Достапни линкови

Човекови права и недовербата во судството


Постер на ООН за Денот на човековите права, 10 декември

Хелсиншкиот комитет и Народниот правобранител велат дека е зголемена бројката пред се на поплаки за непочитување на работните односи, а укажуваат дека проблем за граѓаните е недовербата во судството и затоа тие и не пријавуваат прекршувања на нивните човекови права.

Граѓаните најмногу се жалат на работата на судската власт, детските права, социјалната заштита, работните односи и дискриминацијата. Ова може да се заклучи од поплаките за прекршување на човековите права кои стигнуваат на адресите на Хелсиншкиот комитет и на Народниот правобранител.

Подобрување на состојбата со човековите права во државата има, пред се поради фактот дека беа донесени два клучни закона, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде сега се опфатени и правата на ЛГБТИ заедницата, како и измените во Законот за спречување на бременост, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска. Во однос на поплаките до нив, според неа, правосудството е се уште проблем број еден, бидејќи граѓаните немаат доверба и сметаат дека постои селективен пристап. Тоа, како што наведува Пировска, кај граѓаните предизвикува чувство на правна несигурност и немање желба да ги бараат своите права пред судовите.

„Се на се сметам дека и понатаму во Македонија може да се констатира дека и покрај горе долу добрата законска регулатива, се уште имплементацијата претставува проблем. Но, тоа има врска со оние што треба да го спроведуваат законот, ова особено се однесува на јавната администрација, којашто иако е во процес на реформи не можеме да кажеме дека е на соодветното ниво кога станува збор за нивната свест дека тие претставуваат свест на граѓаните и дека постојат за граѓаните“, вели Пировска.


Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека годинава е двојно зголемен бројот на поплаки за дискриминација или поточно за вознемирување на работното место, поради разни основи.

„Ние како институција тешко доаѓаме да го истражиме случајот и тешко имаме ефект. Од некаде 12 констатирани такви повреди, само во три се прифатени нашите препораки, додека во осум други ни преостанува да ги упатуваме граѓаните да бараат судска заштита“, вели Мемети.

Во однос на правната разрешница, Мемети посочува дека кај поединечните случаи се задоволни, затоа што 80 до 85 проценти од нивните препораки се прифаќаат.

„Додека во останатиот дел не успеваме и граѓаните ги упатуваме на разни начини, особено во судски постапки да ги остваруваат нивните права. Од друга страна, не гледам нешто и покрај тоа што има одредени општи препораки за изместување или подобрување на системот, мислам дека таму има простор уште повеќе да се примаат мерките на Народниот правобранител“, смета тој.

Пировска додава дека големиот број на поплаки од работниците се должи и на нивната активност на терен, особено со текстилните работнички кои пријавуваат експлоатација на нивниот труд.

„Нашето дејствување придонесе за тоа да трудовиот инспекторат стане поактивен. Имаме многу случаи каде што е извршен надзор над работодавците и каде што е донесена одлука во која што ние сме укажале дека е потребно да се донесе таа одлука. Исто така има неколку судски постапки кои завршија со позитивен исход за работниците“, истакнува Пировска.

Таа додава дека се забележува и подобрување на условите во казнено и воспитно поправните установи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG