Неинвентивнa кампања за локалните избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски говори на митинг на партијата за локални избори 2017.

Дискутабилни слогани, постерите на двете најголеми партии наликуваат едни на други, пораки кои веќе беа кажани на парламентарните избори, кампања која се потпира на лидерите, а не толку на локалните теми, се главните забелешки во првата недела од кампањата за локалните избори.

Политичките партии ги објавија своите слогани, но според аналитичарите тие ни малку не се инвентивни. Тие тврдат дека во првите неколку денови од кампањата за локалните избори може да се видат и постери кои наликуваат едни на друга и пораки кои граѓаните веќе ги слушаа на парламентарните избори.

Опозициската партија ВМРО ДМНЕ на изборите ќе настапува под слоганот „Новата ера почнува“.

„Живот во Македонија за сите“ е дел од слоганот на владејачката партија, а во една од пораките СДСМ потсетува што партијата направила во изминатите 100 дена.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, говори на митинг на партијата за локални избори 2017.

Нивните пораки, според Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии, се дискутабилни.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да се рекламира со порака „Нова ера почнува“по 11 години на власт, а граѓаните немаат толку кратко паметење за да мора се потсетуваат за изминатите три месеци на владеење на СДСМ“, вели Трајкоска.

Аналитичарите велат дека во изборната кампања индикативно е дека постерите на двете најголеми партии наликуваат едни на други. Трајковска оценува дека веројатно тоа е несреќна грешка, но дополнува дека партиите не потрошиле многу пари на професионални маркетинг агенции кои ќе им направат инвентивни пораки кои ќе го задржат вниманието на гласачите.

Таа оценува дека во кампањата и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ испраќаат пораки кои беа кажани на парламентарните избори. Според неа тоа зборува дека веројатно партиите калкулираат со можноста по локалните избори да се одржат предвремени парламентарни избори во зависност од резултатите што ќе ги освојат.

„Ако СДСМ победи на локалните избори тогаш веројатно ќе бара да го зацврсти својот статус на национално ниво во Парламентот, зашто има тенко мнозинство. И обратно ако ВМРО-ДПМНЕ однесе победа на локалните ќе бара предвремени избори користејќи го резултатот како оправдување дека народот веќе не верува на оваа власт“, вели Трајкоска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Велешани знаат што му треба на градот

Според нејзиниот впечаток партиите испраќаат прилично празни пораки во врска со проблемите на локално ниво, а кампањата се потпира на лидерите на политичките партии, наместо на кандидатите на локалните избори во општините таму каде што ќе се одржуваат изборите.

Од СДСМ ни изјавија дека сами ја правата кампањата со која настапуваат на локалните избори. Тие велат дека нивната кампања се базира на средби на кандидатите за локалните избори со граѓаните во текот на целиот ден. Од таму додаваат дека за разлика од претходната влада чии министри и премиерот постојано беа присутни во медиумите со нивни активности во текот на целиот ден државните службеници на СДСМ средбите со граѓаните ги остваруваат во попладневните часови по завршувањето на работни обврски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што очекуваат битолчани од идниот градоначалник?

И од ВМРО ДПМНЕ велат дека сами ја прават кампањата и оти имаат одредена соработка со повеќе маркетинг агенции. Тие наведуваат дека партијата им нуди на граѓаните и стратегија визија и конкретни проекти кои ќе ги реализира во предвидените рокови. Како што изјави партискиот портпарол, Иво Котевски, за нив овие локални избори имаат и дополнителна тежина и се важни за да се покаже дека е доста со неодговорното владеење на СДСМ.