Достапни линкови

Кој e Седат Пекер и каде е засолнет?


Седат Пекер при посета на Призрен, Косово
Седат Пекер при посета на Призрен, Косово

Контроверзниот турски бизнисмен Седат Пекер во последните две години најде засолниште во Западен Балкан. Пекер има дозвола за привремен престој на Косово, а неодамна му беше издаден и македонски пасош со лажен идентитет. Шкељзим Хисенај

Кој е Седат Пекер?

Во написот објавен во февруари 2019 година, организацијата „Нордик монитор“ го опишува Пекер како најмоќната личност на турската мафија. „Нордик монитор“ е веб-страница за вести и следење на интернет, од Стокхолм. Овој медиум опфаќа верски, идеолошки и етнички екстремистички движења и радикални групи, со посебен фокус врз Турција.

Во 1997 година, Пекер беше обвинет за убиство што го натера да избега во Романија, но неколку месеци подоцна, судот во Турција го ослободи од ваквото обвинение. Како што известува Би-Би-Си на турски јазик, истрагата започната за организиран криминал во раните 2000-ти години доведе до апсење на Пекер пет години подоцна.

Пекер беше осуден на 14 години затвор за кривично дело „формирање вооружена терористичка група“, но казната му беше намалена и беше ослободен во 2014 година.

Медиумите јавуваат дека Пекер во минатото имал блиски врски со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Но, неодамна ситуацијата се смени, бидејќи Пекер и неговата криминална група ги гонат турските власти за разни криминални активности.

Ова го натера да ја напушти земјата и да побара засолниште во земјите од Западен Балкан. По напуштањето на Турција, во последните две години, Пекер наоѓаше засолниште понекогаш во Црна Гора, понекогаш во Албанија, понекогаш во Северна Македонија и делумно во Косово, каде сè уште има дозвола за привремен престој која му беше издадена во 2014 година. Неговата дозвола за престој важи до 29 декември 2021 година.

Според Министерството за внатрешни работи на Косово, за последен пат Пекер влегол на територијата на Косово на 18 јануари 2021 година и по само два дена заминал во правец на Албанија. Медиумите во Северна Македонија објавија дека Пекер бил уапсен истиот ден за кршење на дозволата за престој и дека бил депортиран на Косово. Пекер во моментов е во бегство и не се знае каде се наоѓа.

Криминалното минато не ги спречуваше политичарите да се сретнат со Пекер

Криминалното минато не беше пречка за некои косовски политичари да се среќаваат со турскиот бизнисмен Пекер. Фикрим Дамка, лидер на Турската демократска партија на Косово, сега министер за регионален развој, во минатото имаше неколку средби со Седат Пекер.

Ердоган ги осуди како вулгарни изјавите на италијанскиот премиер

Постојат неколку фотографии на интернет на кои Пекер е придружуван од министерот Дамка. Радио Слободна Европа го праша министерот Дамка за неговите средби со Пекер. Тој исто така беше запрашан дали имало други состаноци во следните месеци или години. Министерот Дамка не одговори на телефонските повици ниту и на испратените пораки.

На една од средбите што се одржаа помеѓу Пекер и Дамка, присуствуваше тогашниот заменик министер за внатрешни работи на Косово, Јилдирај Бајрам, кој исто така е припадник на турската заедница на Косово.

Во 2019 година, Пекер ја посети и општината Мамуша, општина во која живеат главно припадници на турската заедница. Тој беше официјално примен од градоначалникот на оваа општина, Абдилхади Красниќи. Тој се согласи да зборува за состанокот, велејќи дека немал идеја кој гостин го чека во неговата канцеларија.

„Еднаш имаше состанок, тој беше организиран преку некои пријатели. Еден наш пријател, кој сега живее во Турција, беше тука и рече дека сака да не посети и јас реков добро“, вели тој, инсистирајќи на тоа дека Пекер побарал состанок со него само како бизнисмен.

За време на друга посета на Косово, Пекер се состана и со градоначалникот на Хани и Елезит, Руфки Сума. По реакциите и интересот на медиумите, општината Хани и Елезит ја избриша најавата за состанокот од веб-страницата и социјалните мрежи. Во една од неговите реакции, Сума негираше дека знаел или имал какви било информации за Седат Пекер пред да се сретне со него.

Неговите соучесници се уапсени во Турција

На 9 април 2021 година, турските власти спроведоа голема операција во која беа извршени рации во повеќе од 120 локации. За време на операцијата беа уапсени околу 60 лица, за кои постои сомневање дека биле дел од криминална група предводена од Седат Пекер, кој е во бегство. Турската полиција изврши рација и во куќата на Пекер, во која живеат неговата сопруга и децата.

На 12 април 2021 година, РСЕ ѝ пиша на сопругата на Пекер, Езге Пекер, прашувајќи ја дали знае каде се наоѓа нејзиниот сопруг и дали продолжуваат да имаат активни бизниси на Косово, но таа не одговори. Пекер е осомничен дека набавил пасош од Северна Македонија.

На 7-ми април, македонското Министерство за внатрешни работи објави дека приведе девет полицајци осомничени за обезбедување на членови на криминална група вклучени во шверц на дрога и други нелегални активности, со лажни пасоши.

Според Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, овие полицајци обезбедиле лажни пасоши на 215 лица, од кои 214 биле странски државјани. Министерството соопшти дека Седат Пекер е меѓу оние кои добиле македонски пасош со лажен идентитет на граѓанин од Скопје по име Џадин Адемовски.

На Косово не даваат информации

По операцијата во Северна Македонија, Радио Слободна Европа побара информации за Седат Пекер во Министерството за внатрешни работи на Косово, Државното обвинителство и косовската полиција. Но, добивањето одговори е тешко.

Организираниот криминал „цути“ во пандемијата

Радио Слободна Европа, на 12 април 2021 година, испрати до Министерството за внатрешни работи на Косово неколку прашања во врска со начинот на добивање дозвола за привремен престој, доказите за влез и излез на територијата на Косово и дали Пекер го истражуваат косовските институции.

Косовската полиција на 13 април 2021 година соопшти дека не може да споделува информации за влез и излез на Седат Пекер, бидејќи според нив, ова е во спротивност со Законот за лични податоци.

косовската полиција во акција против организираниот криминал
косовската полиција во акција против организираниот криминал

„Врз основа на Законот за заштита на личните податоци и системот за управување со границите кој содржи класифицирани податоци, не можеме да обезбедиме такви информации што се заштитени со закон, освен кога тоа го бара надлежниот орган кој спроведува некаква постапка“, се вели во одговорот на косовската полиција.

Но, и покрај фактот што овие институции не дадоа никаков одговор, Министерството за внатрешни работи зборуваше за Седат Пекер во јануари годинава.

Во тоа време, Пекер беше уапсен од северномакедонските власти за кршење на правилата за престој. Како што е соопштено, Пекер одбил да биде депортиран во Турција со образложение дека таму ризикувал тортура. Како што објавија медиумите во Северна Македонија, на негово барање, Пекер бил депортиран во Косово.

Балканска мафија со политичка поддршка

Тогаш беше објавено дека Седат Пекер има косовско државјанство, што беше отфрлено од Министерството за внатрешни работи. Во јануари оваа година Министерството за внатрешни работи појасни дека Седат Пекер нема косовско државјанство, но потврди дека има дозвола за привремен престој, што му е обезбедена во 2014 година.

„Министерството за внатрешни работи може да потврди дека дотичното лице нема косовски пасош, како што е соопштено, но тој има само дозвола за привремен престој, на име на деловна активност регистрирана во Призрен, од 2014 година и важи до 29/12 / 2021 година“, се наведува во известувањето на Министерството за внатрешни работи.

Во отсуство на официјални одговори од косовските институции, Радио Слободна Европа се обиде да го идентификува бизнисот на Седат Пекер, што се наведува како оправдување за добивање дозвола за привремен престој. И покрај многу напори, не е откриено дека постои деловна активност на Косово, што е регистрирано на името на контроверзниот турски бизнисмен.

Пекер на социјалните мрежи

Иако има криминално минато, тоа не спречи повеќе од два милиона корисници на социјалните мрежи да ги следат активностите на Седат Пекер. Од неговото ослободување од затвор во 2014 година, Пекер постојано го зголемува бројот на следбеници.

Инстаграмот на Седат Пекер
Инстаграмот на Седат Пекер

На својот профил на социјалната мрежа Инстаграм има околу 970 илјади следбеници. На Фејсбук околу 1,6 милиони, како и на Твитер повеќе од 200 илјади следбеници. Пекер има непречено присуство на Јутјуб, каде има повеќе од 61 илјади следбеници.

На секоја социјална платформа каде има присуство, Пекер објавува материјали, информации и фотографии од неговите активности и состаноци со разни личности.

Тој стана многу познат по заканата што им ја упати на турските академици во 2016 година, кога рече: „Ќе ви ја пролееме крвта и ќе пливаме во неа!“.

Заканата е поврзана со Академската декларација за мир, во која 1.200 академици ја обвинија турската влада за груби операции во турскиот претежно курдски регион на југоистокот на Турција. Таквата изјава го иритираше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој употреби навредлив јазик кон интелектуалците.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG