Достапни линкови

Вести

Бразил со војска ќе ја чува Амазонија

Илустрација - Дете од амазонско домородно племе
Илустрација - Дете од амазонско домородно племе

Бразилскиот потпретседател Хамилтон Моура изјави дека почнало распоредување на воени единицитрупи за заштита на Амазонија, почнувајќи со сојузната држава Рондонија на границата со Боливија. Ова следува откако минатата недела шефот на бразилската држава, Жаир Болсонаро, донесе уредба со која се дозволува распоредување на војската, слично како минатата година, по разорните пожари и интензивното сечење на шумите. Оваа година армијата се испраќа три месеци порано од минатата година.

Владата на Бразил во петокот објави дека уништувањето на шумите во бразилскиот дел на Амазонија нагло се зголеми во април. Уништувањето на шумите се зголемило за 64 проценти во април во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците од сателитите на вселенската агенција ИНПЕ.

види ги сите денешни вести

Селаковиќ пречекан од антивладини демонстранти на судењето за случајот „Генералштаб“

Министерот за кулура Никола Селаковиќ пристигнува пред Специјалниот суд во Белград, 4 февруари 2026 година
Министерот за кулура Никола Селаковиќ пристигнува пред Специјалниот суд во Белград, 4 февруари 2026 година

Судењето на министерот за култура на Србија, Никола Селаковиќ, обвинет за злоупотреба на службена должност и фалсификување документи, започна денеска, 4 февруари, во Специјалниот суд во Белград.

Тој пристигна во судот во придружба на адвокат.

Со свирежи и скандирања „Мафија во затвор“ и „Министри, крадци“, пред зградата беше пречекан од граѓаните кои, на покана на студентите во блокада, се собраа пред судењето.

Потоа ја блокираа улицата пред судот и го развеаја транспарентот „Сите сме сведоци“.

Селаковиќ, заедно со уште тројца претставници на државните институции, е обвинет за фалсификување документи, што овозможило комплексот на Генералштабот, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, да го изгуби статусот на заштитено културно добро.

Тоа беше првиот чекор што го презеде владата за да овозможи изградба на луксузен станбен и деловен комплекс на таа локација во центарот на Белград.

Требаше да го изгради приватната компанија „Афинити партнерс“ во сопственост на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓутоа, на 15 декември, денот кога беше поднесено обвинението против министерот за култура, фирмата на Кушнер објави дека се повлекува од проектот.

Тие не ги наведоа директно причините за напуштање на изградбата, но објавија дека одлуката е донесена „од почит кон граѓаните на Србија и Белград“.

На рочиштето во Обвинителството за организиран криминал (ТОК), кое му претходеше на почетокот на судењето, Селаковиќ ја негираше вината.

Тој тврди дека „не е вистина“ дека наредил некому да фалсификува документи што ѝ помогнале на Владата на Србија да ја отстрани заштитата од објектите на Генералштабот во ноември 2024 година.

На уривањето на комплексот на Генералштабот и изградбата на тоа место се спротивставуваат студентите во блокада, кои повеќе од една година водат антивладини протести во Србија, опозицијата и стручната јавност кои се залагаат овие згради да го задржат својот статус на културно наследство и да бидат обновени.

Од друга страна, владата, предводена од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го поддржа проектот - со тврдење дека зградите не можат да се обноват и треба да се срушат.

Во обвинението, Обвинителството бара Селаковиќ да биде осуден на три години затвор. Обвинителите, исто така, укажуваат на „намерно кршење“ на законските процедури, во кое учествувале претставници на неколку институции - меѓу кои Министерството за култура, Републиката и Градскиот завод за заштита на културните споменици.

И покрај тоа што ја отфрла вината во овој случај, министерот Селаковиќ од почетокот на постапката јавно упатува обвинувања и навреди против Обвинителството за организиран криминал.

Без да наведува докази, тој ги обвини обвинителите дека работат „по наредба на неименувани центри на моќ“, чија цел е соборување на владата во Србија и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Самиот Вучиќ ги повтори ваквите обвинувања во неколку наврати.

Обвинителството, од друга страна, истакна дека обвинувањата и навредите упатени кон обвинителите од страна на највисоките претставници на владата се форма на притисок врз нивната работа.

Ирански дрон соборен во близина на американскиот носач на авиони во Арапското Море

Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“
Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“

Американската војска собори ирански дрон кој „агресивно“ се приближувал кон носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во Арапското Море, соопшти американската војска на 3 февруари.

Иранскиот дрон „Шахед-139“ летал кон носачот на авиони „со нејасна намера“ и бил соборен од американски борбен авион Ф-35, се вели во соопштението.

„Борбен авион Ф-35Ц од носачот на авиони „Абрахам Линколн“ го собори иранскиот дрон во самоодбрана за да го заштити носачот на авиони и персоналот на бродот“, изјави капетанот на американската морнарица Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД.

Тој додаде дека во инцидентот нема повредени американски војници и дека не е оштетена воена опрема.

Инцидентот се случил во време кога дипломатите се обидуваат да организираат нуклеарни разговори меѓу Иран и САД, и покрај предупредувањата од американскиот претседател Доналд Трамп дека американските воени бродови се упатуваат кон Иран и дека „лоши работи“ би можеле да се случат ако не се постигне договор.

Американската војска распореди поморска ударна група, предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, во близина на иранскиот брег.

Претседателот Трамп не ја исклучи можноста за воена акција против Иран како одговор на бруталното задушување на антивладините протести што избувнаа низ Иран кон крајот на декември.

ЕК најавува можност возачите да се третираат како пилоти и машиновозачи

Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско - грчката граница поради новиот шенген систем, 26.01.2026.
Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско - грчката граница поради новиот шенген систем, 26.01.2026.

Надминувањето на проблемите со кои се соочуваат професионалните превозници при влез и престој во земјите од Шенген-зоната и изнаоѓањето долгорочни решенија за транспортниот сектор беа тема на денешниот конференциски состанок меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, со претставници на Европската комисија и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти.

На состанокот учествувале и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите на Западен Балкан – Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, како и директорката на Директоратот за проширување при Европската комисија, Валентина Суперти.

Од Министерството за транспорт информираат дека Николоски ја поздравил иницијативата на Европската комисија за решавање на проблемот и преку аргументирани факти го истакнал ставот на Владата дека е неопходно соодветно решение за оваа категорија работници, имајќи ја предвид природата на нивните работни обврски и потребата од непречено движење во рамки на Шенген-зоната.

„Во очекување на трајно решение, неопходно е Европската комисија реално да го идентификува проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најкраток рок да имплементира соодветни мерки што ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на компаниите кои вршат меѓународен патен сообраќај“, порачал Николоски.

Претставниците на Европската комисија ја потврдиле новата визна стратегија на ЕУ, во која професионалните возачи се препознаени како посебна категорија, при што било истакнато дека се разгледува можноста тие да бидат третирани исто како пилотите и машиновозачите.

На состанокот било потврдено и дека примената на биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од земјите на Шенген-зоната се одложува – наместо од почетокот на април, системот ќе започне со примена во септември годинава.

Во меѓувреме, ќе биде формирана работна група на експертско ниво, која веќе следната недела треба да се состане и да ги конкретизира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.

Од Европската комисија ја потенцирале важноста на транспортниот сектор и неговото влијание врз целокупната економија, најавувајќи целосна посветеност за изнаоѓање трајно и прифатливо решение во интерес на сите засегнати страни. Како што било нагласено, темата останува високо на агендата на ЕУ и комуникацијата ќе продолжи и во наредниот период.

Владата, како што наведуваат од Министерството за транспорт, веќе изрази целосна поддршка за превозниците и ги користи сите расположливи механизми за да се овозможи непречена работа во меѓународниот патен сообраќај.

На 30 јануари годинава, одлуката на Европската комисија за донесување нова визна стратегија која ќе ги опфати и професионалните возачи доведе до прекин на блокадите на граничните премини во Северна Македонија, кои ги организираа транспортните компании. Иако стратегијата засега е во форма на документ, без конкретна примена, превозниците ја оценија како значаен чекор напред.

Тогаш од асоцијацијата „Макам транс“ соопштија дека протестите ќе бидат прекинати, откако била добиена потврда за најавените промени. Истовремено, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување Марта Кос, при што било разговарано за одржливо решение за проблемите на превозниците.

И превозниците од Србија и Босна и Херцеговина на истиот датум ги прекинаа блокадите на граничните премини кон Шенген-зоната, започнати како протест против построгите процедури за влез на товарни возила.

ССМ најави блокади на Собранието, Стопанската комора и Владата поради минималната плата

Protest SSM
Protest SSM

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот ќе достави иницијатива до Собранието за измени и дополнувања на Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, најавија од синдикатот.

Воедно, од ССМ информираат дека поради, како што велат, игнорантскиот однос на пратениците кон барањата за зголемување на платите, преминуваат во втора фаза од синдикалните активности, која вклучува блокади на институции.

На 10 февруари се најавени блокади што ќе започнат пред Собранието, а два дена подоцна ќе продолжат пред зградата на Стопанската комора. За 17 февруари, пак, е планирана блокада на Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска изјави дека вчера истекол рокот што синдикатот им го дал на пратениците за брзи измени на Законот за минимална плата.

„Илјадници работници им дадоа рок на пратениците во Собранието минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за разликата од зголемувањето на минималната плата, односно најмалку за 6.000 денари. Игнорантскиот однос што го покажуваат пратениците кон работниците нè принуди да преминеме во втората фаза од активностите“, рече Трендафилов.

Од Владата порачуваат дека се отворени за разговори, но инсистираат на договор меѓу социјалните партнери. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека Владата ќе поддржи секој предлог за зголемување на минималната плата кој ќе произлезе од заеднички договор меѓу синдикатите и работодавачите.

„Растот на платите мора да биде постепен и да се одвива во стабилна економска рамка“, нагласи Дурмиши.

Барањето за минимална плата од 600 евра доби и улична димензија на 28 јануари, кога синдикатите одржаа протест и предупредија дека, доколку не дојде до зголемување на платите, ќе иницираат законски измени за намалување на функционерските плати до 80 проценти.

Европскиот суд за човекови права - Србија прекршила права на авганистански баратели на азил

Илустративна фотографија - мигранти минуваат низ Србија.
Илустративна фотографија - мигранти минуваат низ Србија.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур на 3 февруари пресуди дека Србија ги прекршила човековите права на повеќе од дваесет авганистански баратели на азил кои преку ноќ во 2017 година беа протерани преку границата во Бугарија.

Уставниот суд на Србија, исто така, пресуди за случајот во 2020 година, утврдувајќи дека полицајците на нехуман начин се однесувале кон барателите на азил од Авганистан, вклучувајќи четири деца под пет години и три под седум години.

Во февруари 2017 година, српската полиција уапси мигранти од Авганистан на границата со Бугарија под сомнение за нелегално преминување на границата и ги притвори.

Потоа беа изведени пред судија за прекршоци во Пирот, југоисточна Србија, пред кого побараа азил, а прекршочната постапка против нив беше прекината.

На полицијата ѝ беше наредено да им издаде на сите потврди за намера за барање азил, за да можат да бидат упатени во центар за сместување на баратели на азил.

И покрај ова, полицајците ги придружуваа до границата ноќе и ги протераа назад во Бугарија.

Барателите на азил тврдат дека биле принудени да шетаат низ шумата на температури под нулата, пред да им бидат одземени сите документи, вклучително и оние издадени во Србија.

Судот во Стразбур утврди дека апликантите биле притворени во Србија во несоодветни услови.

„Просторијата во која биле сместени била валкана. Понатаму, немало тоалет, пристап до вода за пиење и соодветно греење, а надворешните температури во тој дел од Србија на 3 февруари 2017 година се движеле од -2 до 6 степени Целзиусови. Немало кревети ниту столчиња“, се наведува во пресудата.

Судот, исто така, се согласи со оценката на Уставниот суд на Србија дека начинот на кој барателите на азил биле отстранети од Србија претставува „нечовечки и понижувачки третман“.

„(Барателите на азил) тврдеа дека протерувањето било извршено од властите ноќе, на ниски температури, и дека вклучувало употреба на прекумерна физичка сила“, се наведува во пресудата.

Судот, исто така, утврди дека барателите на азил биле протерани во Бугарија без соодветна постапка за испитување дали ќе имаат пристап до соодветна постапка за азил во Бугарија.

Европскиот суд на правдата пресуди дека Србија треба да плати пет илјади евра со такси за двајца баратели на азил, бидејќи само двајца од нив останале во контакт со судот.

Никола Ковачевиќ од невладиниот Центар за истражување и развој на општеството (IDEAS) ја коментираше гореспоменатата пресуда на социјалната мрежа Linkedin, наведувајќи дека Европскиот суд за човекови права утврдил повеќекратни прекршувања на Европската конвенција за човекови права.

Тој изјави дека дејствијата на полицијата во овој случај ја одразуваат „природата на некои од операциите за репресија што се одвиваат во балканскиот регион“.

Повеќе од 1,5 милиони мигранти од 120 земји поминале низ Србија од 2015 година, според податоците од српскиот државен комесаријат за бегалци и миграција.

Во последните десет години, мигранти и бегалци од Азија, Блискиот Исток и Африка поминале низ Србија во обид да стигнат до земјите од Европската Унија.

Таканаречената балканска мигрантска рута до Западна Европа минува низ Турција, Грција, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, или алтернативно низ Бугарија и Србија.

Руте во посета на Киев по големите напади во текот на ноќта

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се обраќа пред украинските пратеници, Киев, Украина 3 февруари 2026 година
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се обраќа пред украинските пратеници, Киев, Украина 3 февруари 2026 година

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска е во посета на Киев кој беше погоден од тешки руски напади во текот на ноќта. Украинскиот претседател Володмир Зеленски објави фотографии на социјалните мрежи од него и Руте како го посетуваат Плоштадот на независноста во Киев за да положат венци во чест на украинските војници убиени во конфликтот, кој се приближува кон својата четврта годишнина.

„Вечна благодарност за нивната жртва и за одбраната на земјата.Наша должност е да го зачуваме споменот на нашите паднати херои“, напиша Зеленски.

Посетата на Руте дојде откако украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал ја обвини Москва за обид за „зимски геноцид“ во услови на големи напади врз енергетската инфраструктура на земјата, со што се стави крај на еднодневната пауза.

Шмихал рече дека Русија користела балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала, за да погоди цивилни цели, вклучувајќи термоцентрали и високи згради. Тој ги опиша нападите како намерен обид да се остават цивилите без греење на екстремниот студ.

Во Киев, температурата во вторник беше прогнозирана на минус 20 степени Целзиусови. Нападите се случија и покрај претстојните разговори меѓу украинските и руските претставници закажани за среда и четврток во Абу Даби, со посредништво на САД.

Зеленски ја обвини Москва за „терор и ескалација“ по нападите врз Киев.

„Искористувањето на најстудените зимски денови за тероризирање на луѓето е поважно за Русија отколку свртувањето кон дипломатијата“, напиша тој на X.

Девет лица беа повредени во нападите, рече Зеленски, а Русија распореди повеќе од 70 ракети и 450 дронови за напад.

Либанскиот премиер вели дека нема да дозволи земјата да биде вовлечена во нов конфликт

Либанскиот премиер Наваф Салам, Бејрут, Либан
Либанскиот премиер Наваф Салам, Бејрут, Либан

Премиерот на Либан изјави дека нема да дозволи неговата земја да биде вовлечена во нов конфликт, откако Хезболах предупреди дека секој напад врз нејзиниот ирански поддржувач би бил напад врз групата.

„Никогаш нема да дозволиме никој да ја вовлече земјата во уште една авантура“, изјави Наваф Салам за време на Самитот на светските влади во Дубаи, како одговор на прашање за коментарите дадени од шефот на Хезболах, Наим Касем, минатата недела.

Касем одговори на американските закани за воена акција против Иран, велејќи:

„Во тој момент ќе избереме како ќе дејствуваме, но не сме неутрални“.

Салам рече дека одлуката на Хезболах да влезе во војната во Газа во поддршка на својот сојузник Хамас имала „многу големи“ последици за Либан и дека „никој не е подготвен да ја изложи земјата на авантури од ваков вид“.

Повеќе од една година непријателства меѓу Израел и Хезболах, кои во голема мера завршија со прекин на огнот во ноември 2024 година, многу ја ослабнаа групата.

Владата започна со спроведување на план за нејзино разоружување почнувајќи од југот, едно од нејзините главни традиционални упоришта.

Во јануари, либанската армија соопшти дека ја завршила првата фаза од својот план за разоружување на Хезболах, кој ја опфаќа областа јужно од реката Литани, околу 30 километри од израелската граница.

Салам рече дека државата „работила на враќање на контролата врз одлуките за војна и мир“.

„Либанската армија има целосна оперативна контрола над југот“, додаде тој.

Израел, кој го обвинува Хезболах за вооружување, го критикуваше напредокот на армијата како недоволен, додека Хезболах ги отфрли повиците за предавање на оружјето.

Салам ги повика арапските земји да ја поддржат либанската армија за да ја зајакнат државната контрола врз целата земја.

„За државата да ја прошири својата власт над целата своја територија треба да ги поддржиме вооружените сили. Наскоро ќе се одржи конференција во Париз за поддршка на либанските вооружени сили и се надевам дека сите наши арапски браќа ќе учествуваат активно“, рече тој.

Русија продолжува со нападите на Киев пред разговорите во Абу Даби

Последици од рускиот ракетен и беспилотен напад во Киев, 3 февруари 2026 година
Последици од рускиот ракетен и беспилотен напад во Киев, 3 февруари 2026 година

Русија го започна својот најголем напад со беспилотни летала и ракети оваа година врз Украина преку ноќ, оставајќи стотици илјади луѓе без греење на нула температури во вторник, 3 февруари, или само еден ден пред новите разговори со цел да се стави крај на четиригодишната војна.

Нападите се случија додека Украина ги доживува најниските температури за време на руската инвазија и оштети иконски споменик од Втората светска војна од советската ера.

Тие, исто така, се случија ден пред украинските и руските преговарачи да се сретнат на втора рунда разговори во Абу Даби.

„Искористувањето на најстудените зимски денови за тероризирање на луѓето е поважно за Русија отколку свртувањето кон дипломатијата“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните медиуми, осудувајќи го нападот.

Новинарите на АФП слушнале експлозии низ главниот град преку ноќ, а жителите во над 1.000 згради се разбудиле со исклучено греење додека температурите се минус 20 Целзиусови степени.

Кремљ минатата недела соопшти дека се согласува со барањето на САД да не го напаѓа Киев седум дена, што завршува во недела.

Украина минатата недела не пријави големи руски напади врз главниот град, додека известуваше за континуирани напади во други делови од земјата.

„Неколку видови балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала, беа користени за напади врз високи згради и термоцентрали“, рече министерот за енергетика Денис Шмигал.

„Стотици илјади семејства, вклучувајќи деца, беа намерно оставени без греење во најсуровите зимски мразови“, додаде тој.

Русија нападна со 71 ракета, како и 450 борбени беспилотни летала, соопштија украинските воздухопловни сили. Украина соопшти дека пресретнала или уништила 38 ракети и 412 беспилотни летала.

Пет лица беа ранети во главниот град, соопштија официјални лица, додавајќи дека илјадници останале без електрична енергија.

Руските напади овој месец постојано ги прекинуваа електричната енергија и греењето на десетици илјади домови - а Киев и неговите европски сојузници ја обвинуваат Москва за намерно замрзнување на населението на Украина.

Нападите го погодија и вториот по големина град во Украина, Харков, привремено прекинувајќи го греењето на околу 100.000 претплатници.

Нападот, кој траеше неколку часа, беше насочен кон енергетската инфраструктура и имаше за цел да „предизвика максимално уништување и да го остави градот без греење за време на силен мраз“, напиша гувернерот на Харкив, Олег Синегубов, на Телеграм.

Властите мораа да го намалат греењето на повеќе од 800 домови за да спречат замрзнување на пошироката мрежа, рече тој, повикувајќи ги луѓето да одат на „непобедливи точки“ низ градот кои работат 24 часа на ден доколку треба да се затоплат.

Температурите преку ноќ паднаа на минус 19 степени Целзиусови во Киев и паднаа на минус 23 степени Целзиусови во Харкив.

Вашингтон се обиде да постигне договор меѓу двете страни, но првата рунда трилатерални разговори што се одржа во Абу Даби минатиот викенд не донесе пробив.

Втората рунда треба да започне во среда во главниот град на Емиратите.

Зеленски во понеделник изјави дека неодамнешната „деескалација“ со Русија помага во градењето доверба во преговорите, очигледно алудирајќи на прекин на нападите врз енергетските објекти.

Се очекува втората рунда разговори да се фокусира на територијата - досега нема пробив по ова клучно прашање.

Русија сака целосна контрола врз источниот регион Донецк во Украина, што Киев го отфрли, велејќи дека таков потег само ќе ја охрабри Москва.

Откако не успеа во својата цел за молскавична офанзива за освојување на Киев и соборување на раководството на Украина за неколку дена во 2022 година, Русија е заглавена пред украинската одбрана и сега организира тежок напредок што доаѓа со огромна човечка цена.

Војниците на Москва го забрзаа својот напредок во Украина во текот на јануари, заземајќи речиси двојно повеќе земја отколку во претходниот месец, според анализата на АФП.

Русија зазеде 481 квадратен километар (186 квадратни милји) во јануари, според анализата на податоците од Институтот за проучување на војната. Јануарските добивки се зголемени во однос на 244 квадратни километри во декември 2025 година и еден од најголемите напредоци во текот на еден зимски месец откако Русија ја почна инвазијата пред четири години.

Зеленски вели дека има помалку руски напади врз инфраструктурата

Киев, Украина
Киев, Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бројот на руски напади врз енергетските објекти во неговата земја е намален. Додека инфраструктурните објекти во областите на фронтот повторно беа погодени од гранатирање, вклучително и локалните генератори на енергија, немаше напади во текот на денот со употреба на ракети или борбени беспилотни летала „Шахед“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање (2 февруари).

Тој го припиша намалувањето на нападите на притисокот од Соединетите Држави врз Москва.

„Ова покажува дека кога Соединетите Држави имаат мотив навистина да ја променат ситуацијата, ситуацијата може да се промени“, рече Зеленски.

Осврнувајќи се на планираните разговори во Абу Даби за завршување на војната во Украина, Зеленски, исто така, најави понатамошни билатерални разговори со САД за безбедносни гаранции.

„Важно е да се одржи притисокот врз Москва за постигнување дипломатско решение“, рече тој.

Украина се брани со помош на Западот од целосна руска инвазија речиси четири години. Во тој период, руската војска систематски уништуваше електрани и трафостаници.

Украина влезе во најтешката енергетска криза од почетокот на војната оваа зима, поради ниските температури. Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лидерот на Кремљ, Владимир Путин, се согласил, на негово барање, да ги прекине нападите врз енергетските објекти во Украина.

Москва првично го потврди ова. Сепак, подоцнежните изјави сугерираат дека ограничената пауза оттогаш е завршена.

Иран објави список на загинатите за време на протестите, организациите тврдат дека бројот на жртвите е поголем

Десетици тела што лежат пред судскиот медицински центар „Кахризак“ во Техеран, додека ожалостените членови на семејствата ги бараат своите најблиски/13 јануари
Десетици тела што лежат пред судскиот медицински центар „Кахризак“ во Техеран, додека ожалостените членови на семејствата ги бараат своите најблиски/13 јануари

Владата на иранскиот реформски претседател, Масуд Пезешкијан ги објави имињата и националните идентификациски броеви на 2.985 лица убиени за време на неодамнешните протести низ целата земја.

Објавувањето на официјалната владина листа на 2 февруари ги претвори киосците за весници во мрачни меморијали и отвори дебата дали овој потег претставува вистински исчекор кон транспарентност или пресметан обид да се ублажи размерот на далеку поголема трагедија.

Листата, објавена од администрацијата на Пезешкијан, идентификува речиси 3.000 жртви.

Медиумите блиски до државата ги истакнаа имињата на насловните страници, претставувајќи ја објавата како доказ за „храбрата транспарентност“ на владата.

Сепак, организациите за човекови права и активистите ја обвинуваат Исламската Република дека се обидува да „преземе контрола врз наративот“ и значително да ги намали вистинските размери на страдањето.

Кабинетот на претседателот официјално соопшти дека бројот на загинатите изнесува 3.117, наведувајќи дека разликата меѓу таа бројка и објавената листа се однесува на 131 неидентификувано тело.

Сепак, во интервју за Радио Фарда на Радио Слободна Европа, Махмуд Амири-Могадад, директор на организацијата Iran Human Rights (IHR) со седиште во Осло, изјави дека самиот обем на објавените имиња претставува признание за „масакр од огромни размери“ кој државата повеќе не можела да го сокрие.

„Не можеа да го задоволат јавното мислење со помала бројка“, рече Амири-Могадад.

„Ова е официјално признание на масовен покол. Дури и 3.000 е огромна бројка, но врз основа на нашето искуство, нивото на тајност и понатаму е многу високо.“

Организациите за човекови права наведуваат дека ваквите несогласувања се вообичаени и се во согласност со претходните обрасци. Така, IHR во 2024 година потврди 503 егзекуции поврзани со дрога во Иран, додека владата официјално призна само 15.

Американската организација за човекови права ХРАНА спроведе прелиминарна анализа на владината листа, опишувајќи ја како „набрзина изработена“ и преполна со правописни грешки, дуплирани записи и нецелосни идентификациски податоци, со целосно отсуство на контекстуални информации како што се времето, местото или причината за смртта.

Критичарите тврдат дека властите, не наведувајќи дали убиените биле демонстранти, случајни минувачи или припадници на безбедносните сили, го направиле речиси невозможно јавноста независно да ги провери податоците или да повика конкретни функционери на одговорност.

Јавниот гнев дополнително беше поттикнат од скандалот на државната телевизија Офог. На 1 февруари, водителот на емисијата „Khat-Khatti“ предизвика огорченост низ целата земја откако подбивно сугерираше дека телата на демонстрантите се чуваат во „замрзнувачи на супермаркети“ или „апарати за сладолед“.

Реформски ориентираниот новинар и поранешен градоначалник на Техеран, Голамхосеин Карбашчи, изјави дека овој инцидент ја разоткрил подлабоката трулеж на системот. Тој ја критикуваше владата поради зголемувањето на буџетот на државниот радиодифузер (IRIB), за кој рече дека го води „неписмена“ група луѓе, целосно одвоена од ожалостената јавност.

Додека владата и понатаму стои зад својата проценка од околу 3.100 загинати, бранителите на човековите права веруваат дека вистинскиот број на убиени за време на бранoт протести кој започна на 28 декември веројатно е значително поголем.

„Нашата проценка, заснована на сведоштва на очевидци и прецизни податоци, укажува дека бројките што се спомнуваат во медиумите, како 20.000 или 30.000, не делуваат нереално“, изјави Амири-Могадад.

Тој додаде дека дури и во тековниот процес на верификација на организацијата IHR, приближно половина од потврдените жртви не се наоѓаат на официјалната владина листа.

Во меѓувреме, ХРАНА, чии податоци Радио Слободна Европа редовно ги користи од почетокот на насилниот судир, наведува дека нејзиниот потврден број на загинати, вклучително и припадници на безбедносните сили, достигнал 6.842.

Дополнителни 11.280 смртни случаи се под истрага, додека повеќе од 49.000 лица се уапсени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG