Достапни линкови

Ќе одговараат ли газдите кои земаа субвенции, а не дадоа плати?


илустрација
илустрација

Се уште не се знае дали ќе има кривична одговорност за газдите на фирмите кои пролетва земаа државна помош, а не им исплатија плати на вработените. Од Обвинителството постапуваат по пријавите доставени од Владата. Од УЈП велат дека дел од фирмите добиле опомена, а дел решенија за присилна наплата

Според обработените податоци на Управата за јавни приходи до денеска, вкупно 187 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за исплата на плати за април, мај и јуни 2020 година, всушност не исплатиле плати за некој од тие месеци, односно некои не исплатиле плата само за еден, некои за два, а некои за сите 3 месеци.

Во рамките на законски утврдените надлежности, од Управата за јавни приходи прво извршиле опоменување на тие фирми, а потоа до носителите на платен промет доставиле и решенија за присилна наплата на неплатен долг по месечните пресметки за интегрирана наплата.

Работодавачите кои примиле финансиска поддршка за исплата на плати, а се уште имаат неисплатени плати за некој од месеците април, мај и јуни, најмногу се од секторот трговија на мало, освен трговија со моторни возила и мотицикли (35 работодавачи), потоа следува секторот дејности за подготовка на оброци и служење на храна (27 работодавачи) и секторите копнен и цевоводен транспорт и специјализирани градежни дејности (по 8 работодавачи).

Обвинителството за организиран криминал и корупција постапува по кривичните пријави за фирмите кои пролетва добија државна помош, а притоа не им исплатија плати на своите вработени. Кривичните пријави ги најави Владата, а потоа до Обвинителството ги поднесе Генералниот секретаријат на РСМ.

„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите неопходни мерки за расветлување на случајот. Во интерес на постапката во моментов обвинителството не може да сподели детали“, ни одговорија од Обвинителството за организиран криминал .

На листата на фирми кои не исплатиле плати првично беа 570 компании кои јавно беа објавени, а но откако Владата им остави на располагање дополнителен рок за да се раздолжат кон своите вработени, поголемиот дел од нив ја искористија таа прилика. Сепак дел од фирмите на тој список кој беше и јавно објавен, не ги исплатиле платите на вработените и покрај тоа што беа пратени опомени и беше продолжен рокот за да го направат тоа. Најголем дел од фирмите неплаќачи се од Тетово, Струга, Гостивар, Кичево, Куманово, Прилеп и скопските општини Центар, Чаир, Гази Баба, Карпош, Кисела вода, Бутел.

Од Генералниот Секретаријат на Владата потврдуваат дека поднеле кривични пријави до Основното јавно oбвинителството за покренување постапка за утврдување на кривична одговорност за работодавачите на компаниите кои примиле поддршка за минимална плата од државата, а не извршиле исплата кон своите вработени. На прашањето дали некои од тие фирми добиле некаква казна за злоупотребите, ни посочија дека Владата не е правосуден орган, односно дека правосилни одлуки носат само судовите.

Од Обвинителството за организиран криминал потврдуваат дека кривичните пријави се кај нив, но не кажуваат колку фирми се опфатени во овој предмет.

Во изминатиот период и во Сојузот на синдикати пристигнале бројни поплаки од вработени кои не добиле плата или пак им биле исплатени помалку средства. Најголемиот дел од поплаките стигнуваат од фирмите или компаниите кои не се синдикално организирани, велат од ССМ.

„Онаму каде што во изминатиот период имавме проблеми со исплатата на платите од фирмите кои се синдикално организирани, ССМ презеде чекори тоа на најлесен начин да се реши без притоа да се оптоваруваа инспекции или други државни органи. Меѓутоа, она што се случува таму каде што нема синдикално организирање ние постојано добиваме повици и најчесто станува збор за вработени кои анонимно се јавуваат затоа што стравуваат од губење на работното место“, вели Катерина Поповска од ССМ.

Со цел да не бидат изиграни од газдите повторно, непосредно пред донесување на четвртиот пакет мерки од Владата, од Сојузот на синдикати апелираа субвенционираната помош за плати да се исплаќа директно на сметките на работниците.

Но, она на што укажува Поповска е и потребата од лоцирање на одговорност и кај газдите, а не како што е во пракса кога за направените неправилности одговараат само управителите на фирмите или директорите.

„Ние сме сведоци дека во изминатиот период многу често се случуваа овие злоупотреби да бидат извршени во различни компании, меѓутоа нашите закони наведуваат на одговорност на управителите, а не на сопствениците. Затоа ние побаравме од Државниот трудов инспекторат да се поведе и постапка против сопственикот како поттикнувач на таа злоупотреба, или кршење на правата од работен однос. Е, сега останува на ЈО за понатаму да постапува и да се создаде правна пракса, според која, ќе бидат одговорни и тие што ја предизвикуваат таа состојба, бидејќи свесни сме дека голем дел од управителите не работат на своја рака, туку под палката на нивните газди“, вели Поповска.

Инаку, според Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, во ваков случај на злоупотреба на субвенциите, се предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот е задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во постапка спроведена од УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

Од Управата за јавни приходи посочуваат дека располагаат со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следат состојбата на искористеност на мерките, како и почитувањето на обврските од законот.

Субвенции за бизнис секторот се предвидени и со четвртиот пакет мерки кој Владата го објави при крајот на претходниот месец. Но, овој пат, финансиската помош ќе се дели скалесто и ќе зависи од тоа колку се намалени приходите на фирмите, како дирекна последица од кризата. За компаниите од најпогодените сектори ќе има и еднократна неповратна помош. Тука влегуваат туристичките агенции, рестораните за свадби и игротеките.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG