Сериозна загриженост за измените за законот за јавни набавки им изразила Европската Унија на македонските владини претставници, велат од Делегацијата на Европската Унија во Скопје за Радио Слободна Европа.
Според нив, проблематични се неколку аспекти во предлог законот. Она што најмногу ги загрижува, како што велат, е елиминирањето на административните контроли и најавеното разрешување на сите членови на Државната комисија за жалби.
„Делегацијата на ЕУ, исто така, изрази сомневање за тоа како сегашните измени на Законот ќе се однесуваат на препораките нагласени во последниот извештај на ЕК за земјата. Имено, да се зголеми употребата на критериумите за економски најповолна понуда (МЕАТ) за доделување на понуди, да се усвојат Закон за јавно приватно партнерство и за подобрување на координацијата меѓу клучните чинители за борба против корупцијата“, се вели во одговорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје за Радио Слободна Европа.
Оттаму додаваа дека одблиску ги следат случувањата околу измените на законот за јавни набавки.
Овој предлог закон првично беше доставен во Собранието по скратена постапка, но по бурните реакции во јавноста за постапката и за суштината на измените, беше повлечен и истиот (непроменет) повторно доставен во редовна постапка без промени во суштината.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на последниот брифинг со новинарите на крајот на минатата година изрази задоволство што владејачкото мнозинство пратеници имало слух за критиките на јавноста и се одлучиле да ја сменат постапката на носење на законот.
„Кој колку може, јас толку можев, како што оди постапката ќе има можност за амандмани и расправа,“ кусо одговори тој на прашањата на Радио Слободна Европа на брифингот.
Тој додаде дека барањето на опозицијата за јавна експертска дебата не било прифатено од пратениците, но во редовна постапка сепак имало доволно простор за дебата и јавна дискусија.
Законот е ставен на второ читање пред пратениците, што во пракса би значело дека веќе следниот месец може да се најде на пленарна седница за гласање. Но, за суштината на законот за која се загрижени европските претставници во земјава и македонскиот невладин сектор Гаши нема коментар.
„Не сакам да навлегувам во содржината, бев информиран дека се консултирани експерти од мисијата на ЕУ кај нас. Мислам дека содржината е добра, се работи за различни партии и различни гледишта. Ќе видиме како ќе функционира, а ако не е во ред ќе имаме можности да го подобриме законот во секое време“, додаде тој на брифингот со новинарите.
Но, токму од Делегацијата на Европската Унија изразија сериозна загриженост за суштинските измени во него.
Според групата пратеници кои се предлагачи на измените на законот, целта е зајакнување на системот на јавни набавки.
„Се вршат одредени интервенции со цел постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан“, се вели во предлог законот.
Но, измените во него се однесуваат на укинување механизмот за управна контрола кој е во надлежност на Бирото за јавни набавки, а кој сега има обврска само повремено да прави проверки додека трае тендерската постапка.
Европската Комисија во последниот извештај за напредокот на земјава, препорача унапредување на овој сегмент, особено на локално ниво, а не негово укинување.
Антикорупциската проверка укажува на ризици од корупција
Сериозна загриженост изрази и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради предложените измени и отпочна со спроведување на антикорупциска проверка. Резултатите им ги доставила на предлагачите на 26 декември.
„По спроведување на проверката, Државната комисија препозна постоење на можни регулаторни ризици од корупција во повеќе одредби од предложениот закон“, се вели во одговорот од ДКСК за РСЕ.
Регулаторните ризици, односно дел од потенцијалните проблеми во законот се однесуваат на транспратеноста и на управната контрола. Антикорупционерите заклучиле дека со замената на управната контрола со административна проверка на тендерска документација, „се разлабавуваат“ критериумите за контрола врз тендерите.
„ Со предложените законски измени се истиснува и улогата на министерот за финансии, односно истиот нема да има обрска подетално да ги пропишува начинот на избор на постапки кои ќе будат предмет на административна проверка, ... што не беше случај со управната контрола“, се вели во мислењето на ДКСК по спроведената антикорупциска проверка на предлог законот за јавни набавки.
Во него е посочено дека повторно е забележано дека се прави ист пропуст како во претходниот закон, односно не е утврден контролен механизам во случај кога Бирото прави административна проверка на јавна набавка што ја спровела самата институција, ниту пак се поставени јасни критериуми според кој треба да бидат исклучени одредени државни службеници од Бирото при спроведување на административната проверка.
Антикорупционерите сметаат дека е потребно системско решение со кое ќе се зајакне контролниот механизам на целокупните постапки, не само до фазата на објавување на огласот, имајќи ги в предвид ризиците во однос на евалуацијата на понудите од економските оператори.
Во однос на одредбата во предлог законот за предвремена смената на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки за која и ЕУ изрази загриженост, антикорупционерите утврдија дека незаконска.
„Се чини дека со истата не се почитуваат начеката на законитост, еднаквост, јавност, етички норми и професионални стандарди, без дискриминација или повластување на кој било со целосно почитување на јавниот интерес“ се вели во мислењето на антикорупциската проверка.
Антикорупционерите бараат системски пристап со вклучување на сите надлежни институции при измена на закон кој е еден од клучните во Националната стратегија за борба против коруцпијата.
Невладиниот сектор бара да биде вклучен во измените на законот
Невладиниот сектор со месеци предупредува на корупциските ризици од предлог законот за јавни набавки и бара негово целосно стопирање по што би се вклучиле во негово подобрување. Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат дека ги загрижува оваа идеја за смена на членовите на Државната комисија без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникаци вели дека управната контрола требаше да се јакне, а не да се укинува.
„ До сега се спроведуваше управна контрола само на големи тендери како тие над 500 илјади евра за стоки и услуги и над 2 милиони евра за работи. Сакавме Бирото да го зголеми тоа одделение на управна контрола, да се зголеми контролата и над другите тендери, повеќе по случаен избор, повеќе по основ на ризиците од корупција. Ако институциите знаат дека секој нивни тендер условно може да влезе под управна контрола, поинаку ќе се однесуваат. Но, наместо тоа сега имаме укинување на управната контрола“, изјави неодамна Филков за РСЕ.
Според последниот извештај на Европската Унија, македонското законодавство до сега беше усогласено со европските директиви, но проблемот е спроведувањето на законите и контролните механизими.
Како клучен проблем се наведува недоволниот капацитет на Државната комисија за жалби по јавни набавки, како и потребата од дополнителен квалификуван кадар за да се осигури навремено постапување по жалбите.
Пазарот на јавни набавки во земјава изнесува 11 проценти од бруто домашниот производ. Државата е најголем и редовен потрошувач на стоки и услуги. Само во 2023 година 28,3 проценти од државниот буџет бил потрошен за јавни набавки. Проблемот што го забележува ЕУ е дека, конкуренцијата во понудата на тендерите и натаму е ограничена. Според податоците од Центарот за граѓански комуникации, 10 фирми за пет години добиле милијарда евра од државата за тендери.