Достапни линкови

Триесетина претставки за злоупотреба на видео надзор


До Дирекцијата за заштита на личните податоци поднесени се 33 претставки од физички лица во врска со обработка на лични податоци преку видео надзор до ноември, 2019 година. Видео надзорот, согласно законот, може да се користи под три основи.

Стотици камери низ Скопје секојдневно вршат видео надзор. До Дирекцијата за заштита на личните податоци до ноември, 2019 година биле поднесени 33 претставки од физички лица во врска со обработка на лични податоци преку видео надзор. Во претставките, според дирекцијата, граѓаните бараат мислења за правилата за поставување на видео надзор и како да ги заштитат своите права на заштита на лични податоци при вршење на видео надзор.

„Воедно, поведени се 27 вонредни инспекциски надзори по пријави на граѓани поврзани со повреда на правото на заштита на личните податоци сторена преку системот за вршење на видео надзор, од кои во 9 случаи се утврдени повреди на Законот за заштита на лични податоци, додека во другите случаи не е утврдена повреда, нема услови за поведување постапка или постапките се сѐ уште во тек. Конкретно, пријавите се однесуваат на неовластен видео надзор во приватни домови, станбени згради и јавни места“, велат за РСЕ од Дирекцијата за заштита на личните податоци.


Видео надзорот е неопходен, бидејќи така ја имате на дланка целокупната ситуација и се она што се случува во еден град и тоа е пракса насекаде, особено во поразвиените држави, посочува поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Со тоа што овие системи треба да се користат исклучиво за намената. Значи мора да се регулира со закон дека видео надзорот поврзан со безбедноста на граѓаните, носителите на високи државни функции не може да се користи за друга намена“, смета Трајанов.

„Видео надзорот, согласно законот, може да се користи под три основи: за контрола на влез и излез од затворен простор, за заштита на живот и здравје на луѓето и за заштита на сопственост“, вели Димитар Ѓеорѓиевски независен експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Се што не може да се опфати под овие три категории, според него, се смета за недозволено за инсталација на видео надзор. Снимките може да се чуваат до 30 дена.

„Исклучок е ако се работи за поведување соодветна постапка. Ако е започната прекршочна, судска или друга постапка рокот се продолжува до нејзино окончување“, вели Ѓеорѓиевски.

Трајанов додава дека мора навремено да се бришат снимките.

„Мора да постои надворешна контрола дали доследно се спроведуваат законските решенија поврзани со безбедноста на граѓаните кога се користат видео или други системи за безбедност на градот, на граѓаните, на носителите на високи државни позиции“, истакнува тој.

Од дирекцијата наведуваат и дека доколку при спроведување на инспекцискиот надзор се утврди повреда на правото на заштита на личните податоци сторена преку системот за вршење на видео надзор, инспекторите изрекуваат мерки за отстранување на видео камерите или нивно пренасочување, поставување на известувања за вршење на видео надзор и применување на соодветни технички мерки за пристап до системот за вршење на видео надзор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG