Достапни линкови

Ги губи ли Македонија своите шуми?


Архива: Исечени дрвја на Шар Планина.
Архива: Исечени дрвја на Шар Планина.

Според податоци добиени од обработка на сателитски снимки, во Македонија во изминатите 15 години забележани се повеќе загуби на шумски површини отколку добивки. Сепак експерти, велат дека шумите во Македонија генерално го следат трендот на пораст карактеристичен за Европа.

Македонија во периодот од 2001 до 2016 година загубила над 34 илјади хектари шума, со што шумската површина во земјава е намалена за 4,4 отсто во споредба со 2000 година, според податоците прикажани на интернет платформата Глобал Форест Воч (ГФВ) изработени на Универзитетот во Мериленд во САД, која обезбедува моиторинг на шумите на глобално ниво.

Од друга страна, од 2001 до 2012 година во Македонија забележанае е добивка на шума од над десет илјади хектари, што значи зголемување за 2,6 отсто од 2010 година.

По региони, најмногу намалувања на шумските површини има во Македонски Брод од над 2,7 илјади хектари, потоа следуваат Демир Хисар со 2,3 илјади хектари, Гевгелија со 1,7 илајди хектари, Битола 1,4 и Дебарца 1,3 илјади хектари, според ГФВ.

Исто така во платформата е забележано дека во 2010 додина шумските површини во Македонија изнесувале 498 илјади хектари, односно над 20 отсто од нејзината вкупна површина, а во 2016 година бројката е намалена за 1,5 илјади хектари.

Експерти велат дека податоците на ГФВ се релевантни, иако предупредуваат на дел ограничувања присутни при користење на методологијата на прибирање податоци добиени со далечинско сондирање.

Професор Иван Блинков од Шумарскиот факултет во Скопје вели дека податоците се релеванти, бидејќи произлегуваат од дата базите на Европска унија врз основа на кои е вршена анализа во три периоди: 2000, 2006 и 2012, а сателитските снимки се направени мал период порано, вели тој.

„Ако земеме во предвид дека 2000 и 2007 година имавме страшни пожари кои соголија 35, односно 40 илјади хектари, состојбата што е видена при дешифрацијата е точна“, вели Блинков.

Тој додава дека според методологијата постојат шуми, а другите категории се преодно земјиште и грмушки, во кои влегуваат младите обновени земјишта после пожар.

Блинков објанусва дека резултат за намалувањето на шумските површини во Македонија, покрај пожарите имаат и бесправните сечи, но во однос на приоритетите за добро управување со шумите во земјва вели заштитата од пожари е најважна.

„Најстрашно е доколку настане пожар над населено место, на пример да се случи пожар и да изгори Водно и тогаш дополнителен ефект може да се јави првите две-три години после пожарот, во случај на интензивни врнежи може да дојде до силна ерозија и катастрофа за населението, како и големи економски загуби“, вели Блинков.

Васко Авукатов од Македонското еколошко друштво (МЕД) вели дека податоците на ГФВ добиени со обработка на сателитски снимки се релеванти, но сепак посочува дека има и недостатоци, на пример тоа што нема можност да се види каква е состојбата под највисокиот слој на крошните на дрвата, нешто што мора да се утврди на терен.

„На пример, имавме ситуација на Шар Планина, каде на локација на која е пријавена масовна кривосеча од Шумското Стопанство, податоците немаа детектирано значителни загуби. Сечата не направила значителна промена во севкупната шумска покровност, меѓутоа на терен било евидентно дека густината на шумата е намалена. Идентично, има ситуации каде густината на шумата е зголемена, но тоа да не биде евидентирано со методологијата“, вели Авукатов.

Авукатов објаснува дека од неодамна е изработен додаток на изворните податоци на Универзитетот во Мериленд вклучени во ГФВ кои ги опфаќаат загубите на шумите во периодот од 2013 до 2016 година, покрај оние од 2000 -2012, но добивките на шума се уште не се изработени и не се прикажани.

„Имено, 28.800 хектари „се изгубени“ во периодот 2000-2012, а „добивка“ во истиот период има на површина од 10.400 хектари, што малку ќе ги промени вредностите, иако загубите и понатаму доминираат во Македонија“, вели Авукатов.

Други професори од Шумарскиот факултет истакнуваат дека се зголемува шумската површина во Македонија, но не како резултат на човечка активност, туку на зголемена активнсот на природата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG