Достапни линкови

Велковски: 18.000 празни работни места, а 32.000 семејства на социјална помош


Велковски - Пензискиот систем работи со дефицит, но засега е стабилен
please wait

No media source currently available

0:00 0:17:11 0:00

Велковски - Пензискиот систем работи со дефицит, но засега е стабилен

Илјадници работоспособни лица примаат социјална помош, додека работни места остануваат празни, вели во интервју за РСЕ Ѓоко Велсковски заменик министер за социјална политика, демографија и млади. Тој зборува и доцнењето на социјалните исплати, дефицитот во ПИОМ и мерките за младите.

Г-не Велковски, минатиот месец доцнеше исплатата на додатоците за социјално загрозените граѓани. Дали и следниот месец може да се очекува доцнење?

Да, гледам дека имаше реакции од опозицијата и од дел од пратениците за време на дебатата за Буџетот во Собранието и ние одговоривме неколкупати на оваа тема. Во самиот Закон за социјална заштита и Законот за детска заштита, каде што се утврдени овие права што ги користат граѓаните, е предвидено тие да се исплатуваат во тековниот месец. Никаде не е утврден точен период – дали до први или до 15-ти во месецот.

Правата беа исплатени на 11 декември за тековниот месец. Така што доцнењето, кое и претходно постоело како стандардна процедура - неколку дена од први до петти – е нешто што се обидуваме да го задржиме како пракса. Меѓутоа, со распределбата на буџетот што се случи на 9 декември во Собранието, беа допрецизирани одредени парични средства во рамки на потребите за исплата во социјалната и детската заштита и веќе следниот ден влеговме во процес на исплата.

Значи, тоа доцнење условно е неколку дена и не е прекршено ниту едно законско правило. Станува збор за процедура што постои со години – од први до петти – како процес на исплата на правата во рамките на нашето Министерство.

Значи, дали следниот месец сè ќе се одвива нормално?

Гарантирано е дека во текот на 2026 година, согласно буџетот што беше изгласан во Собранието во делот на социјалната заштита, правата ќе се исплаќаат редовно на сите корисници во текот на целата година.

Фондот за ПИОМ веќе со години функционира со значителен трансфер на пари од државниот буџет, а за 2026 година се бараат дополнителни над 200 милиони евра. Дали дефицитот станува хроничен проблем?

Проблемот што го спомнавте – дали станува хроничен – имаме ситуации и за тоа не треба да бегаме. За ова јавно говориме и премиерот во неколку наврати го истакна тоа на седници на Владата дека денес сме доведени во ситуација да имаме еден пензионер на еден и пол вработен како статистичка бројка во Македонија.

Тука е проблемот што државата мора да го надоместува како солидарен фонд, односно да издвојува дел од своите средства за исплата на пензиите. Затоа фокусот е ставен на зголемување на бројот на вработени, за пензискиот фонд по природен пат да се полни. Овој де факто дефицит, кој настанувал со години и денес е присутен, мора да се надополнува од државниот буџет, но доколку имаме повеќе вработени, тие ќе придонесуваат природно да се намали дефицитот. Работиме активно на оваа проблематика преку други мерки.

Морам да напоменам дека кога зборуваме за пензискиот систем, слушам гласини дека ќе се распаднел или дека нема да постои ако продолжи вака. Системот постои вака со години, функционира и државата во моментов го одржува стабилен. Слична состојба има и во Германија и Швајцарија – проблемот е сличен: стареење на населението и помал број вработени.

Но, колку е одржлив овој модел ако населението старее, наталитетот е низок, а младите забрзано се иселуваат?

Токму на тоа работиме. Затоа ги потенцирам мерките што се преземаат. Ако ги погледнете економските мерки во Македонија во последните 16 месеци, ќе тргнам од активниот план за вработување. Тие мерки постојат со години, но прашањето беше како се користеле. Денес, од 40 милиони евра што се издвојуваат годишно за активни мерки за вработување, 60 проценти се наменети за млади.

Целта е младите да бидат мотивирани, дел да отворат сопствен бизнис или стартап, а дел да се вработат кај дел од познати и големи работодавачи. Тоа е мотив за младите до 29 години, како најпотребна работна сила, да останат дел од пензискиот систем во Македонија.

Дополнително, проблем е и сивата економија – луѓе што не плаќаат придонеси, што директно го ослабува пензискиот систем. Затоа се зголемени контролите кај работодавачите.

Но ако нема кого да вработите – ако младите се иселуваат, а населението старее – дали размислувате за такво сценарио?

Според сите статистики што ги имаме, во Македонија сè уште има доволен број луѓе што можат да бидат вработени. Ќе дадам еден пример: во системот на социјална заштита денес имаме 32.000 семејства што користат гарантирана минимална помош. Семејства кои имаме баба, дедо, татко, мајка, ќерка син, кои во најголем дел тие се полнолетни и работоспособни како граѓани.

Потенцијал има, но да го репрограмираме буквално системот во државата. Не може само Министерството за социјална политика да делува и да прави активни мерки. Потребен е заеднички ангажман на целата држава и другите министерства кои треба заеднички да направат оваа потреба на работна сила која годинава, според податоците, има околу 18.000 испразнети работни места и тој јаз може да се надомести и од други ресурси што со години биле оставени надвор од пазарот на труд.

Во однос на младите, освен вработување, има ли мерки за домување, кредити, претприемништво?

Активните мерки веќе ги спомнав – самовработување, отворање бизниси со поддршка од 10 до 12 илјади евра за невработени лица до 29 години, вработување кај познат работодавач. Тоа се директни субвенции.

Покрај тоа, општините во координација со Министерството почнаа да ги намалуваат давачките за млади брачни парови при изградба или купување дом. Народната банка веќе најави мерка што е во процедура, а и Владата од 2026 година ќе има нова понуда за уредување на станбеното прашање.

Со оглед на високите цени на становите, особено во Скопје, поддршката од државата е неопходна. Мерките што ги преземаат Народната банка, општините и Владата очекуваме да дадат ефект во следната година, до година и пол, со цел младите да останат и да обезбедат сопствен дом во Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG