Достапни линкови

Говорот на омраза засега на пауза, изборите може да го активираат


Архивска фотографија - „Ѕид на срамот“ на кој се поставени примери на говор на омраза во медиумите

Упатените оценуваат дека барем во медиумите говорот на омраза како е да потсмирен, но дека треба да се види како ќе се одвиваат работите пред локалните избори. Правниците бараат законски измени.

Насилството во парламентот на 27 април беше врв на говорот на омраза кој со месеци претходно се подгреваше во медиумите и на социјалните мрежи, а сега состојбата само навидум е потсмирена, оценуваат упатените.

Според Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии, ситуација во моментов изгледа како таквиот тип на говор да е ставен на пауза, барем во медиумите, за разлика од тој на социјалните мрежи.

„Дали ќе имаме промени во однос на профилирањето на одредени групи и поединци како непријатели на државата и на народот каков што беше дискурсот во минатите години ќе видиме пред локалните избори и во кампањата како ќе се однесуваат“, вели Трајкоска.

Потребно е законско допрезицирање на говорот на омраза, развивање систем на превенција и репресија на таквите дела, примена на практиката на Европскиот суд за човекови права од страна на правосудните органи, итни измени во медиумската регулатива за воведување санкции поради говор на омраза и поттикнување насилство се дел од препораките што на неодамнешната конференција на Македонскиот институт за медиуми ги посочија присутните.

Според адвокатот Лазар Сандев, потребни се законски измени со кои ќе им се даде на повеќе тела можност да казнуваат за говор на омраза.

„Секој пат јавниот обвинител не може да биде толку ревносен во гонење на говорот на омраза колку што може да бидат Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги или некое друго радиодифузно тело бидејќи тие се во допир со традиционалните и со новите медиуми, како интернет порталите“, вели Сандев.

Во својата најнова анализа, Хелсиншкиот комитет за човекови права оцени дека е зголемен бројот на инциденти предизвикани од говорот на омразата. Годишниот извештај забележа пораст од 60 отсто во бројот на инциденти во 2016, во споредба со 2015. Конкретно во 2015 година имало 44 случаи, а во 2016 година 70 случаи. Најголем пораст има кај бројот на случаи чии мотиви се политичка определба или убедување.

Тие реагираа и веднаш по изборите што се одржаа на 11 декември лани, по кои на протестот пред Државната изборна комисија организиран од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ препознаа скандирања кои повикуваат на омраза, раздор и нетрпеливост. Потоа реториката на патриоти и предавници на националните интереси се засили и таа, според комуниколозите го доживеа врвот на крвавиот четврток во Собранието кога луѓе упаднаа и ги тепаа пратениците од сега владејачката партија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG