел да се намали бројот на пожарите на отворен простор. Шумските пожари минатите неколку години создадоа големи штети, заради што оваа лето ќе се зајакне и контролата од страна на шумската полиција.