Достапни линкови

Секоја година кампањи, секоја година шумски пожари


The army of the Republic of Macedonia extinguishes forest fires.Courtesy photo by ARM.

И покрај кампањите секоја година за зголемување на свеста кај граѓаните, шумските пожари во најголем дел се грешка или смислен акт на човекот.

Секој летен период е сезона на шумски пожари. Ништо помалку не се очекува и од оваа година, па надлежните почнаа со вежби, подготовки и кампањи. Подготовките годинава се поинтензивни, велат од Дирекцијата за заштита и спасување, поради состојбите во минатата година. Според информациите, лани шумските пожари се зголемиле за 35 до 40 проценти.

„За разлика од претходните години кога имавме нормален број на пожари, минатата година имавме зголеменост на пожарите за 35-40 отсто. Немаше територија или подрачје кое немаше пожари. Дирекцијата со своите сили и ресурси беше шетана од подрачје во подрачје, од регион во регион за да се справи со тие пожари, бараше ангажираност на републичките сили, знаете дека дури во одреден момент беше прогласена и кризна состојба во Чашка и Македонски Брод“, вели Слободан Вуковиќ, раководител на одделение за организациско - мобилизациски работи при Дирекцијата.

Според статистиката, од 2010 до 2016-та година, односно за шест години опожарени биле 40.912 хектари. Најмногу биле опожарени во 2012 година, кога изгореле 19.312 хектари шума.

Од Дирекцијата информираат дека сервисирани се авионите за гаснење пожар, поделени се возила долж автопатот, обучени се служби од подрачните единици за како да се справат со пожар на отворен простор, а превентивно се известени локалните самоуправи да формираат единици и сили.

„Очекуваме да има пожари доколку продолжи да расте вегатацијата, доколку се покачи температурата и доколку има невнимание од населението“, вели Вуковиќ.

Деновиве, под мотото „Да ги заштитиме шумите од пожари”, Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и Противпожарниот сојуз на Македонија започнаа со кампања за превентивно делување пред претстоечката летна сезона за заштита на шумите од шумски пожари. Целта на кампањата е подигање на свеста кај граѓаните, велат организраторите.

Но, дел од овие подготовки, како кампањите за зголемување на свеста на населението се рутина, а сепак скоро секој шумски пожар е човечка грешка.

„Одговорно кажувам дека 99 отсто од пожарите настануваат од човечка грешка, другото може да настане од гром, возила, но главно е човечка негрижа - дали од невнимание, дали од користољубие, дали од болест“, додава Вуковиќ.

Многумина толкуваат дека човековата негрижа некогаш е користољубие. Според она што е познато, печурката смрчак се појавува онаму каде што ќе изгорат зимзелените шуми. Оваа печурка е многу барана на пазарот, а нејзината цена може да достигне и до илјада денари за килограм.

XS
SM
MD
LG