Ваши коментари

Темата за спорот за името, очигледно привлекува најмногу коментари од нашите слушатели. Коментарите главно надмудрувања, совети во врска со преговорите...
Сме констатирале веќе дека темата за името е најподатливата за коментари и дискусии меѓу луѓето. Дури и по цена на губење на објективниот пристап, затворање на очите и едноставно префрлање на вината врз друг. Впрочем, како народ уште од дамнина сме познати по тоа дека другите ни се виновни за сето она што ни се случувало низ историјата. Никогаш ние! На пример на господин Миле од Охрид, постојано му се виновни непријателските и шовинистичките, како што ги нарекува, медиуми, во кои не' вбројува и нас, Радио Слободна Европа, дека застапуваат непријателски ставови и дека поттикнувањето расправи и известувањето за преговорите или за етничките односи било само дел од сценариото за дестабилизација!!?? А целта била да се натера македонскиот народ да ја прифати промената на името и да се самоукине! На Милета од Охрид му одговара секогаш духовитиот Џони од Валандово кој прашува како може народ да се укине ако се пишува за меѓуетнички односи и дали ако не стигне на целта и желката, ќе бидат виновни експертите и невладините? Некои луѓе се за жалење, констатира Џони од Валандово. Јован од Скопје пишува дека не се виновни партиите што
соживотот е заложник на политиката. Виновен е народот, вели Јован, што не стане и сите по ред не ги затера на клоци. Треба закон, специјален за политичари, секој што ќе шири омраза да му се забрани да биде политичар, пишува Јован од Скопје, веројатно свесен за чувствителноста на меѓуетничките односи и нивната важност за опстанокот на оваа држава. Има достасано многу пораки со совети што да се прави во случај со таканаречените преговори помеѓу Скопје и Атина за проблемот со името. Има предлози што да прави Македонија во ОН од правен аспект, како што надолго пишува некој потпишан со Амбасадор во МНР; потоа, преговорите веднаш да запрат, како што предлага Судијата од Скопје; Тони од Стокхолм извикува НЕ за европскиот, како што смета, етноимперијализам, Не за ЕУ, Не за НАТО. И прашањето за тоа дали им верувате на македонските медиуми, од нашиот Хајд парк предизвикува и натаму интересирање кај вас, почитувани: Јоцо од Радовиш пишува дека новинарите си се продаваат самите - колку повеќе плукање, толку подобра цена и подобро плаќање. Даре од Скопје смета дека неверувањето произлегува од тоа што секоја вест има заднина која оди во прилог или на власта или на опозицијата, а не е неутрално пренесена. Некој слушател потпишан со Новинар пишува (веројатно поттикнат од негативните коментари не само за ова прашање): ,,Се додека не ги издвоиме Латас, Томиќ и уште некои други како шарлатани, а не новинари, ќе добиваме негативни коментари од јавноста,, завршува Новинарот од Скопје.

Хајд Парк - Коментирајте тука:

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хајд Парк - Доверба во медиумите