Божиќна порака на Папата Франциско

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Божиќна порака на Папата Франциско

Папата Франциско денеска го одржа традиционално Божиќно обраќање „Урби ет Орби“, односно „До градот и до светот“ од балконот на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Тој притоа испрати порака да им се помогне на оние на кои тоа им најпотребно.

Папата Франциско во Божиќната порака до над милијарда и двесте милиони католици во светот побара од нив да му дозволат на Господ да влезе во нивните животи за да им помогне во борбата против темнината и корупцијата.

​Ова е втора божиќна прослава на 78-годишниот Папа кој во минатата година беше избран за прв неевропски поглавар на Римокатоличката црква по илјада и триста години.

Папата Франциско, според оценките на познавачите, донесе атмосфера на едноставност во Ватикан, отфрлајќи ја раскошноста на неговата служба и покажувајќи решеност за реформи со кои црковната хиерархија ќе им биде поблиска на верниците.

Но, светлина не ја гледаат од оние што се арогантни и кои донесуваат закони според нивните лични мерки.
Папата Франциско.

„Во оваа света ноќ гледаме во сцената на Рождеството каде што луѓето кои одат во темница гледаат голема светлина“, рече Папата Франциско, наведувајќи дека Божиќ е време на потсетување оти божјата порака за мир е посилна од темнината и корупцијата.

„Но, светлина не ја гледаат од оние што се арогантни и кои донесуваат закони според нивните лични мерки“, додаде поглаварот на Римокатоличката црква, за време на полноќната Божиќна миса во базиликата Свети Петар.

Тој, исто така побара од луѓето да покажат повеќе разбирање и љубов спрема семејството и пријателите, додавајќи дека на светот му треба нежност и топлина.

„Дали имаме храброст со нежност да ги прифатиме тешкотиите и проблемите на оние што се блиску до нас?“, праша Папата Франциско кој Божиќната миса ја одржа откако телефонски разговарал со ирачки бегалци во еден камп во близина на курдскиот град Ирбил.

Тој, порачувајќи им да издржат, нив ги спореди со Исус кој исто така бил протеран.

Напредувањето на милитантите на Исламската држава во Ирак присили десетици илјади христијани и припадници на други верски малцинства во таа земја да ги напуштат нивните домови и засолниште да најдат во подрачјата кои се под курдска контрола.

Халдејскиот патријарх Луис Сако во Багдад изјави дека офанзивата на милитантите на Исламската држава принудила околу 150 илјади христијани да избегаат од нивните домови.

„Раселените христијани се уште се во трагична ситуација и нема брзо решение за нив“, изјави Сако.

Инаку, на Папата Франциско, како што јавуваат новинските агенции, му претстои ангажирана година. Предвидено е тој во јануари да ги посети Шри Ланка и Филипини, а потоа и Африка, Соединетите Држави и Латинска Америка.