Достапни линкови

Грешки на судии и обвинители ја ослободија „Серта“ од сомнежи за злоупотреби во државни тендери


Илустрација
Илустрација

Резиме

  • Врховниот суд уврди сериозни грешки на судии и Виши обвинители во случајот „Серта“. Поради тие пропусти „падна “ обвинението против фирмата за чистење за злоупотреба на постапка за јавна набавка.
  • Ова е еден од предметите кои му „пресудија“ на шефот на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулафи, кој поднесе оставка.
  • Додека траеше истрагата и судските процеси, фирмата доби тендери вредни речиси милион евра.

Шефот на скопското Вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи повеќе не работи како обвинител. Си поднесе оставка откако во изминатава година против него се водеа дисциплински постапки- за нестручни одлуки и „делење предмети на рака“ на Виши обвинители.

Еден од неколкуте предмети кои му „пресудија“ на Хајрулахи беше предметот против фирмата за чистење „Серта“, за кој истражуваше Радио Слободна Европа.

Станува збор за обвинение кое се однесуваше на начинот на кој фирмата „Серта“ добила тендери за чистење во владината Служба за општи и заеднички работи во 2018 и 2021 година.

Но, обвинението „падна“ во фаза на оценка во судска постапка, а причините за тоа Врховниот суд ги согледа во судиите од една страна, и во Вишите обвинители од друга страна.

Во меѓувреме додека траеше истрагата, па се до отфрлањето на обвинението, оваа компанија учествуваше на тендери.

Речиси милион евра е вкупната вредност на тендерите кои ги добила оваа фирма за чистење откако против неа било покренато обвинение за „злоупотреба на постапка за јавна набавка“, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Врховен суд: Грешките на виши обвинители и судии во корист на обвинетите

Откако обвинението „падна“ во Кривичниот суд, обвинителката во предметот Лиле Стефанова побарала вонреден правен лек од Врховниот суд.

Врховниот суд во пресудата, оценил дека судии и Виши обвинители сториле „суштествени повреди“ на кривичната постапка во корист на обвинетите.

„Со оваа пресуда не се засега во правосилното решение“, се вели во одлуката на Врховен суд.

Тоа значи иако врховните судии откриле грешки во постапката, нивната одлука нема да влијае врз онаа на Советот за оценка на обвинителниот акт, каде што „падна“ обвинението.

До објавувањето на овој текст од фирмата „Серта“ не одговорија на новинарските прашања на РСЕ во однос на пресудата на Врховниот суд.

Судии ја направиле првата штета

Највисокиот суд во земјава смета дека првата повреда на кривичната постапка е направена во Советот за оценка на обвинението со пречекорување на законски овластувања. Врховниот суд заклучил дека наместо да ценат дали на законски начин се добиени доказите, проверувале дали се доволно добри за да се утврди вина.

„Бидејќи Советот не е овластен да цени дали фактите и околностите на кои се заснова обвинението пружаат сигурен доказ дека обвинетите го сториле делото кое им се става на товар, затоа што, тоа е нешто што се цени во контрадикторна постапка на расправа од страна на судечкиот совет“, се вели во пресудата на Врховниот суд донесена во ноември 2023 година.

Предметот за Серта им „пресуди“ на Виши обвинители

Дополнително Врховниот суд, во својата пресуда за заштита на законитоста утврдил уште една повреда на кривична постапка направена од Вишото скопско јавно обвинителство во корист на обвинетата компанија.

„Воедно овој суд укажува дека ваквата повреда сторена од страна на Советот за оценка на обвинителниот акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, се вели во пресудата.

Според извори од Обвинителството за РСЕ, токму овој предмет е еден од неколкуте за кои се водеше дисциплинска постапка против вишите јавни обвинители Јован Цветаноски и неговиот шеф Мустафа Хајрулахи, кои според дисциплинската комисија со нивното непостапување по предметите, пред Апелација ѝ нанеле штета на државата.

Според соопштението на обвинителството од јуни годинава, дисциплинската комисија по увидот во предметите заклучила дека обвинителите Хајрулахи и Цветаноски „намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки“.

Според одлуката на дисциплинската комисија Цветаноски за нестручно однесување, односно неповедување на жалба пред Апелациониот суд за четири предмети е казнет со шестмесечно намалување на платата од 30 отсто.

Против неговиот шеф Хајрулахи, кај кого Цветаноски реферирал за предметите, и кој му ги доделил предметите за работа, комисијата поведе постапка за разрешување пред Советот на обвинители. По неколку месечната суспензија, во очекување на разрешување, на 11 декември, Хајрулахи поднесе оставка.

Ова ги покренува прашања за системските недостатоци и одговорноста во рамките на правосудниот систем. Но, од друга страна отвора и прашање во делот на јавните набавки.

За што се сомничеше „Серта“?

Според кривичната пријава која Финансиската полиција ја доставила во 2022 година против фирмата „Серта“, постоел основан сомнеж дека наводно со лажни документи, фирмата добила два тендера во вкупна вредност од околу 5 милиони евра.

„Против оваа компанија до Кривичниот суд беше доставен обвинителен акт во мај 2023 година“, одговорија од Обвинителството за Радио Слободна Европа.

За оваа истрага Радио Слободна Европа пишуваше во 2022 година. Инспектори од Финансиската полиција тврдеа дека на терен не ги нашле машините и количките со кои „Серта“, наводно на хартија ги исполнила критериумите за да го добие тендерот.

Тогаш од фирмата „Серта“ во одговори на новинарски прашања на Радио Слободна Европа ги демантираа сомнежите на финансиските инспектори.

До правосилност на пресуда фирми можат да учествуваат во тендери

Додека се одигрува „правната драма“ околу случајот во периодот од две години, оваа компанија чисти во државни институции како Министерство за внатрешни работи и владината Служба за општи и заеднички работи.

Само од почетокот на годинава до сега наплатила околу 300 илјади евра, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.

Фирмата „Серта“ беше една година под истрага и една година во судски процес по покренато обвинение. Таа од институциите не доби негативна референца со која се забранува одредено време учество на тендери.

Од Бирото за јавни набавки за РСЕ велат дека една компанија може да биде исклучена од системот за јавни набавки само ако е донесена правосилна пресуда во која фирмата ќе биде осудена за коруцпија, перење пари, затајување даноци, злосторничко здружување, како и дела поврзани со тероризам и трговија со луѓе или злоупотреба на детски труд.

„Но, треба да се потенцира дека обврската за исклучување се однесува на економски оператори за кои во последните пет години е изречена правосилна судска пресуда. Не и на економски оператори за кои е покренато обвинение и се води судски спор или е изречена пресуда која не е правосилна“, се вели во одговорот од Бирото.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, фирмата била казнета со неучество во јавни набавки во период од 11 март 2024 година до 11 септември 2024 година поради тоа што не прифатила исправки на, како што се вели во објавата, „аритметички грешки“.

Според законот само институциите кои објавуваат тендери одлучуваат за негативна референца,односно за евентуална шестмесечна забрана за учество на тендери, само ако е прекршен договорот за јавната набавка.

Георгиев: Институциите треба да проверуваат со кого склучуваат тендери

Поранешниот антикорупционер Владимир Георгиев вели дека кога некоја фирма е обвинета или постои сомнеж за злоупотреби во делот на јавните набавки, потребно е да биде ставена на посебна листа. Тој додава дека е неопходно институциите да ги проверуваат компаниите кои им се јавуваат на тендери дали и во која обем биле претходно вмешани или обвинети за коруптивни дејствија.

„Сето тоа треба да го има предвид при конечното избор на на фирмата. Сепак, доколку против одредена фирма била водена постапка, било после тоа утврдено дека постапката, еве да речеме од страна на јавното обвинителство не била соодветно спроведена постапката, тоа не значи дека фирмата не сторила злоупотреби“, вели Георгиев.

Случајот со австриецот Гампер кој побегна од земјава застаре

Тендерите за чистење и обезбедување во државните институции и претходно го привлекуваа вниманието на обвинителството. Во 2015 година за злоупотреба на јавна набавка беше обвинета сега веќе непостоечката „Секјуриком“ која тогаш беше задолжена за чистење во речиси сите државни институции.

Предметот за тендери „тешки“ 10 милиони евра во 2018 година пристигна во Кривичниот суд. Сопственикот на фирмата, Австриецот Вонфганг Гампер, побегна а меѓу осомничените беше и поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски, кој помина неколку месеци во притвор.

По десетгодишна судска постапка, во септември годинава предметот стигна до Врховен суд. Но, тој не ги разгледуваше судските постапки затоа што застарело делото.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG