Како до објективно известување за локалните избори?

Медиумските организации и здруженија ги повикаа медиумите на етичко известување за време на локалните избори. Според упатените, укинувањето на владините реклами е првиот чекор во непристрасното и објективно информирање, но е далеку од потребните реформи.

Известувањето на медиумите за време на изборната кампања за претстојните локални избори е клучно за граѓаните да ја добијат јасната слика за кандидатите вклучени во трката. За таа цел медиумските организации и здруженија ги повикаа медиумите да го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и Повелбата за етичко известување. Укинувањето на владините реклами е првиот чекор, но е далеку од потребните реформи, сметаат упатените.

На последните парламентарни избори имаше придвижување на подобро во известувањето на медиумите и очигледно дека тоа беше благодарение на притисокот од политичките партии и меѓународната заедница, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе се емитува в недела.

„Меѓутоа ова за нас е неодржливо затоа што не сме ги елиминирале причините зошто е дојдено до таа ситуација медиумите да бидат пристрасни и необјективни. Ако ние сакаме сериозна реформа, треба да се занимаваме со причините кои ги знаеме. Добро е што Владата донесе одлука, која ја поздравивме да ги укине рекламите во медиумите, затоа што на тој начин претходната Влада ги правеше финансиски зависни медиумите. Тоа е одлука во вистински правец“, смета Селмани.

Мирче Адамчевски од Советот за етика вели дека од особена важност е медиумите и новинарите да се откажат од клиентелистичките врски со политичките партии што според него, во пракса и не оди бидејќи се работи за традиционални и силни спреги кои не може да се раскинат.

„Со укинувањето на владините реклами се направи еден чекор напред, но тоа не значи дека веќе од утре сега на прагот на новите избори медиумите ќе се променат и преку ноќ ќе станат професионални, етички и ќе се откажат од услугите во наводници што им ги даваат на политичките партии. Мислам дека пак ќе бидеме сведоци на една кампања во која што ќе има спротиставени влијанија на партиите“, посочува Адамчевски.

Според Селмани, ако во јавноста се испрати порака дека насилството против новинарите е недозволиво и дека нема да се толерира и ако се реформира јавниот сервис тогаш нема да има потреба политичарите или дипломатите да вршат притисок врз медиумите за тоа како треба да известуваат.

„Јас верувам во моите колеги дека тие знаат да известуваат објективно и избалансирано. Меѓутоа прашањето е дали колегите имаат поволен амбиент за така да се однесуваат слободно и професионално. Кога ќе ги создадеме тие услови тогаш навистина целата одговорност, не само за известувањето за време на изборната кампања, туку во целост ќе биде наша како колеги “, порачува тој.

Адамчевски очекува медиумите да не бидат толку нападни, како во минатото во поддршката на некоја политичка опција, но тоа сепак нема да изостане.