Поостри санкции врз Северна Кореја

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ОН ги заострија санкциите врз Северна Кореја

Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно ги зголеми санкциите против Северна Кореја во врска со шестиот и најмоќен нуклеарен тест што го изврши таа земја на 3-ти септември. Сега на Пјонгјанг му се наметнати забрана за текстилниот извоз на земјата и ограничување на увозот на сурова нафта.

Ова е деветта резолуција за санкции едногласно усвоена од страна на 15-члениот Совет за безбедност од 2006 година поради балистичките ракетни и нуклеарни програми на Северна Кореја.

Соединетите држави ја ублажија почетната поостра нацрт резолуција со цел да ја добијат поддршката од Кина и Русија кои и се главни сојузници на Северна Кореја.

Резолуцијата наметнува забрана за кондензати и течности на природен гас, ограничување од 2 милиони барели годишно за рафинирани нафтени продукти, како и ограничување на извозот на сурова нафта во Северна Кореја. Најголем снабдувач на Северна Кореја со сурова нафта е Кина.

Кинескиот амбасадор во Обединетите нации Лиу Џиеји, ја повика Северна Кореја „сериозно да ги сфати очекувањата и волјата на меѓународната заедница“ и да го запре развојот на нуклеарните и балистичките проектили и ги повика сите страни да не ги креваат тензиите.

Рускиот амбасадор Васили Небензиа повторно го покрена руско кинескиот предлог за истовремено суспендирање на тестирањето нуклеарни и балистички ракети и на американските и јужнокорејските воени вежби, во обид да започнат разговори. Овој предлог беше отфрлен од Вашингтон:

„Сметаме дека е голема грешка да се потцени оваа иницијатива на Русија и Кина. Таа останува на маса во Советот за безбедност и ние ќе инсистираме на тоа да се разгледа“.

Американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хели по усвојувањето на резолуцијата изјави:

„Ние не уживаме во натамошното зајакнување на санкциите денеска. Ние не бараме војна. Севернокорејскиот режим се уште не ја помина точката од која нема враќање. Ако се согласи да ја прекине својата нуклеарна програма, може да ја врати својата иднина. Ако докаже дека може да живее во мир, светот ќе живее во мир со тоа“.

Во понеделникот Пјонгјанг ги предупреди Соединетите држави дека ќе платат соодвета цена за нивните напори за заострување на санкциите на Обединетите нации.

„Мерките кои ќе ги преземеме ќе и нанесат на Соединетите држави најголемо страдење и болка во историјата на таа земја“, се наведува во соопштението на севернокорејското министерство заМинистерството за надворешни работи.