Пензионерот Драган Ивановски секое утро станува и оди на работа - во мал хотел на периферијата на Скопје, блиску до неговиот дом, каде од пред половина година го одржува зеленилото во дворот.
Во пензија отишол минатиот март, кога наполнил 64 години, возраста на која се пензионираат мажите во Северна Македонија.
„Работев во државна градежна фирма, која одамна се затвори. Останав на улица без доволно стаж, а млад за во пензија. Неколку години подработував како мајстор на куќи, се занимавав со земјоделство, се снаоѓав. Кога видов дека се гради хотел близу мене, им се понудив. Ја наводнувам тревата, ги поткаструвам дрвцата, по неколку часа во денот. А за тоа земам уште една плата“, вели Ивановски за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Сепак, тој не кажува децидно дали има писмен договор за ангажманот и дали платата ја добива на сметка или во плико.
Според сега важечката регулатива, пензионерите може да работат со договор на дело и со авторски договор, при што работодавците имаат обврска да плаќаат само 10 отсто персонален данок. Ако пензионерот се вработи, му се запира исплатата на пензијата.
Третата можност е работа „на црно“.
Работодавачот ќе плаќа данок и придонеси
Но, од 1 јануари, ангажирањето пензионери ќе биде регулирано со закон, што за првпат се носи во државата. Целта е да се задоволи потребата од работна сила и да се намали сивата економија.
Станува збор за Законот за работно ангажирање лица, кој, покрај пензионери, ќе опфаќа и студенти, невработени и самовработени лица.
Работата би била од повремена или сезонска природа, во три сектори - угостителство, земјоделство и услужни дејности. Тоа се дејностите на кои најчесто им требаат сезонски работници.
Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, вели дека очекувањата од новиот закон се да бидат опфатени околу 16.000 лица кои ќе бидат легално ставени во системот што ќе помогне во сузбивање на сивата економија.
„На пазарот на трудот има недостиг на работна сила, за жал. Би биле ангажирани и вработени и невработени лица, или луѓе кои работат една работа, ќе можат да работат и друга работа. Најмногу очекуваме студенти и пензионери. Проценките се дека околу 10.000 луѓе би биле ангажирани во услуги во домаќинство и во угостителството и околу 6.000 луѓе во земјоделство“, изјави Ристески за РСЕ.
Има можност опфатот да се прошири и на други дејности, како што е градежништвото, но за тоа дополнително ќе се разговара, вели Ристески.
Ангажманот на работниците е ограничен на најмногу 180 дена во една календарска година за секторот земјоделство и до најмногу 120 дена во годината во хотелиерство, угостителство и работа во домаќинства.
Работникот треба да добива паричен надомест за секој час ангажман. На сумата работодавачот е должен да уплати данок на личен доход, придонес за пензиско и за здравствено осигурување. Притоа државата ќе си ги наплати давачките, кои досега не можеше.
Засега не се знае колку пари државата ќе собере во буџетот од данокот на доход според овој закон. Првите проценки ќе се прават после шест месеци.
Ангажарините согласно овој закон нема да ги загубат веќе стекнатите права - социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна или старосна пензија, стипендија или право на редовни студии.
За да се олесни процедурата за работодавачите, ќе се воведе мобилна апликација преку која тие ќе можат веднаш да ги пријават или да ги одјават лицата што ги ангажираат.
Дополнителниот доход нема да влијае на висината на пензијата
Кај пензионерите засега нема зголемен интерес за овој закон, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.
„Можеби затоа што законот уште не е влезен во сила, или затоа што станува збор за привремен ангажман и во одредени дејности. Се уште има и отворени прашања. На пример, нашите предлози за овој закон беа да се плаќа повластена стапка на придонес за здравствено и за пензиско осигурување и остануваме на тие предлози“, вели Трајкова за РСЕ.
Пензионерите се „на цена“ на пазарот на трудот и во јавниот и во приватниот сектор. Од една страна работодавачите имаат потреба од кадар, а од друга на пензионерите не им е доволна пензијата.
Сегашната пракса покажува дека повремено, пензионери помагаат во некои маркети, во болници како болничари, во агенции за обезбедување.
„Речиси сите колеги се возрасни како мене, луѓе во пензија, младите не сакаат да го работат ова, а и платите не се атрактивни“, вели 64-годишниот Горан М. од Скопје кој работи преку агенција за обезбедување како обезбедувач во основно училиште во Скопје.
Ангажираните пензионери со овој закон би оствариле дополнителен стаж, но тоа нема да влијае на висината на пензијата.
„Тие ќе остваруваат само дополнителен доход, а пензијата ќе си тече редовно, како што ја земаат“, појаснува Ристески.
Во државата има околу 340.000 пензионери.
На Охрид и на Струга во сезона им се потребни околу 2.000 работници
Во Здружението на хотелиерски и угостителски бизнис (ХОТАМ) очекуваат новиот закон не да го реши проблемот со недостиг на кадар, бидејќи тука треба да помогне и образовниот систем, туку да ги регулира и олесни сезонските вработувања за бенефит да имаат и ангажираните и работодавачите.
„И досега ангажиравме студенти и пензионери, со договор на дело или баравме некој соодветен начин да ги ангажираме тие сезонски работници што сакаат да работат, а да не ги носиме од други земји. Студенти и сега работат, а тие сакаат платена работа. Имаме пензионери, на пример, кои работеле како рецепционери и се слободни повторно да се вклучат во сезона, кога има најмногу работа“, вели Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.
Според него, на Охрид и на Струга во летната сезона им се потребни околу 2.000 работници во хотелиерство и угостителство - половина во пониска категорија, а другата половина на раководни и менаџерски позиции.
Во лето, Северна Македонија има сезонска миграција меѓу 15.000-18.000 лица. Ги привлекуваат земјите покрај Јадранско море бидејќи сите кубурат со кадар за угостителство. Во Будва недостигаат повеќе од 8.000 сезонски работници, а во Хрватска се потребни околу 50.000-60.000 во сезона, според тамошните здруженија на угостители.
Хрватска во лето повлекува од 8.000-11.000 работници од Северна Македонија, најмногу од останатите држави, според податоци од агенции што посредуваат за работа во странство. Минатото лето, 13.412 македонски државјани добиле работни дозволи за работа во Хрватска.
Во ЕУ 13 отсто пензионери продолжиле да работат
Вкупно 13отсто вработени продолжиле да работат откако ја добиле првата пензија, покажува анкетата за работна сила во ЕУ на Евростат за 2024 година.
Меѓу оние кои продолжиле да работат, околу половина продолжиле како порано, додека за другата половина имало промени, како што се менување на работните места, работејќи помалку часови или работа на втора работа додека ја прекинале првата работа.
Најголем удел на луѓе кои продолжиле да работат е забележан во балтичките земји, Естонија (54,9 отсто), Латвија (44,2 отсто) и Литванија (43,7 отсто), додека најмал удел се регистрирани во Романија (1,7 отсто), Грција (4,2 отсто) и Шпанија (4,9отсто).