Достапни линкови

Вести

Златото и среброто достигнаа рекордни вредности

Златото се смета за „безбедно засолниште“ за инвестиции во време на превирања и кризи.
Златото се смета за „безбедно засолниште“ за инвестиции во време на превирања и кризи.

Златото и среброто достигнаа рекордни вредности во понеделник, додека повеќето берзи забележаа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги оживеа стравувањата од трговска војна со ЕУ, заканувајќи се на неколку европски земји со царини поради нивното противење на купувањето на Гренланд од САД.

Трамп ги разгоре геополитичките тензии овој месец со тоа што инсистира дека Вашингтон ќе ја преземе контролата врз автономниот дански остров, наведувајќи ги потребите за национална безбедност.

Откако разговорите не успеаја да го решат „фундаментално несогласување“ околу островот, американскиот претседател во саботата објави дека ќе воведе нови царини за осум земји поради отфрлањето на неговиот план.

Трамп рече дека од 1 февруари ќе воведе царини од 10 проценти за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, кои ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни ако не се согласат со преземањето на Гренланд.

Објавата предизвика непосредна реакција, при што земјите од ЕУ во заедничка изјава наведоа: „Империјалните закани ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу“.

Овој потег, исто така, го загрози трговскиот договор што САД и ЕУ го потпишаа минатата година. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за телевизијата ARD изјави дека не верува оти „овој договор е возможен во сегашната ситуација“.

Помошниците на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека тој ќе побара од ЕУ против Вашингтон да активира досега некористен „инструмент против принуда“ доколку Трамп ја спроведе својата закана.

Ваквиот инструмент би овозможил ограничувања на увозот на стоки и услуги во ЕУ, пазар од 27 земји со вкупно население од 450 милиони.

Блумберг објави дека членките на ЕУ размислуваат за одмазднички тарифи за американска стока во вредност од 93 милијарди евра.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, одлучи да свика итен самит на шефовите на држави и влади на ЕУ поради тензиите со САД околу Гренланд.

Кошта најави дека самитот ќе се одржи „во наредните денови“. Точниот датум сè уште не е објавен, бидејќи повеќето европски лидери ќе присуствуваат на Светскиот економски форум во Давос оваа недела. Се очекува и Трамп да присуствува на Форумот.

Заканата од трговска војна меѓу глобалните економски сили ги вознемири пазарите. „Безбедните засолништа“ како што се среброто и златото го продолжија растот што беше забележан по заканите на Трамп кон Иран минатата недела и соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Златото, клучно безбедно засолниште во време на превирања, достигна рекордно високо ниво од 4.690,59 долари, додека среброто достигна 94,12 долари.

Акциите на берзите во Токио, Хонгконг, Сиднеј, Сингапур, Манила, Мумбаи и Велингтон паднаа, додека пораснаа во Шангај, Сеул, Тајпеј и Бангкок.

Доларот исто така падна, додека раст забележаа вредностите на еврото, фунтата и јенот.

види ги сите денешни вести

Русија продолжува да го напаѓа енергетскиот сектор на Украина, Киев ја пренасочува енергијата

Жители на Одеса поминуваат покрај местото погодено со дрон, 19 јануари 2026 г.
Жители на Одеса поминуваат покрај местото погодено со дрон, 19 јануари 2026 г.

Русија продолжи со нападите врз енергетскиот сектор на Украина во текот на изминатата ноќ, додека Киев се обидува да го забрза пренасочувањето на снабдувањето со електрична енергија кон тешко погодените области на истокот на земјата од своите нуклеарни централи на западот.

Оваа зима, Русија не ја крие својата стратегија да ги таргетира веќе оштетените електрични мрежи и електрани на Украина, како и топланите преку кои со греење и топла вода се снабдуваат многу, ако не и со повеќето, згради во Киев и други украински градови.

Во утринските часови во понеделникот во руските напади беше погоден регионот Одеса, оштетувајќи ја енергетската и гасната инфраструктура при што е повредено најмалку едно лице, соопштија регионалните власти.

Олег Кипер, началник на регионалната воена администрација на Одеса, додаде дека дрон погодил повеќекатна станбена зграда во овој град.

Од гаража до фронтовската линија: Како Европејци изработуваат дронови за Украина Од гаража до фронтовската линија: Како Европејци изработуваат дронови за Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина, соопшти дека електраната што се наоѓа Одеса е „значително“ оштетена во нападот, оставајќи речиси 40.000 домаќинства без електрична енергија.

Во вториот по големина град во Украина, Харкив, Русија со четири ракети погоди критичен инфраструктурен објект, предизвикувајќи значителна штета, изјави во понеделникот градоначалникот Игор Терехов.

Во Киев, работниците во комуналните претпријатија продолжуваат да работат на враќање на топлинската енергија во зградите што останаа без греење по нападот врз главниот град на 9 јануари.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека ситуацијата останува предизвикувачка поради ниските температури кои достигнуваат и до минус 20 степени Целзиусови. Итните прекини на електричната енергија продолжуваат, додека вонредната состојба останува на сила во украинскиот главен град, додаде тој.

Украинскиот министер за енергетика, Денис Шмихал, рече дека Украина ќе работи на подобрување на преносот на електрична енергија од западниот дел на земјата до нејзините источни региони кои се „гладни“ за енергија поради руските напади врз енергетската инфраструктура.

„Ова вклучува поправки и проширување на мрежата. Поставените задачи ќе го намалат времетраењето на прекините на електричната енергија во областите каде што ситуацијата во моментов е најтешка“, напиша Шмихал на Телеграм.

Трите оперативни нуклеарни централи во Украина, кои обезбедуваат поголем дел од електричната енергија на земјата, се наоѓаат на запад, додека термоцентралите во источна Украина, на кои се потпираше овој дел од земјата, се речиси целосно уништени.

Американскиот институт за проучување на војната (ISW) предупреди дека руските сили наводно се подготвуваат да извршат напади со долг дострел врз трафостаниците што ги напојуваат нуклеарните централи на Украина.

„Доколку Русите беа сериозни во врска со завршувањето на војната, тие би се фокусирале на дипломатијата – а не на ракетни напади, прекини на електричната енергија, па дури и на обиди за оштетување на нашите нуклеарни централи“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање во неделата вечерта.

„Имаме информации за локациите што Русија ги извидуваше во подготовка за нападите. Сè јасно покажува дека дипломатијата не е приоритет за Русија“, предупреди Зеленски.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека е насочено кон енергетската инфраструктура што, рече, се користи од страна на украинската војска.

Податоците покажуваат дека руските сили ги интензивираа нападите врз украинската енергетска и гасна инфраструктура на почетокот на есента 2025 година, прекинувајќи го снабдувањето со енергија за време на грејната сезона.

Најмалку 39 загинати во судир на два брзи воза во Шпанија

Снимка од дрон го покажува местото на несреќата во Шпанија.
Снимка од дрон го покажува местото на несреќата во Шпанија.

Најмалку 39 лица загинаа, а 152 други се повредени откако брз воз излета од шините и се судри со друг воз што доаѓаше од спротивната насока во јужна Шпанија, објави државната телевизија RTVE во понеделникот, повикувајќи се на полициски извори.

Несреќата се случила во недела во 19:45 часот во близина на Адамуз во покраината Кордоба, околу 360 километри од Мадрид.

Сообраќањето на повеќе од 200 возови помеѓу Мадрид и јужниот регион Андалузија – вклучувајќи ги и големите градови Кордоба, Севиља и Гранада – беше откажано во понеделник, наведе телевизијата.

Премиерот Педро Санчез ги откажа планираните активности за понеделник, соопштија од неговиот кабинет.

Видео од местото на настанот објавено на социјалните медиуми во неделата покажа како спасувачите ги извлекуваат патниците од превртените вагони. Некои патници излегуваа низ скршените прозорци, додека други беа однесени на носилки.

Причината за несреќата сè уште не е позната, изјави шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте на прес-конференција на станицата Аточа во Мадрид во неделата.

Без договор помина средбата САД-Украина, нови разговори во Давос

Луѓе на замрзнатите улици на Киев за време на руските воздушни напади на 16 јануари.
Луѓе на замрзнатите улици на Киев за време на руските воздушни напади на 16 јануари.

Украинските претставници во неделата ја завршија последната рунда разговори со претставниците на САД без да објават постигнување договор, но Киев соопшти дека дискусиите за планот за прекин на војната на Русија против Украина ќе продолжат на претстојниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија.

„Работиме со нашите американски партнери за понатамошно унапредување на мировниот процес“, објави главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров, на социјалните мрежи во неделата по дводневните разговори во Флорида.

„Ќе продолжиме да работиме на постигнување праведен и одржлив мир, како и за безбедносни гаранции за Украина и договор за следните чекори“, додаде тој.

Умеров го повтори едно од клучните барања на Киев за мировен предлог – безбедносни гаранции, особено од САД, но и од Европа.

„На Украина ѝ е потребен мир што гарантира безбедност и суверенитет“, наведе тој.

„Суштински“ разговори

Умеров рече дека разговорите – во кои учествувале специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер – биле „суштински“, додавајќи оти учесниците разговарале и за „план за економски развој и просперитет“.

„Се согласивме да продолжиме да работиме на тимско ниво за време на следната фаза од консултациите во Давос“, напиша Умеров, осврнувајќи се на престижниот економски собир што ќе се одржува од 19 до 23 јануари во швајцарското одморалиште.

Трамп се обидува да постигне мировен договор меѓу Русија и Украина, кои ја водат најголемата војна во Европа од Втората светска војна, откако Кремљ ја започна инвазијата во февруари 2022 година.

Во ноември 2025 година, американскиот претседател изврши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки што многумина го сметаа за фаворизирачки за Русија.

Украина и нејзините европски сојузници – предводени од Велика Британија, Франција и Германија – кои се обидуваа да развијат контра-предлог, излегоа со план од 20 точки што повеќе ги отсликува интересите на Киев, особено во однос на безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.

Трамп во последните денови тврдеше дека Зеленски, а не рускиот претседател Владимир Путин, го попречува потенцијалниот мировен договор, додека Русија продолжува да извршува ноќни воздушни напади врз украински цивилни и инфраструктурни цели.

Зеленски го отфрли обвинувањето.

„Севкупно, јасно е дека Соединетите Држави сакаат да ја завршат војната утре. И ние сакаме да ја завршиме денес. И тие и ние имаме интерес во тоа. И разбираме дека одложувањето на крајот на војната доаѓа од Русија“, рече тој.

Дипломатија, а не ракетни напади

Во своето видеообраќање доцна навечер во неделата, Зеленски рече дека „ако Русите се сериозни во врска со завршувањето на војната, тие би се фокусирале на дипломатијата – а не на ракетни напади, прекини на електричната енергија, па дури и обиди за оштетување на нашите нуклеарни централи“.

Зеленски посочи дека украинското разузнавање утврдило оти Русија „ги разгледувала“ таквите локации како подготовка за нови воздушни напади.

Главниот град, Киев, продолжува да смрзнува на ниски температури додека Украинците се борат да ги издржат немилосрдните руски напади кои уништија огромни делови од енергетската инфраструктура на земјата.

Повеќе од една недела по особено големиот руски напад на 9 јануари, многу домови во главниот град сè уште се без греење или други комунални услуги.

Кошта свика итен самит на шефовите на држави и влади на ЕУ за Гренланд

Данскиот воен брод плови во близина на старото пристаниште Нуук во водите на Гренланд (фотоархива).
Данскиот воен брод плови во близина на старото пристаниште Нуук во водите на Гренланд (фотоархива).

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, одлучи да свика итен самит на шефовите на држави и влади на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) поради новонастанатите тензии меѓу ЕУ и САД околу Гренланд.

Кошта рече дека самитот ќе се одржи „во наредните денови“. Точниот датум сè уште не е познат, бидејќи повеќето европски лидери ќе присуствуваат на Светскиот економски форум во Давос оваа недела. Според најавите, на Форумот ќе присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.

Што претходеше?

Во текот на викендот, Антонио Кошта одржа консултации со земјите-членки на ЕУ, за време на кои, како што изјави, беше потврдено „единството во принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет, вклучително и единството во поддршката и солидарноста со Данска и Гренланд“.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 10% за стоки увезени од осум европски земји почнувајќи од февруари поради нивното противење на третманот на Вашингтон кон Гренланд. Оваа објава беше дочекана со силна осуда од европските земји.

Осврнувајќи се на консултациите со земјите-членки, Кошта преку социјалните медиуми порача дека царините ќе ги поткопаат трансатлантските односи и се некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.

Тој, исто така, ја потврди подготвеноста на ЕУ да се брани од каква било форма на принуда, но и нејзината подготвеност да продолжи конструктивна соработка со САД по сите прашања од заеднички интерес.

Откако избувна кризата со царините, американскиот претседател разговараше со британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Британскиот премиер го повтори ставот дека Гренланд „е дел од Кралството Данска и дека неговата иднина е прашање на Гренландците и Данците“.

„Царините за сојузниците во обид да се обезбеди колективната безбедност на сојузниците на НАТО се сосема погрешни. Секако, за ова ќе разговараме директно со американската администрација“, напиша Стармер на социјалните медиуми.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потврди дека разговарал со американскиот претседател по телефон и дека разговорите за Гренланд ќе продолжат на маргините на Форумот во Давос.

Зошто Трамп најавува за царини?

Покрај тоа што се спротивставија на неговите напори да ја преземе контролата врз Гренланд, Трамп ги најави царините бидејќи некои земји испратија и воен персонал на островот за поддршка на Данска и присуството на НАТО.

Данска, заедно со сојузничките земји, спроведе координирани воени вежби во Гренланд со цел зајакнување на безбедноста на Арктикот. Вежбите беа спроведени во соработка со сојузниците на НАТО.

Земјите-членки на Алијансата кои беа таргетирани со предложените американски царини на 18 јануари предупредија дека нивното воведување може да ги загрози односите меѓу сојузниците и да има далекусежни последици.

„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу. Ќе продолжиме да бидеме обединети и координирани во нашиот одговор. Ние сме посветени на зачувување на нашиот суверенитет“, се вели во заедничката изјава од Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.

Земји од НАТО предупредуваат дека американските царини за Гренланд би можеле да ги загрозат сојузничките односи

Протест на 17 јануари 2026 година во Нуук, Гренланд
Протест на 17 јануари 2026 година во Нуук, Гренланд

Земјите-членки на НАТО кои беа цел на американските царини поради поддршката на Данска за Гренланд предупредија дека објавувањето на царините може да ги загрози односите меѓу сојузниците и да има далекусежни последици.

„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу. Ќе продолжиме да бидеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на зачувување на нашиот суверенитет“, се вели во заедничката изјава од Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.

Овие земји ја повторија својата посветеност на зајакнување на безбедноста на Арктикот и оценија дека воената вежба „Арктичка издржливост“, спроведена со сојузниците, ја задоволува оваа потреба и, според нив, не претставува закана за ниту една земја.

„Ние сме во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд. Надоврзувајќи се на процесот започнат минатата недела, подготвени сме да се вклучиме во дијалог заснован на принципите на суверенитет и територијален интегритет, зад кои цврсто стоиме“, се вели во соопштението од осумте земји-членки на Алијансата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 17 јануари објави дека ќе воведе царини од 10 проценти за стоки увезени од осум европски земји од февруари поради нивното противење на третманот на Вашингтон кон Гренланд.

Оваа најава беше дочекана со силна осуда од европските земји.

Итен состанок на амбасадорите од земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) е свикан за вечерта во недела, 18 јануари. Се очекува амбасадорите да ги презентираат ставовите на своите влади за време на состанокот, но не се очекуваат конкретни одлуки.

Канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека Франција ќе побара активирање на таканаречениот европски „инструмент против принуда“ во случај САД да воведат царини.

Што е „инструментот против принуда на ЕУ?“

Тоа е инструмент на Европската Унија во областа на трговијата и надворешната политика што ѝ овозможува на ЕУ да одвраќа, да одговара и да се спротивставува на економската принуда од трети земји врз целата Унија или нејзините земји-членки.

Инструментот може да се активира ако трета земја користи трговски, инвестициски или други економски мерки за да изврши притисок врз ЕУ или земја-членка да промени одредена политика или одлука, или ако таквите мерки претерано се мешаат во суверените избори на ЕУ или нејзините земји-членки.

Инструментот стапи на сила во декември 2023 година, но сè уште не е активиран.

Зошто Трамп се заканува со царини?

Американскиот претседател објави царини за некои европски земји бидејќи тие јавно се спротивставија на неговиот обид да ја преземе контролата врз Гренланд и испратија воен персонал на островот во поддршка на Данска и присуството на НАТО.

Данска, заедно со своите сојузници, спроведе координирани воени вежби во Гренланд со цел зајакнување на безбедноста на Арктикот. Овие вежби беа спроведени во соработка со своите сојузници.

На 14 јануари, Данска започна со испраќање засилувања и распоредување воени сили во Гренланд, на кои им се придружија и други европски земји, вклучувајќи ги и земјите кои сега се цел на американските царини.

Кина го прошири своето медиумско присуство во Авганистан по враќањето на талибанците

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји (лево) и вршителот на должноста министер за надворешни работи на талибанската влада, Амир Кан Мутаки, во Кабул во август 2025 година.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји (лево) и вршителот на должноста министер за надворешни работи на талибанската влада, Амир Кан Мутаки, во Кабул во август 2025 година.

Од повлекувањето на меѓународните сили и враќањето на талибанците на власт во август 2021 година, некогаш разновидниот медиумски пејзаж на Авганистан се распадна поради недостаток на средства и ограничувања, бидејќи кинеските државни медиуми се борат да ја пополнат празнината.

Стотици медиуми се затворени, илјадници новинари ги загубија своите работни места, а оние што останаа се соочуваат со цензура, заплашување и сериозен економски притисок. Во овој контекст, медиумскиот отпечаток на Кина стана многу видлив и е подготвен да расте уште повеќе.

Кина значително го прошири своето медиумско присуство во Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година. Авганистанските новинари изјавија за РСЕ/РЛ дека кинеските медиуми во земјата произведуваат содржини што ја истакнуваат позитивната улога на Пекинг, додека избегнуваат приказни за сиромаштија, репресија или злоупотреба на човековите права.

Авганистански новинар во Кабул, кој работел за кинески медиум, изјави за Радио Азади (авганистанската служба на РСЕ) дека новинарите се соочуваат со строга уредничка контрола.

„Нашата работа се фокусира само на позитивни теми. Ни е кажано да снимаме документарци и извештаи што ги зајакнуваат односите (на Кина) со (талибанската) влада“, изјави за РСЕ/РЛ еден авганистански новинар во Кабул, кој работеше за кинески медиум, под услов да остане анонимен. „Гледаме глад и тешкотии кога ги посетуваме полињата, но тие приказни не се добредојдени. Реалноста е скриена.“

РСЕ/РЛ разговараше со неколку авганистански новинари кои работат за кинески медиумски куќи во Кабул. Сите рекоа дека биле предупредени да не зборуваат во име на други медиумски куќи и дека ќе ги изгубат своите работни места ако го сторат тоа.

Авганистанци кои работеле за Кинеската централна телевизија (ЦЦТВ) и Кинеската глобална телевизиска мрежа (ЦГТН), а кои разговарале со РСЕ/РЛ, рекле дека кинеските медиуми обезбедуваат вести преку авганистанските канали, промовирајќи ја „конструктивната улога“ на Пекинг, иако кинеското известување честопати истакнувало корупција, несигурност и политичка дисфункција - содржина што го поттикнувала соперништвото на Пекинг со Вашингтон.

„Кога работев за нив, беше јасно дека Кина сака приказни што ја прикажуваат претходната влада како слаба и неефикасна, фокусирајќи се главно на проблеми, предизвици и негативни прашања“, рече поранешен новинар на ЦГТН кој побара да не биде именуван. „Не изгледаше како конструктивна улога, иако им служеше на нивните политички интереси“.

Висок авганистански менаџер во кинеска медиумска организација изјави за РСЕ/РЛ дека откако Талибанците ја презедоа власта, известувањето се префрли на регионални политички и безбедносни прашања, особено тензиите меѓу Авганистан и Пакистан.

Тој рече дека кинеските медиуми ја продлабочиле соработката со државните медиуми контролирани од Талибанците, како што е новинската агенција Бахтар, преку заедничко програмирање, споделување содржини и техничка поддршка.

Проширување преку локални партнери

Аналитичарите за РСЕ/РЛ изјавија дека ова е дел од пошироките напори на Пекинг да го зајакне своето политичко и економско влијание во Авганистан, додека западните медиуми се повлекуваат, а локалните медиуми се борат со ограничувањата на Талибанците.

Хазрат Бахар, истражувач на Универзитетот во Лајпциг во Германија, рече дека растечкото влијание на Кина во авганистанските медиуми служи и за стратешки и за економски цели.

„Земјите што ги поддржуваат странските медиуми често го прават тоа од политички и културни причини, а Кина е една од нив“, изјави тој за РСЕ/РЛ. „Можете дури да го видите тоа на социјалните медиуми, преку CRI Pashto или програми како China Flowers на Фејсбук. Откако западните медиуми се распаднаа и оставија вакуум, Кина виде можност да го прошири своето влијание.“

Неодамнешна студија на Бахар покажува дека вклученоста на Пекинг се зголемила преку поддршката за авганистанските медиуми и проширувањето на неговите мрежи.

Според него, приватните медиуми како што се Shamshad TV и Akson Media добиле кинеска финансиска помош. CRI Pashto на Аксон, дел од мрежата на China Radio International, емитува програма двапати дневно во Кабул и Кандахар и привлече милиони онлајн следбеници.

Кинеските државни медиуми, вклучувајќи ги ЦЦТВ и ЦГТН, имаат канцеларии во Кабул кои произведуваат содржина на англиски јазик.

Некои авганистански станици, како што се Кабул Њуз, претходно емитуваа документарни филмови за кинеската иницијатива „Појас и пат“, инфраструктурен проект вреден повеќе трилиони долари што го започна Пекинг во 2013 година.

Истражувањето на Бахар, вклучено во извештајот од 2025 година на индискиот тинк-тенк Центар за социјален и економски напредок, покажа дека присуството на Кина во авганистанските медиуми значително се проширило од 2021 година. Извештајот ги наведува финансиската поддршка, партнерствата за содржини и програмите за обука за авганистанските новинари како клучни алатки за промовирање на прокинески наратив.

Извештајот го опишува напорот како дел од дипломатијата на „мека моќ“ на Кина, користејќи информации за обликување на јавното мислење и проектирање на имиџот на Кина како стабилен партнер во турбулентен регион.

Хамед Обаиди, раководител на Организацијата за поддршка на авганистанските медиуми (AMSO), рече дека кинеското финансирање служи и за економски цели.

„Инвестирањето во медиумите може да биде дел од пошироката економска и политичка стратегија на Кина“, изјави тој за РСЕ/РЛ. „Тие сакаат да ги промовираат своите проекти во Авганистан и да го подобрат својот имиџ низ целиот регион“.

Порака во Авганистан

Џавед Каим, последниот амбасадор на поранешната авганистанска влада во Кина пред Талибанците да ја преземат власта, за РСЕ/РЛ изјави дека и покрај продлабочениот ангажман на Пекинг во Авганистан, неговата улога останува повеќе прагматична отколку трансформативна.

„Авганистан не е исклучително важен за Кина, но во однос на безбедноста, вклучувајќи ја Јужна и Централна Азија, Авганистан е дел од регионалната стратегија на Кина“, рече Каим.

„Бидејќи дели граница со (северозападната кинеска покраина) Синџијанг, додека Кина се плаши од милитантни исламистички групи, Кина одржува односи со оној кој е на власт во Авганистан, сè додека нема закана што доаѓа оттаму“, додаде тој.

Каим, исто така, нагласи дека Кина е „повеќе вклучена сега, но не на длабоко стратешки начин - доволно за да врши контрола и да ја одржува стабилноста“.

Според него, медиумските инвестиции на Пекинг се сè уште ограничени во финансискиот обем, но со оглед на ниското ниво на финансирање достапно во медиумскиот сектор на Авганистан, ова сè уште им овозможува на кинеските претставници да влијаат на содржината, како и можноста да ја усогласат со интересите на кинеската држава.

Во меѓувреме, независниот медиумски сектор во Авганистан продолжува да се соочува со колапс.

Многу новинари избегаа, а бројни медиуми се соочуваат со неизбежно затворање, бидејќи медиумите некогаш финансирани од западните донатори ја изгубија финансиската поддршка.

Талибанските прописи, исто така, наметнаа сеопфатни системи за цензура, забранија забавни програми и филмови и поставија ограничувања за учеството на жените во медиумите.

Грипот ја зеде втората жртва - почина 69-годишен пациент на Инфективна клиника

Клиника за инфективни болести, Скопје
Клиника за инфективни болести, Скопје

На Инфективна клиника вчера починал 69-годишен пациент, кај кога бил потврдена лабораториски инфлуенца А.

Пациентот, како што информираше директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, бил со комордбидитети и не бил вакциниран против сезонски грип, иако бил во ризична група.

„Пациентот беше донесен во исклучително тешка општа состојба со развиена масивна бронхопневмонија. Пациентот веднаш беше третиран навремено од страна на медицинскиот тим во одделот за интензивна нега, но покрај сите преземени мерки, пациентот за жал почина. Треба да се напомене дека пациентот бил со повеќе коморбидитети: хронична опструктивна белодробна болест, кардиомиопатија и други заболувања. Многу е важно да се напомене уште еднаш дека пациентот не бил вакциниран, иако бил во групата на пациенти што требало да примат сезонска вакцина против грип“, изјави Цана.

Пациентот е од внатрешноста на државата, донесен во исклучително тешка состојба. Веднаш бил поставен на механичка вентилација, а кај него симптомите траеле пет дена пред приемот во болницата.

На Клиниката, како што информира Цана, моментално има хоспитализирано околу 25-30 пациенти со грип, од нив дел со полесна, а други со потешка клиничка слика, од кои неколку со кислородна поддршка, а само еден на механичка, како потежок случај.

Ова е втора жртва сезонава со грип, откако минатата недела на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина 75-годишна пациентка со грип.

Од 5 до 11 јануари, заболеле вкупно 2.322 лица, за разлика од неделата претходно кога бројот на заболени беше 1.725, според статистиката на Институтот за јавно здравје.

Во споредба со просекот од бројот на заболени минатата сезона, најновите бројки покажуваат дека има зголемување за 2,2 пати.


Рафинеријата НИС во Панчево започна со производство, објави српската министерката за енергетика

Илустрација: Полнење гориво на бензинска пумпа на Нафтената индустрија на Србија
Илустрација: Полнење гориво на бензинска пумпа на Нафтената индустрија на Србија

Започна производството во рафинеријата за нафта во Панчево, објави српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ на 18 јануари.

Овој објект на Српската нафтена индустрија (НИС) не произведува нафтени деривати речиси два месеци поради санкциите што ги воведоа Соединетите Американски Држави (САД) поради мнозинската руска сопственост во компанијата.

„Речиси 2.000 вработени работат напорно на производството, па затоа евродизелот ќе биде достапен на бензинските пумпи од 27 јануари“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии воведува ембарго врз НИС од 9 октомври.

Американската администрација бара руската страна да се откаже од сопственоста врз компанијата за да ја спречи Москва да ги користи приходите од енергија за потребите на војната во Украина, соопшти Вашингтон.

Руската државна компанија „Газпром“, нејзината подружница „Газпром Нефт“ и акционерското друштво „Интелиџенс“ од Санкт Петербург поседуваат 56,15 проценти од акциите во НИС, Србија 29,87, додека нешто помалку од 14 проценти ги поседуваат мали акционери.

Унгарската групација МОЛ е заинтересирана да го преземе рускиот удел во НИС, а српските претставници ја споменаа и државната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати АДНОК како друга заинтересирана страна.

Унгарските и српските претставници претходно објавија дека во недела, 18 јануари, може да се очекува да биде завршен договорот за купопродажба на рускиот удел и тој документ да биде доставен до ОФАК.

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и министерот Џедовиќ Хандановиќ изјавија на 15 јануари во Белград дека се во тек преговори меѓу руските сопственици, МОЛ и некои други потенцијални купувачи. Сијарто изјави дека постои можност во следните три дена да се постигне договор со „Газпромнефт“ за купување на мнозински удел во НИС.

Врз основа на привремена дозвола од американските власти, транспортот на сурова нафта што не е од руска природа до рафинеријата во Панчево преку Јадранскиот гасовод од Омишаљ во Хрватска започна на 13 јануари.

Министерството за финансии на САД издаде лиценца до 24 март за акционерите и заинтересираните страни да преговараат за промени во сопственичката структура на НИС, а на компанијата ѝ е дозволено да работи до 23 јануари.

Трамп порача дека е време за „ново лидерство“ во Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп изјави дека е време новите лидери да ја преземат власта во Иран откако десетици илјади демонстранти излегоа на улиците низ целата земја, туркајќи ја Исламската Република во една од нејзините најдлабоки кризи на легитимитет од револуцијата во 1979 година.

„Време е да се бара ново водство во Иран“, изјави Трамп за Политико во изјавата објавена на 17 јануари.

Трамп, исто така, директно го нападна врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој ја држи вистинската моќ во земјата 37 години и претходно го нападна американскиот претседател на социјалните медиуми.

„Она за што тој [Хамнеи] е виновен, како лидер на една земја, е целосно уништување на земјата и употреба на насилство на нивоа што не се видени досега. За една земја воопшто да функционира - дури и ако е на многу ниско ниво - раководството треба да се фокусира на правилно водење на својата земја, како што правам јас со Соединетите Американски Држави, а не на убивање илјадници луѓе за да ја задржам контролата. Лидерството се базира на почит, а не на страв и смрт“, рече Трамп.

Акцијата започна со економски протести

Најновиот предизвик за теократската влада избувна на 28 декември 2025 година, кога демонстрантите излегоа на улиците поради ослабената економија на Иран, пред протестите да ескалираат во антивладини демонстрации.

Норвешката организација „Иран хуман рајтс“ потврди најмалку 3.428 смртни случаи на демонстранти од страна на безбедносните сили, додека американската организација ХРАНА потврди 3.090 смртни случаи, вклучувајќи 2.885 демонстранти, со повеќе од 22.000 апсења.

Групите за човекови права предупредуваат дека реалниот број е веројатно поголем поради интернет блокадата воведена од 8 јануари, што сериозно ги попречи напорите за верификација.

Ограничувањата за интернет беа накратко укинати на 17 јануари, но групата за следење NetBlocks соопшти дека блокадата се чини дека е повторно воведена подоцна во текот на денот.

Трамп ја презеде водечката улога меѓу западните лидери во критикувањето на иранските власти за нивното брутално репресирање на демонстрантите низ целата земја. Европската унија, Обединетите нации и групите за човекови права, исто така, ја осудија иранската влада.

Трамп првично предупреди дека САД се „подготвени и целосно подготвени“ да преземат акција доколку иранските безбедносни сили убијат демонстранти. Подоцна се закани со „многу силни мерки“ доколку Иран ги обеси демонстрантите, откако се појавија извештаи дека притворениците се погубуваат.

На 17 јануари, Хамнеи го повтори своето тврдење дека САД ги поттикнале протестите во Иран и го обвини Трамп за смртните случаи.

„Го сметаме американскиот претседател за одговорен за страдањето, штетата и клеветите што им ги нанесе на иранскиот народ“, рече тој во годишниот говор по повод верскиот празник.

Планирани егзекуции на притворени демонстранти

На 16 јануари, Трамп јавно му се заблагодари на иранското раководство на социјалната мрежа Truth Social, пишувајќи: „Имам голема почит кон фактот дека сите планирани бесења што требаше да се извршат вчера (над 800 од нив) беа откажани од иранското раководство. Ви благодарам!“

„Вчера имавте закажано над 800 бесења. Никого не обесија. Ги откажаа бесењата. Тоа имаше големо влијание“, рече Трамп во одделни изјави.

Иран јавно не ги потврди плановите за егзекуција на 800-те демонстранти, ниту пак објави дека таквите планирани егзекуции се откажани.

Експертите велат дека јазот се продлабочува помеѓу владејачкиот верски естаблишмент и младото население на Иран, од кои многумина долго време бараат поголеми социјални и политички слободи во земјата на Блискиот Исток со околу 89 милиони жители.

Пејман Џафари, експерт за Иран на Колеџот Вилијам и Мери во Вилијамсбург, Вирџинија, беше цитиран од „Волстрит џурнал“ како вели: „Јазот помеѓу населението и државата стана непремостлив без големи компромиси“.

„Не гледам како, без големи промени, старата гарда може да преживее“, додаде тој.

Иако ноќните улични протести на 17 јануари покажаа знаци на намалување, независната верификација на извештаите останува невозможна поради речиси целосното исклучување на интернетот и комуникациските мрежи во Иран.

Реза Пахлави, син на покојниот шах на Иран, на 16 јануари изјави дека е уверен дека Исламската Република и нејзиниот режим ќе се урнат пред масовни протести.

„Исламската Република ќе падне - не ако, туку кога“, изјави тој на прес-конференција во Вашингтон. „Ќе се вратам во Иран“.

Поранешниот престолонаследник се појави како водечка опозициска фигура за време на немирите, иако иранската опозиција како целина останува фрагментирана и неорганизирана.

Странска поддршка

Демонстрантите добија широка поддршка на улиците и на митинзите во бројни градови во САД, Европа и на други места.

Иранскиот режисер Џафар Панахи упати итен апел на доделувањето на Европските филмски награди во Берлин до светот да „одговори“ на репресијата на властите.

„Ако светот денес не реагира на ова отворено насилство, не само Иран ќе биде во опасност, туку целиот свет“, рече тој за време на церемонијата на отворањето.

„Насилството на кое не се реагира станува нормализирано. А кога ќе се нормализира, се шири. Станува заразно.“

Панахи, кој претходно се соочуваше со затворска казна во Иран, вети дека ќе се врати во земјата за да продолжи да повикува на слобода.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG