Достапни линкови

Успешната приказна на Сонита и Ферзије до дипломи, сон на многу Роми


Сонита Фејзовска - дипломиран педагог и Ферзије Асаноска - дипломирана економистка
Сонита Фејзовска - дипломиран педагог и Ферзије Асаноска - дипломирана економистка

Едната имала поддршка за да учи, а другата препреки со кои се борела за да стигне до високо образование. Младите Ромки, Сонита и Ферзије, имаат различни патишта и живеат на различни дестинации, едната дома, а другата во странство, но делат ист сон - да има што повеќе образовани Роми.

Битолчанката Сонита пораснала вo скромно, ромско традиционално семејство. Образованието, вели, не било тема на разговор дома. A таа на училиштето му се радувала уште од првиот школски ден.

„Завршив средно училиште затоа што за среќа е задолжително. Како и секој успешен ученик и јас имав желба да го продолжам своето образование. Сонував да студирам педагогија. Помислив дека не може да се оствари овој сон, но не можев да ја прифатам реалноста и почнав 'борба‘' против целото семејство кое беше против моето образование“, вели Сонита.

Се запишала на факултет, но веќе следниот ден родителите, вели, ја отпишале со објаснување дека Ромките не треба да се образoваат, но и поради финансии.

„Се сеќавам дека тој ден само плачев и бев разочарана што немам среќа како други кои се запишуваат на факултет, дури и без желба за студирање. По неколку дена се појавија добри луѓе во мојот живот. Ми помогнаа да се запишам повторно и ме поддржуваа. Добив стипендија за студенти Роми, а во втора година мојот успех беше препознаен од здружението 'Ромаверзитас' и бев второ наградена за највисоки резултати во студиите на ниво на цела држава“, се сеќава Фејзовска.

Таа дипломирала минатата година со просек 9,8, како една од најдобрите студенти на Педагошкиот факултет во Битола.

Сонита Фејзовска, дипломиран педагог
Сонита Фејзовска, дипломиран педагог

Пат без пречки

За разлика од Сонита, битолчанката Ферзије Асаноска вели дека немала пречки на патот до високо образование. Растела во мешана средина и имала голема поддршка и од семејството и од пријателите. Денес има диплома од Економскиот факултет во Прилеп. Но, кога ја гледа фотографијата од денот на дипломирањето, има измешани чувства.

„Пресреќна и прегорда сум и голема мотивација ми е тоа што сум единствената дипломирана Ромка на економски факултет од Битола и со тоа сакам да мотивирам. Но се потсетувам и дека на моја возраст има многу Ромки кои прекинале со образование, или се мажени или разведени со многу дечиња, а без образование. Жално е...“, вели 25-годишната Асаноска.

Таа е една од само десет дипломирани Ромки во 2021-ва година во земјава, кога високо образование завршиле вкупно 33 студенти Роми, според податоците од Државниот завод за статистика.


Ферзије сака да помогне овие бројки да пораснат и вели дека досега успеала да мотивира други Ромки да го следат нејзиниот пример. Организира работилници и обуки, но често е и на терен, како една од трите ромски образовни медијатори во Битола, ангажирани преку Министерството за образование и наука.

„Работиме на тоа да се подигне свеста, прво за основното училиште, конкретно училиштето „Ѓорѓи Сугаре“, каде во најголем процент учат Роми. Ние всушност сме линкот меѓу заедницата и институциите“, додава Ферзије.

Таа им укажува на родителите дека ако тие немаат образование, таков не мора да биде случајот со нивните деца, но и за тоа дека следуваат казни ако не се почитува задолжителното образование. За да бидеш успешен медијатор треба да си препознаен во заедницата и да пристапуваш народски, заклучува младата битолчанка.

„Кога ќе кажеш дека си од училиште, нема никакви конфликти. Посебно од политичките партии многу ги имаат излажано и изманипулирано и затоа немаат доверба во никој кога ќе им пристапиш вака на терен. Им кажувам дека сум Ромка. Морам тоа да го кажам на некои што не ме познаваат бидејќи сум бела. Веднаш прашуваат од која фамилија сум, ми ја знаат фамилијата, па продолжуваме со разговор на народски јазик “, истакнува медијаторката.

Ферзије - пример за другите ромски семејствата

На Ромите во Битола им помагаат околу документи и систематски прегледи за упис на првачиња, советуваат родители, наоѓаат отпишани ученици и ги враќаат во училиште.

Не можат точно да се избројат оние на кои им помогнале, но вели, годишно, тоа се сигурно над 150 - 200 Роми од различни категории. А во бројни волонтерски активности на своја иницијатива и преку невладиниот сектор таа е вклучена над 10 години. Смета дека концептот со ромски образовни медијатори функционира добро и сака да ги поттикне другите млади Роми кои сакаат да направат промена во заедницата да се вклучат.

Кога Ферзије гледа колку е мал процентот на високо образовани Роми во Битола, вели дека не може да седи со скрстени раце. Па често наместо да пие кафе со пријателите на Широк сокак, излегува на терен за да помогне, за децата Роми да не тргнат по лоши патишта.

Ферзије Асаноска, дипломирана економистка
Ферзије Асаноска, дипломирана економистка

Сонита - иста цел, но различна дестинација

Своето знаење и искуство од обуките со кои се надградува и од работата на терен, Ферзије е решена да го пренесува дома.

„Мојата цел е да останам овде и да помагам, не сум за во странство. Сонувам да останам тука и пред сѐ сакам подобрување во заедницата“, децидна е Асаноска.

Сонита, пак, сака да биде инспирација со својата борба, но не ја гледа иднината во земјава, иако на почетокот било така. Се разочарала кога на јавен оглас за вработување на негувателка, како што вели, однапред се знаело кои ќе бидат вработени.

„Само мене ми беше кажано дека не сум во комјутерот во партија. Мислев дека се бара квалитет и знаење, а не партиска членска книшка. За жал! Знаејќи дека нема да бидам вработена по струка, без врски и членска книшка, си аплицирав во Германија како социјален и рехабилитациски педагог во дом за деца без родители. Бев примена и по неколку дена се преселив, односно си заминав засекогаш од Македонија, за подобра иднина“, вели Фејзовска.

И двете сонуваат за заедница со што поголем број образовани Роми и имаат мастер студии во план. Сонита пишува и книга за интелектуалната попреченост и вели дека кругот на несвесноста за образованието и невработеноста треба да заврши со младите за да им се помогне на идните генерации.

„Запишете се на факултет! Денес имате многу можности како стипендии, студенски размени, студенска летна работа... искористете сѐ што ви се нуди! Се надевам дека и вие еден ден ќе имате своја приказна за раскажување и охрабрување. Сакам да сме во поголем број успешни Роми и да имаме поголема визија за значењето на образованието во нашите животи. За да успееме најважно е да се поддржуваме едни со други“, порачува Сонита, која вели дека била мотивирана да се бори за да биде самостојна жена која не е зависна од сопругот, како што е случај кај многу жени Ромки.

Со ангажирањето на ромски образовни медијатори во основните училишта ширум земјава, Министерството за образование и наука настојува да го унапреди основното образование и да ги поддржи учениците Роми. Здруженијата кои се фокусирани на помош за ромската заедница, се обидуваат да создадат квалитетно образовани генерации Роми. Но, статистиката покажува дека бројот на високо образовани Роми расте бавно.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG