По барањата на граѓаните за независен мониторинг на емисиите од цементарница Усје, компанијата тврди дека поставување на независни мерни станици околу и во дворот на фабриката, нема да покажат дали токму фабриката ја загадува околината, бидејќи, како што велат, податоците би биле „мешавина“ од повеќе извори – од сообраќај до загадување од мали бизниси.
„Направените мерења нема да се однесуваат само на ТИТАН Усје, туку во дворот на компанијата ќе се мери и влијанието од блиските сообраќајници, малите стопански објекти и т.н.“, велат од ТИТАН Усје во одговор за Радио Слободна Европа.
РСЕ ја праша компанијата дали е подготвена да дозволи поставување независни мерни станици во и околу цементарата како што бараат граѓаните од иницијативата „Стоп за Усје“ кои поради виско загадениот воздух во главниот град од декември започнаа со протести и блокади.
Граѓаните од „Стоп за Усје„ велат дека не веруваат во податоците од мониторингот кој го спроведува самата фабрика и сметаат дека таа загадува многу повеќе од тоа што го прикажува во своите извештаи.
Граѓанин кој живее во близина на Усје ни раскажа дека според него незавесен мониторинг е неопходен, а загадувањето во непосредната близина на цементарницата го опишува како „гасна комора“, драматично различно од другите делови на градот.
„Сфатив дека луѓето кои живат подалеку од ова населено место не се толку свесни за целата ситуација и како тоа луѓето живеат во овие населби“, вели за РСЕ 41-годишниот Гоце Јованчевски пред неколку месеци се преселил од скопската населба Ѓорче Петров во Аеродром, во близина на Цементарница Усје.
Ставот на компанијата е дека влијанието на цементарница Усје врз квалитетот на амбиентниот воздух може да се утврди исклучиво преку системот за мониторинг на емисиите којшто веќе е поставен на нејзините оџаци.
Според ТИАТАН Усје, овој систем функционира повеќе од десет години и обезбедува 24-часовно следење на излезните гасови, како што велат во согласност со националната регулатива и европските стандарди.
Како што наведуваат, на нивните оџаци е инсталирана опрема од германската компанија SICK, специјализирана за системи за мониторинг на индустриски емисии, а велат дека точноста на мерењата се потврдува со редовна калибрација и проверки од овластени меѓународни тела.
Резултатите од континуираниот мониторинг се прикажуваат според релевантните меѓународни стандарди, велат од Усје при што тврдат дека системот е независен и дека компанијата има улога само на корисник на мониторирана инсталација.
„Според стандардот, овој мониторинг систем е комплетно независен, односно ТИТАН Усје е само корисник - мониторирана инсталација“, велат од Усје.
Од друга стрнаа, барањата на граѓаните од „Стоп за Усје“ се компанијата да инсталира автоматизиран систем за континуиран мониторинг на емисии (CEMS), кој би бил директно поврзан со Министерството за животна средина и просторно планирање и би овозможил постојано следење, како и автоматско алармирање доколку емисиите ги надминат дозволените граници.
Според нив, независни мерни станици треба да бидат поставени во кругот и околината на Цементарница Усје, а резултатите од мерењата да бидат транспарентно објавувани во реално време и да бидат постојано достапни за јавноста.
Граѓаните наведуваат дека сè додека компанијата не даде согласност за независен мониторинг, нема да имаат доверба во тврдењата дека фабриката не придонесува за загадувањето.
Што значи независен мониторниг?
Во јавноста се зборува за неколку можности за независен мониторинг: Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да спроведува ненајавени инспекциски надзори во фабриката и веднаш да изврши мерења преку акредитираните лаборатории во земјава. Друга опција е поставување на мерни станици во периметарот на фабриката и на нејзините оџаци, како што сега бара граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, а претходно предлагаше невладината „Зелен Хуман Град“, која смета дека компанијата манипулира со податоците што ги објавува.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вели дека независен мониторинг според законската регулатива е обврска на самата инсталација, а дека инспекторатот иницира независни анализи преку акредитирани лаборатории само доколку има сомнеж за зголемено загадување.
„Инспекторатот има обврска да направи увид во инсталацијата, некогаш најавено, негогаш ненајавена, и доколку има сомневања може да земе примероци од фабриката - од оџакот и да изврши мерења во сетифицирана лабораторија за тој парамеметар“, вели Беса Татеши од Секторот за индустриско загадување и управување со ризик во Министерството.
На прашањето дали Министерството може да иницира мониторинг со поставување на независни мерни станици околу Усје, како што бараат граѓаните, Татеши одговори: „Да, тоа е можно, зошто да не.“
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) деновите по започнувањето на блокадите соопшти дека контроли се правени во фабриката и дека неправилности нема. Институцијата наведе дека во текот на 2025 година направиле вкупно шест инспекциски надзори во Усје.
Го прашавме Инспекторатот дали при овие инспекциски надзори биле ангажирани независни акредитирани лаборатории, од каде одговорија дека направиле „едно вонредно ненајавено мерење со нашата неакредитирана лабораторија за метода за емисии во воздух и немаше надминување на тоа што се мереше.“
Од ТИТАН Усје велат дека поставувањето на мерни станици за следење на квалитетот на амбиентниот воздух во урбани агломерации, како што е Скопје, е надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање и дека се спроведува според меѓународни стандарди вградени во домашното законодавство.
„Тоа значи дека мерењата мора да се вршат со калибрирани и прецизни уреди, а при изборот на локациите мора да се почитуваат јасни критериуми – оддалеченост од сообраќајници, растојание од директни извори на емисии (како оџаци), доминантен правец на ветер и други релевантни услови“, велат од Усје.
Цементарница Усје во производствениот процес користи петрол-кокс и алтернативни горива, меѓу кои и отпад, вклучително пластика и АРД, додека за загревање на фабриката користи мазут. Ова е наведено во важечката А-интегрирана еколошка дозвола на компанијата, која истекува во март 2027 година.
Во дозволата се вели дека алтернативното гориво опфаќа и согорување на пластичен отпад, како што е пластична амбалажа од комунален отпад, но и отпад од возила (пластика од искористени автомобили кои се демонтирани или механички обработени), како и отпад од земјоделството и шумарството.
Извештаите за мониторинг на емисиите што ги објавува Цементарница Усје покажуваат податоци за прашина, азотни оксиди и сулфур диоксид, но не и за концентрациите на тешки метали, а согорувањето на петрол-кокс на фабриката може да резултира со емисии на тешки метали во воздухот.
Во А-интегрираната еколошка дозвола се предвидени гранични вредности и за тешки метали во дел од табелите за емисии во воздух. Во документот е наведено дека мониторингот на тешки метали се врши периодично, при што во фуснота стои дека ако се користи алтернативно гориво повеќе од шест месеци, треба да се спроведат две мерења годишно, а ако се користи пократко од шест месеци – едно мерење.
Цементарниците мерат поширок спектар загадувачи
Од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ велат дека цементарниците во Европската унија, согласно Најдобрите достапни техники (BAT) од 2013 година, имаат обврска редовно да мерат поширок спектар на загадувачки супстанции – меѓу кои хлороводород, флуороводород, вкупен органски јаглерод, тешки метали, како и диоксини и фурани. Овие мерења, нагласуваат тие, се спроведуваат без оглед на тоа кое гориво се користи во производствениот процес.
Истовремено, тие укажуваат дека македонското Секторско упатство за најдобри достапни техники од 2007 година не е целосно усогласено со европските стандарди од 2013 година. Според „Зелен хуман град“, проблемот е што „Усје не ги применува ниту стандардите предвидени во домашното упатство“.
Како аргумент го посочуваат резимето на емисиите од производство на цемент, кое е дел од документот, каде што – според нив – не се опфатени сите клучни загадувачки супстанции што се стандард за мерење во индустријата.
Зелен Хуман Град наведува дека според резимето на емисиите од производство на цемент во Секторското упатство, нема дел од процесот во цементарницата кој не предизвикува емисии во воздух, при што сите емисии од печката се, делумно, и во почвата.
Тоа според граѓанската иницијатива вклучува цврсти честички, оксиди на сулфур, азот и јаглерод, испарливи органски соединенија, метали и нивни соединенија, халогени соединенија, диоксини и фурани, амонијак, како и бучава, вибрации и мириси.
Од ТИТАН Усје наведуваат дека ги следат нивните среднодневни емисии на месечно ниво и дека повеќе од десет години, на доброволна основа, редовно еднаш неделно ги објавуваат резултатите на својата веб-страница и ги доставуваат до медиумите.
Од Усје тврдат дека од 2007 година досега ниту еднаш не биле надминати граничните вредности на емисиите од оџаците, што, според нив, е резултат на континуираните инвестиции и навремено воведување нови технологии, дури и пред тие да станат законска обврска.
Обвинителството три години собира докази
Во јануари 2023 година, Град Скопје поднесе кривична пријава против Цементарница ТИТАН Усје и главниот извршен директор, Борис Хрисафов, поради наводно испуштање значително поголеми концентрации на ПМ10 честички и други загадувачки гасови над дозволените граници, што, според градските власти, претставува кривично дело „тешки дела против животната средина и природа“ согласно Кривичниот законик.
Тогашната градоначалничка Данела Арсовска рече дека измерените вредности на ПМ10 честички и азотни оксиди биле значително над дозволените, по што од Градот повикаа Јавното обвинителство темелно да ги истражи наводите и да постапи по пријавата.
Арсовска тогаш рече дека мерењата кои биле направени од независна и акредитирана лабораторија и биле доставени до Министерството за животна средина, до Град Скопје и како доказ приложени во кривичната пријава до Обвинителството, покажале сериозно надминување на дозволените граници за ПМ10 честички - наместо максимално дозволените 50 микрограми на метар кубен, била измерена концентрација од 121 микрограми на метар кубен.
И по три години од поднесувањето на кривичната пријава, Од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа велат дека предметниот јавен обвинител сѐ уште „презема дејствија за проверка на наводите“. Во рамки на постапката, Обвинителството побарало од Државниот инспекторат за животна средина да се произнесе за тоа дали постои поврзаност меѓу измерените концентрации на ПМ10 честички во непосредна близина и регистрираните емисии од Цементарница Усје во наведениот период.
„Се прибираат и други докази, а по комплетирање на доказниот материјал ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, велат од Јавното обвинителство, без да прецизираат рок до кога ќе заврши постапката.
Усје - обвинувањата не се фер
Усје по сегашните протести и блокади ги отфрли обвинувањата за загадувањето во јавноста оценувајќи ги како тенденциозни и неосновани. Компанијата смета дека не е фер вината за загадувањето да се насочува само кон нив.
Компанијата укажува на „повеќе студии“ кои според нив покажуваат дека дека најголемо влијание на квалитетот на воздухот во Скопје имаат начинот на затоплување на објектите, сообраќајот и горењето на отворено.
Од Усје велат дека влијание имаат и метеоролошките услови во градот: висока влажност, ниски температури, отсуство на струење на воздухот и појава на температурна инверзија придонесуваат за задржување на загадувањето.
Во декември 2025 година Советот на Град Скопје поддржа иницијатива за дислокација на Цементарница Усје надвор од Скопје. Советниците побара од Владата да разгледа почеток на постапка за преместување на фабриката и сите големи индустриски загадувачи. Премиерот Христијан Мицкоски на ова рече дека евентуалната дислокација „не е проблем“ за Владата и дека институциите ќе постапат согласно своите ингеренции.